Во автобуска несреќа во ЈАР загинаа најмалку 45 лица
29 март 2024Во автобуска несреќа во јужноафриканската провинција Лимпопо загинаа најмалку 45 лица. Според соопштението на јужноафриканското Министерство за транспорт, едно лице преживеало со тешки повреди. Според првичните сознанија, возачот изгубил контрола над автобусот и паднал од мост кај Ммаматлакала во провалија, каде возилото се запалило. Несреќата ја преживеа само осумгодишно дете. Тоа е тешко повредено. Операцијата за пребарување продолжува, но, како што се вели, многу тела се изгорени до непрепознатливост и сѐ уште се заробени во остатоците од автобусот.
Автобусот имал боцвански регистарски таблички, а националноста на патниците сѐ уште се проверува. Властите претпоставуваат дека автобусот бил на пат од соседна Боцвана кон градот Морија, познат како популарно место за аџилак на Велигден. Возачот најверојатно изгубил контрола над возилото.
Министерката за транспорт на Јужноафериканската Република (ЈАР), Синдисиве Чикун во моментот на несреќата била во провинцијата Лимпопо на кампања за безбедност на патиштата. Таа ги променила плановите и се упатила на местото на несреќата, соопшти нејзиното министерство. Министерката на лице место објасни дека истрагата за трагедијата е во тек и им изрази сочувство на семејствата на жртвите.
Владата предупредува на опасност од сообраќајни несреќи, особено околу велигденските празници. Во ова време има особено голем обем на сообраќај. На велигденскиот викенд минатата година во сообраќајни несреќи во ЈАР загинаа повеќе од 200 луѓе.