1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Освежувањата“ во ДУИ во сенка на обвинувања за злоупотреби

ДТЗ
3 јули 2023

ДУИ избра претседатели на 14 ограноци и ги истисна „огнените“ од своите редови. Партискиот лидер Али Ахмети вели дека не се сите ангели во ДУИ и бара меѓународни експерти во борбата против корупцијата.

ДУИ
Внатрепартиското изборно „освежување“ во ДУИ во сенка на обвинувањата за злоупотребиФотографија: DW/P. Stojanovski

Внатрепартиските избори во најголемата партија од албанскиот блок, која што е дел од владината коалиција - Демократска унија за интеграција (ДУИ) поминаа во сенка на обвинувањата за корупција и злоупотреби. 

Партијата изминатиов период се соочуваше со внатрепартиски превирања и фракции, но и со обвинувања за злоупотреби, коишто кулминираа со ставањето на црната листа на струшкиот градоначалник, Рамиз Мерко, еден од ударните кадри во партијата. Обрачот полека се стега и околу лидерот на партијата, Али Ахмети, откако во јавноста речиси секојдневно почнаа да се обелоденуваат „бизнис успесите“ на неговите внуци и поблиското семејство. 

„Огнените“ го изгубија Чаир 

ДУИ избра претседатели на 14 ограноци и ги истисна „огнените“ од своите редови. Се гласаше за избор на претседатели на ограноци, членови на ограноците, претседатели на локални совети и членови на раководството на локални совети во ограноците: Бутел, Чаир, Дебар, Јегуновце, Кичево, Крушево, Куманово, Липково, Битола, Петровец, Пласница, Преспа, Шутка и Велес. 

„Огнената група“ која функционира како фракција на ДУИ преку соопштение оцени дека внатрепартиски избори во ДУИ се нестатутарни и организирани со диктат. Фотографија: Petr Stojanovski

„Огнената група“ која функционира како фракција на ДУИ преку соопштение оцени  дека внатрепартиски избори во ДУИ се нестатутарни и организирани со диктат.  „Ова е само евтин театар за дефокусирање на јавноста. Процесот е фарса, бидејќи е сосема нестатутарен и згора на тоа претседателите се веќе избрани по диктат на пратседателот Али Ахмети пред извесно време“, порачаа од фракцијата, откако еден од водачите на „огнените“ - Изет Меџити, кој беше поранешен градоначалник на Чаир и висок функционер во ДУИ, по судирот со сопартиецот Артан Груби, ја изгуби можноста да застане на чело на партискиот огранок во Чаир. На негово место доаѓа Беким Незири, поранешен министер и ексдиректор на ПИОМ. 

Во Струга внатрепартискиот изборен процес е во мирување, додека не се расчисти маглата која што се крена околу струшкиот градоначалник, Рамиз Мерко кој се најде на црната листа на Стејт департментот, а против него и неговото најблиско семејство се воведени и санкции. 

„Не се сите ангели“ 

„Не се сите ангели во ДУИ“, порача Ахмети во неделата (2.07) во Тетово, по завршувањето на внатрепартиските избори. Тој бара меѓународни експерти за кредибилен процес во борбата против корупцијата. 

На прес-конференцијата одговарајќи на новинарски прашања поврзани со дилемите дали има влијание и корупција околу бизнисите на членовите на неговото пошироко семејство и во ДУИ, Ахмети рече: „Борбата против корупцијата не е лесна, доколку нема одржливо партнерство меѓу политичките партии. Јас сум кажал дека не се сите ангели во ДУИ, но јас имам политички органи, немам јас обвинителски органи. За да биде процесот кредибилен бараме меѓународната заедница да прати меѓународни експерти за да стане доверлив процесот“. 

Во Струга внатрепартискиот изборен процес е во мирување, додека не се расчисти маглата која што се крена околу струшкиот градоначалник, Рамиз МеркоФотографија: Petr Stojanovski

Тој вели дека е подготвен да се отвори истрага за сите во ДУИ, почнувајќи од него. 

„Нема ниту амнестија ниту засолниште во ДУИ. Но, додека не е утврдена вина, ние не може да правиме лов на вештерки. И да ги ставиме на гилотина луѓето, туку да се направи истражен процес за сите тие кои има сомнеж дека злоупотребиле“, порача Ахмети.

Вавите изјави следат откако беше обелоденето дека неговиот внук Дрин Ахмети е сопственик на една од компаниите која го купува Бизнис-центарот „Соравија“ во Скопје. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи се на документи добиени од свиркачи, обелодени и дека синот на Али Ахмети, Шкумбин Ахмети, заедно со двајцата внуци, Дрин и Бесијан Ахмети, влегуваат во бизнис за изградба на фотоволтаична централа од 60 мегават-часа која ќе биде во јавно-приватно партнерство со државата. 

За барањето на ВМРО ДПМНЕ за одговорност поради бизнисот со фотоволтаици на негови блиски, Ахмети вели дека никој не е под негова лична заштита, ниту на ДУИ. „Се што е законски треба да се почитува, сè што е незаконски, да се казни. Но, јас не можам да забранам никому да имаат своите приватни бизнис ангажмани. Нека излезе кој било да каже дека е злоупотребена некоја институција, компанија во мое име, во име на функцијата која ја имам како претседател на партија или како пратеник тогаш тоа е друго прашање“, вели Ахмети.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми