1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Може ли да се прошири истрагата за Љупчо Палевски?

ДТЗ
6 декември 2023

Потрагата по Палевски, ги исфли на површина радикалните активности на неговата партија „Десна“, а ги активираше и пријавите на оние коишто наводно трпеле закани од него, а досега молчеле за тоа.

Videostill | Ljupco Palevski,
Фотографија: DW

По веста за приведувањето на бегалецот Љупчо Палевски, осомничен за двојно убиство во Северна Македонија, расте притисокот за проширување на истрагата. Кон ваквото барање се приклучи опозицијата која смета дека Палевски предолго бил толериран при ширењето на омраза преку неговото учество во политичкиот живот и во јавната сфера.  

„Со години Палевски е во етерот, ширејќи говор на омраза, добивајќи закрила од власта и наметнувајќи се над другите. Тој и неговата банда шиканираа луѓе, изнудуваа пари и наметнуваа влијание“, велат од ВМРО-ДПМНЕ. 

Дали истрагата може да добие нов тек? 

Министерот за внарешни работи, Оливер Спасовски на прес-конференција во вторникот (5.12) информираше дека се пронајдени два пиштоли во околината на Скопје кои се поврзуваат со убиствата. Пронајден е и мобилниот телефон на убиената Вања. Тој очекува истрагата за убиството на Вања да се прошири.

Досега со истрагата се опфатени пет лица за убиствата и за грабнување на жртвите. Едно лице е осомничено за помагање при грабнувањето на Вања. Полицијата има сознанија и дека Палевски за време на бегството имал контакти со одредени лица во земјата, но во интерес на истрагата не се откриваат повеќе детали. 

И црковни лица трпеле закани? 

Потрагата по осомничениот за двојно убиство, Љупчо Палевски, ги исфли на површина радикалните активности на неговата партија „Десна“, а ги активираше и пријавите на оние коишто наводно трпеле закани од него, а досега молчеле за тоа. Откако министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на прес-конференцијата обелодени дека има нова пријава до полицијата за обид за закани, во јавноста се огласија и од кај владиката Партениј, кои посочуваат дека Палевски имал поддршка и од црковни кругови. 

Во јавноста се огласија и од кај владиката Партениј, кои посочуваат дека Палевски имал поддршка и од црковни кругови.Фотографија: DW/D. Dedovic

„Како и зошто се дозволи вакво ужасно нешто? Зошто сме се навикнале на такви злотвори да им допуштаме јавен простор во нашето општество? Зошто толку долго толерираме такви штетници да шират секаков вид омраза, да блујат разни навреди и клевети, да се расфрлаат отворено со разни закани, меѓу кои и со убиства?!“, прашуваат од Свештената бигорска Обител. 

Тие наведуваат дека „една од поглавните опсесии на Палчевски изминатите години бил и Владиката г. Партениј, а преку него и целата монашка заедница. „Какви ли само, навреди, закани и гадости се изнаслушавме од тој мракоподобен човек и од некои негови приврзаници! Дури и отворени повици за протерување, тепање и бесење.И преку социјалните мрежи, но и преку лични контакти. Почнавме да се чувствуваме загрозени, небезбедни, да живееме во неизвесност, во агонија“, тврдат црковните лица.

Негативната и невистинита кампања, според нив, била поддржана и од странски фактор кој го урива напредокот на нашата држава кон подобри услови за живеење. И не е страшното тоа што ние бевме постојана мета на напади.

„Што со оние соработници на тој демонизиран убиец – меѓу кои, за голема жал, има и извесни личности од црковните кругови, кои го поддржуваа во неговата злоба, му доставуваа клеветнички информации, го поттикнува на разни начини да го врши делото сатанско – злословието и омразата? Ќе има ли одговорност и за нив, или едноставно ќе дозволиме и понатаму да се шири канцерот на злобата во нашето општество?, прашуваат црковните лица.  

Се стега обрачот околу „Десна“

Партијата „Десна“ деновиве се огради од своите членови осомничени за грабнувањата и убиствата и најави дека ќе го суспендира нивното членство. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, пак, на вонредната прес-конференција во вторникот беше дециден дека мирот и стабилноста во државата никој не може да ги загрозува и дека партијата на Палевски мора да биде дерегистрирана. 

Оливер Спасовски е дециден дека мирот и стабилноста во државата никој не може да ги загрозува и дека партијата на Палевски мора да биде дерегистрирана. Фотографија: Innenministerium Nordmazedonien

„Вакво криминално гнездо како што е направено, мора да се разбие до крај. И такви политички партии кои со, не знам какви проминенции тоа го прават, како што е оваа, таа мора да биде дерегистрирана“, рече Спасовски. 

Тој порача дека најостро ќе бидат санкционирани сите оние кои пробуваат да пренесат страв и несигурност кај граѓаните и додаде дека МВР стои на располагање за секоја индиција за да се расчистат ваквите криминални дувла кои, како што рече, преку влијанија однадвор сакале да направат дестабилизација. 

Прашан за какви влијанија од странство се работи, Спасовски рече дека мисли на ставовите што ги застапува оваа политичка партија.

„Не знаеме лицето ли таа партија какви ставови застапува? Не знаеме кои беа и што правеа во изминатиот период? Не знаеме за неговите емисии во коишто директно се спротиставуваа на напредокот на државата? На тие мислам“, рече Спасовски. 

И претседателот Стево Пендаровски денеска зборувајќи за првообвинетиот за убиствата, рече дека тој е „,познат по реторика со говор на омраза, децении, децении наназад и никој ништо не му направил“. „Тој беше во политиката. Политиките на неговата партија низ негова уста сееја само омраза кон одредени етнички заедници кои живеат во Македонија. Сега други со слична структура, политичари, јавни личности или луѓе активни на социјалните мрежи го продолжуваат тоа што тој го правеше со години, а системот за жал не реагираше“, рече Пендаровски.

Еден ден по уапсењето на Палевски, на социјалните мрежи осамна група која бара правда за него. Во групата насловена како „Правда за Палчо, правда за Вања, правда за Панчо, правда за Македонија“, членовите изнесуваат теории на заговор дека случајот е монтиран, со цел Палчо да се тргне од политичката сцена. Во нивните теории на заговор, радикалните десничари сметаат дека случајот е смислен од УДБА, ЦИА и НАТО за „заплашување на македонскиот порив за родољубие и за одбрана на канонската чистина на православието“.

Кои се убијците на Вања Ѓорчевска

01:58

This browser does not support the video element.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми