1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ОпштествоГлобално

Дoчек на 2026: Раскошни огномети и засилена безбедност

БЈ | агенции
1 јануари 2026

Од Сиднеј до Париз и Њујорк, толпите народ во новата година зачекорија со големи прослави проследени со громогласен огномет или светлосно шоу, додека пак други имаа потивок пристап.

Огномет кај Бранденбуршката порта во Берлин на новогодишната ноќ. На портата со светлисни бројки стои 2026
Огномет кај Бранденбуршката порта во Берлин на новогодишната ноќ Фотографија: Axel Schmidt/REUTERS

Точно на полноќ во Јапонија, заѕвонеа ѕвоната во храмовите, а луѓе се искачуваа на планините за да го видат првото изгрејсонце во годината, додека пак шоу со светла и салто со џет-скии имаше во Дубаи. Одбројувањето до 2026 година беше проектирано на Триумфалната капија во Париз, додека во Москва луѓето славеа на снег.

На Тајмс Сквер во Њујорк, славениците им пркосеа на ниските температури за да прослават со прочуеното спуштање на топката за Нова Година. Во Рио де Жанеиро, толпите се собраа долж повеќе од 4 километри на плажата Копакабана на концерти и 12-минутен огномет, и покрај плимата и големите бранови. На други места беше потивко.

Прославата на Копакабана беше одбележана со музички настапи во живо покрај моретоФотографија: Daniel Ramalho/AFP

Во Хонг Конг прославите беа ограничени, откако во неодамнешниот пожар во станбен комплекс загинаа 161 лице. Австралија ја поздрави новата година со пркос по помалку од еден месец откако ѝ се случи најстрашното масовно пукање во речиси 30 години.

Топката во Њујорк

Луѓето нагмечени во пркос на ниските температури извикуваа и се прегрнуваа додека новогодишната топка покриена со повеќе од 5 илјади кристали се спушташе по столбот, а конфети паѓаа на Тајмс Сквер. Славениците со празнични шешири и ѓердани што светат, со часови чекаа да го видат спуштањето на топката  тешка 5.602 килограми. Дел од прослават беше и изведбата на песната „Imagine“ од Џон Ленон непосредно пред полноќ.

Телевизиските водители интервјуираа посетители од места како Флорида, Мексико и Јужна Кореја и ги читаа желбите на луѓето за новата година. Ученик од шесто одделение од Далас, Тексас, на еден од водителите му рече дека си посакува добри оценки во 2026 година и годината да му биде подобра. Полицијата во градот имаше разработено дополнителни анти-терористички мерки на настанот за спуштање на топката, вклучително и „мобилни скрининг тимови“.

Илјадници луѓе се собраа на Тајмс Сквер за да го прослават почетокот на 2026 година во ЊујоркФотографија: Kylie Cooper/REUTERS

Тоа не било одговор на конкретна закана, наведе комесарката на њујоршката полиција, Џесика Тиш. Неколку моменти откако топката се спушти, таа повторно се вивна во висина во црвена, бела и сина боја, во знак на одбележување на претстојниот 250-ти роденден на државата. Нешто подалеку, во станица од метрото која веќе не е во употреба, Зохран Мамдани положи заклетва како градоначалник на Њујорк на приватна церемонија веднаш по полноќ.

Засилени безбедносни мерки во Сиднеј

Големо полициско присуство за надзор на толпата што го гледаше огнометот во Сиднеј. Многу полицајци видливо носеа автоматски пушки, новитет на ваков настан, откако две вооружени лица извршија напад за време на одбележувањето на еврејскиот празник Ханука на плажата Бондај на 14 декември, при што беа убиени 15 лица. На час пред полноќ, се оддаде почит на жртвите со минута молк, а толпата беше повикана да покаже солидарност со еврејската заедница во Австралија. Премиерот на Нов Јужен Велс, Крис Минс, ги повика жителите да не ги избегнуваат прославите, наведувајќи дека екстремистите ќе го толкуваат тоа како победа. „Мора да покажеме пркос во однос на тој ужасен злостор“, рече тој.

По терористичкиот напад на плажата Бондај, Сиднеј ја дочека Новата година побезбедно но еднакво раскошноФотографија: Claudio Galdames Alarcon/Anadolu Agency/IMAGO

Војни и катастрофи фрлаат сенка

Индонезија во знак на солидарност со заедниците погодени од поплави и одрони на земјиште во делови од Суматра што се случија пред еден месец и во кои загинаа повеќе од 1.100 луѓе, го намали обемот на прослави. Наместо огномети на туристичкиот остров Бали, имаше традиционални танци. Хонг Конг во 2026 година влезе без огномет над пристаништето Викторија, по страшниот пожар од ноември минатата година. Фасадите на знаменитостите на полноќ беа претворени во часовници за одбројување и шоу со светла. Во Газа пак, Палестинците се надеваат дека новата година ќе донесе крај на конфликтот меѓу Израел и Хамас. „Војната нè понижи“, вели Мирват Абед Ал-Ал, лице раселено од јужниот град Рафа.

Ширум Европа

Папата Лав XIV ја затвори годината со апел до градот Рим, странците и кревките да бидат добредојдени. Огномети имаше над европските знаменитости, од Колосеумот во Рим до панорамското тркало во Лондон.

Раскошен огномет на стартот на 2026 кај големото панорамско тркало во Лондон Фотографија: Maja Smiejkowska/REUTERS

Во Париз, славениците се туркаа околу блескавата авенија Шанзелизе. Таисија Гирда, 27-годишна туристка од Казахстан, се надева на помирна 2026 година. „Би сакала да видам среќни луѓе околу мене, да нема војна никаде“, вели таа. „Русија, Украина, Палестина, Израел, сакам сите да бидат среќни и во мир“, додава туристката. Во Шкотска, каде што новата година се нарекува Хогманај, премиерот Џон Свини ги повика Шкотланѓаните да ја следат пораката „Auld Lang Syne“ на националниот поет Роберт Бернс и да прават мали дела на љубезност. Грција и Кипар традиционалниот огномет во главните градови го заменија со пиротехника со послаби децибели. Властите наведоа дека таквата промена има за цел прославите да ги направи попријатни за децата и за домашните миленици.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми