1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во депонијата Дрисла влегува и полицијата

ДТЗ
12 септември 2025

Премиерот Христијан Мицкоски смета дека е „чудно како во одредени јавни претпријатија каде што свои кадри има ДУИ се случуваат вакви работи“. Тој најавува дека сите виновници ќе бидат изведени пред лицето на правдата.

Депонија Русино кај Гостивар
Во депонијата Дрисла влегува и полицијата - детална истрага за пожаритеФотографија: DW/S. Toevski

Депонијата Дрисла и понатаму чади и го загадува воздухот во главниот град. Скопјани и изутрината се разбудија во град каде воздухот мириса на изгорена пластика и кој е во магла. Мерните станици во одредени делови на градот покажуваат голема концентрација на ПМ 2,5, но и на ПМ 10 честички. Па така, концентрација на ПМ 2,5 честички во Лисиче изутрината беше 7,9 пати поголема од годишната препорачана вредност на Светската здравствена организација, според податоците на „Ај-кју-ер“.

Опозицијата смета дека власта е виновна што скопјани се трујат од депониите.

„Пожарот во Дрисла сѐ уште не е изгаснат, власта со денови не може да се справи додека скопјани се трујат. Ова е крајно неодговорно кон граѓаните, кон најважното - здравјето и претставува сериозна закана за уште поголема катастрофа, поради тоа што постои опасност пожарот да дојде до метанот кој се наоѓа под слоевите земја и да настане и експлозија“, велат од СДСМ.

Кој го пали огнот во Дрисла?

Премиерот Христијан Мицкоски е дециден дека работат на решавање на проблемот. Покрај обвинителството, каде што веќе се во тек истражни дејствија, во депонијата Дрисла влегува и полицијата. Мицкоски смета дека е „чудно како во одредени јавни претпријатија каде што свои кадри има ДУИ се случуваат вакви работи“. 

Мицкоски смета дека е „чудно како во одредени претпријатија каде што свои кадри има ДУИ се случуваат вакви работи“Фотографија: Government of North Macedonia

„Како влада и институции ги преземеме сите мерки. За Вардариште имаме осомничени лица, кои се приведени и за кои се покажа дека ја користеле илегалната депонија да произведуваат метали, за подоцна нелегално да ги продаваат. Таму од вчера има приватно обезбедување ангажирано од неколку општини, обезбедивме и градежна механизација и Вардариште е обезбедено. Останува Дрисла“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по промовирањето на изборната коалиција за претстојните локални избори во Македонија.

Мицкоски вели дека депонијата Дрисла била санирана вчера, но од некои чудни причини пред крајот на ноќта повторно се распламтела. „Денеска таму ќе се позанимава МВР. На линија сме со директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, и очекувам проблемот да биде саниран. Сочувствувам со секој граѓанин кој го чувствува сето ова, но чудно е како во одредени јавни претпријатија каде што свои кадри има ДУИ се случуваат вакви работи. И тоа ќе го истражиме, и ќе обезбедиме соодветни докази како пожар кој беше ставен под контрола, одеднаш повторно се распламти“, вели премиерот, кој изрази сомнежи зошто пожарите се случуваат токму пред локалните избори. 

Депонијата Дрисла и понатаму чади и го загадува воздухот во главниот градФотографија: Emilija Petreska/DW

„Вистинското прашање е кому сето ова му одговара. Ќе се занимаваме со ова прашање и сите виновници ќе бидат изведени пред лицето на правдата“, рече Мицкоски.

Од Дирекцијата за заштита и спасување информираа дека во текот на вчерашниот ден е затрупан дел од просторот на депонијата Дрисла од кој имаше чадење. Затрупувањето продолжува со засилено темпо, откако биле извршени неколку логистички зафати кои овозможуваат полесен и побрз пристап до критичната точка.

„Чадењето од депонијата Дрисла е сè уште присутно, но во многу помал обем. Тоа не е причина за утринската магла во Скопје. Дивата депонија Вардариште, пак, е целосно изгасната и од неа нема никакво чадење“, вели директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.

Сомнежи

Од ЈП Дрисла преку соопштение апелираа до МВР да ги најде и санкционира потпалувачите на пожарите во депонијата, за кои сметаат дека има сомненија дека се политички мотивирани. Од Дрисла тврдат дека работат според предвидените процеси и стандарди и оти тие не се причина за загадувањето.

Во соопштението се наведува дека Дрисла е единствената санитарна лиценцирана депонија која од 2022 година не согорува отпад, туку со автоклав стерилизира и компримира со што од истата нема никаква можност за загадување. „Сите тековни активности на претпријатието се извршуваат согласно техничко – технолошкиот проектиран процес имајќи ги предвид заштитата на животната средина, здравјето на човекот и природата, а во согласност со постоечките законски прописи“, велат од Дрисла.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми