1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во јануари ќе порасне владејачкото мнозинство?

14 ноември 2025

Аднан Азизи од ВЛЕН не спомнува конкретни имиња, но вели дека се водат разговори со 3-4 пратеници од коалицијата НАИ кои се разочарани од нивните политички субјекти.

Членови на македонската влада предводени од премиерот Христијан Мицкоски (прв од лево во преден план) за време на полагањето свечена заклетва на функцијата во македонското Собрание
Навестувања дека на владејачката коалиција може да и се приклучат три до четири пратеници од опозициската коалиција НАИ.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Додека се уште не се финализирани разговорите за кадровските предлози со кои ќе се пополнат испразнетите позиции во Владата, од ВЛЕН по вторпат доаѓаат навестувања дека на нивната коалиција може да и се приклучат три до четири пратеници од опозициската коалиција НАИ.

Првпат за можни промени на политичката сцена проговори вицепремиерот а сега нов градоначалник на Чаир, Изет Меџити. Меѓу двата изборни круга тој изрази очекување НАИ да се распушти и „да има нови движења".

„Политичката сцена кај албанските партии стана многу измешана. Се случија бројни турбуленции и мислам дека уште ќе ги има“, навести Меџити.

Пратеникот и шеф на изборниот штаб на ВЛЕН, Аднан Азизи, е поконкретен. Вчера најави дека по локалните избори во Гостивар и Врапчиште во јануари 2026 година, ќе има проширување на пратеничката група на ВЛЕН. Азизи не спомна конкретни имиња, но рече дека дека се водат разговори со 3-4 пратеници кои се разочарани од нивните политички субјекти. Прашан дали станува збор за пратеници на опозициската НАИ, одговори потврдно.

„Да, од НАИ. Верувам дека ќе го финализираме конкретниот чекор со нив да бидат дел од Владата, да ни се придружат. Точно е дека се водат интензивни разговори, дури и лично контактирав со некои од моите колеги. Тие не го оправдуваат ставот на соодветните партии и целиот овој наратив и став за креирање политики“, изјави Азизи во дебата на ТВ 21. 

Новиот градоначалник на Чаир, Изет Меџити изрази очекување НАИ да се распушти и „да има нови движења“ на политичката сценаФотографија: Petr Stojanovski/DW

По вториот круг од изборите, кога владејачките партии се потврдија како најголеми победницина локалните избори во најголем број општини, повторно се слушна таква проценка.

„Се надевам дека дека дел од силите во парламентот ќе се прегрупираат во периодот што следи“, рече премиерот Христијан Мицкоски, како одговор на прашањето дали по победата размислува за вонредни парламентарни избори, со цел власта да обезбеди Бадентерово мнозинство, потребно за носење реформски закони.

Да се искористи престојот на иселениците

Досега, само Зијадин Села кој го преводи едното крило на Алијанса за Абанците, јавно изјави дека нема да се приклучи кон мнозинството, но кај другите партнери во опозициската НАИ владее молк. Но, видлива е и одредена нервоза пред изборите, кои треба одново да се спроведат во четири општини - Гостивар, Маврово и Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа. Таму претходно не беа исполнети законските услови за излезност од минимум една третина на запишаните избирачи, а ДИК соопшти дека во нив ќе се повтори целата изборна постапка за градоначалник, во рок од 60 дена од објавување на конечните резултати од ДИК. 

Според извори од НАИ, во коалицијата се свесни дека само убедлива победа може да ја намали штетата врз коалицискиот имиџ, но свесни се и дека дека партиите победнички на локалните избори по правило рефлектираат психолошка предност кај гласачите кои допрва треба да се изјаснат, па оттаму и битката за освојување на гласачите станува се повидлива. Според една од реакциите, станува јасно дека надежите во НАИ се свртени повторно кон гласот на иселениците.

Зијадин Села (трет од лево во преден план) е единствениот досега од коалицијата НАИ, кој јавно изјави дека нема да се приклучи кон владејачкото мнозинствоФотографија: Petr Stojanovski 

Во таков контекст се чита реакцијата на пратеникот на Алијансата за Албанците, Халил Снопче, кој вели дека законскиот рок за одржување на повторените избори во четирите општини започнува од 29-ти октомври, а не од денот на последното објавување на резултатите.

Според него, од овој датум започнал да тече рокот од 60 дена за одржување на изборите во четирите општини, па затоа тие треба да се одржат најдоцна до крајот на декември.

„Потребно е да се направи разлика меѓу заклучокот за објавување на конечните изборни резултати и оној за завршување на изборите. Законот е јасен - рокот од 60 дена се смета од денот на објавување на конечните резултати, што во овој случај е 29 октомври. Затоа изборите треба да се одржат до крајот на декември“, истакна Снопче.  

Тој изрази сомневање дека одложувањето на објавувањето на резултатите од ДИК било намерно и координирано со Владата, со цел да се избегне периодот кога иселениците се во Македонија, односно, дека целта е изборите да се одржат на 11-ти јануари, само неколку дена откако иселениците ќе се вратат во земјите каде што живеат и работат.

Снопче најави дека за повторните избори во четирите општини остануваат во коалицијата НАИ предводена од ДУИ, но и дека изборите треба да се повторат со претходните, веќе промовирани кандидати.

Најважна е каузата

Аднан Азизи, шеф на изборниот штаб на ВЛЕН оцени дека нивната коалиција ќе победи на изборите во Гостивар и Врапчиште.

„Многу сум убеден дека и Гостивар и Врапчиште ќе се приклучат на промената. По два месеци, ќе има промена во локалната самоуправа во Гостивар и Врапчиште“, смета Азизи. 

Според аналитичари, победа на ВЛЕН во тие општини ќе ја зголеми апсорпциската моќ на коалицијата, особено што сметаат дека дел од незадоволните во НАИ до изборите ќе бидат тивки и под своевидна „самоконтрола“, со цел да не бидат обвинети дека го напуштиле или разнишале бродот пред избори. 

Дали ќе има проширување на пратеничката група на ВЛЕН?Фотографија: Vlen

Во ДУИ пак, тврдат дека ги води цврсто единство, а победата на советничките листи ја сметаат за доказ на нивната неприкосновеност на политичката сцена. Оттаму најавија процес на реформи, а процесот кој претстои пред ВЛЕН е формализирање на еден политички субјект, во кој, според првичните изјави, помалку е важно кој ќе биде лидер на ВЛЕН. 

Азизи вели дека тој е поддржувач на каузите, а не на индивидуалниот протагонизам или градење култ.

„Јас сум за ротирачки лидери", рече тој, нагласувајќи дека е помалку важно кој ќе биде на чело на ВЛЕН, а најважно е да се реализира владината платформа. Според него, оваа тема најмногу ја наметнуваат губитниците на изборите - НАИ.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми