Опкружени сме со вистински чуда, а времето го трошиме со размисли за министрите”, вели во едно интервју познатиот српски писател Светислав Басара. Не е никакво чудо што токму овој голем писател ни укажува дека околу нас постојано се одигруваат чуда, додека ние го „расејуваме“ само нашето време од само нашиот ден. А токму затоа тоа би требало во целост да ни припаѓа нам, а најмалку да биде исполнето со тривијални нешта. Симптом за непоседувањето контрола врз сопственото житејско време на Балканот навистина е постојаната опсесија со политиката. А за најпопуларниот ритуал на расејување на нашето модерно време, на кој, за волја на вистината, сите се предаваме неколкупати во денот, повторно Басара го наоѓа вистинскиот израз – „фејбукување“!
Кога само би помислиле зошто толку лесно го полниме времето од нашиот ден со тривијалности, иако знаеме дека секој изминат час е време кое никогаш повеќе нема да се врати, тогаш, можеби, при секое вклучување на социјалните мрежи ќе бидеме будни и нема да се предаваме како автомати на читањето информации кои, во друг контекст, ништо не би ни значеле, но и на гледањето фотографии кои немаат никаква врска со нашиот живот. „Фејсбукување“, всушност, е дигитален сеир. Никогаш нема да ги запознаеме луѓето чии фотографии од свадби или родендени ги гледаме на профилите на нашите фејсбук-пријатели. А и со нив најверојатно никогаш нема да ни се вкрстат животните патишта, затоа што некои од нив живеат во друг дел од светот. Фејсбук „мами“ дека социјалната мрежа направила светот да стане многу мал. Дека се претворила во монитор во лаптопот или во мобилниот. Се разбира, сите сме, во помала или во поголема мера, веќе контаминирани со овој свет на виртуелниот сеир. Сепак, прашањето е како да помислуваме сè почесто на мислата на Басара за вистинските чуда околу нас? Зашто тие се многу позначаен дел од нашето житејско време. Ние не ги забележуваме затоа што сè повеќе „реалната“ реалност ја доживуваме само како тривијален услов за виртуелната.
„Виртуелен дремеж“
Почетокот на пролетта е најдобрата можност да се разбудиме од „виртуелниот дремеж“ и да се обидеме да почнеме вистински да гледаме. За да тргнеме во потрага по сите чуда кои досега сме ги пропуштиле, затоа што сме си дозволувале вртлогот од информации околу нас да нè расее, правејќи да не го чувствуваме изминот на времето. Си помислив дека е најдобро токму сега кога, по долгата зима, чудата околу нас стануваат многу повидливи, да започнам да ги бележам во дневник со наслов „Во потрага по расеаното време“, сите мигови во изминатиот ден кои можам да ги реконструирам со сите поединости. Токму тоа е силно доживеаниот час во денот. Затоа што само ако сме ги запаметиле и најситните детали од тој час, тој тогаш е спасен од заборавот. И станува вечен! Секако, нема да можам да го „најдам“ расеаното, празно време, полно со безначајности. Порано велевме за чинот на денешното „расејување“ на времето на социјалните мрежи, да се „утепа времето“. Се „утепуваше времето“ порано затоа што ни се чинеше дека минува многу бавно. Денес интернетот ни нуди илузија на исполнетост и на молскавичност на времето. Интернетот ни нуди лажна вечност на времето. Лажна, затоа што не сме го доживеале времето, така да се каже, со сите сетила, туку само со окото, а тоа е најапстрактното сетило.
Само тоа време сме го доживеале вистински, од кое може да настане приказна. Писателите знаат дека чинот на пишувањето, всушност, е реконструкција на таложени сведоштва во нашата душевна архива за исполнето време. Тоа е време за кое ни се чини дека е вечност затоа што е преполно со силна доживеаност. Токму затоа писателите се повлекуваат во осама, која некогаш е само нивното приватно секојдневие, небаре се еремити на зборот и на приказната. Литературата, всушност, постојано го спасува „изминатото време“, затоа што ги „оживува“ приказните што се случиле во него.
Денес беше ветровит, студен ден во Келн. Дождот ритмично се менуваше со синото небо и со сонцето. А секогаш кога по дождот ќе блеснеше сонце, синилото на небото се чинеше толку интензивно, како да сме го здогледале за прв пат, како да се раѓаше во истиот миг пред нас. Во блесок трепереше кревкото зеленило на штотуку разлистените дрвја. Во еден миг, додека се восхитував на црешата крај патот, која изгледаше толку неземски, небаре е само симбол и алегорија за далечни светови и хармонии, се сетив дека и во ваква прекрасна пролет, преполна со чуда, ние луѓето сме способни да водиме војни и да се убиваме. Денес тој факт ни се чини апстрактен, затоа што слушаме и читаме вести само за испукани ракети. Но реалноста онаму каде што тие паѓаат, не е виртуелна, зашто секој ден ракетите уриваат нечии домови и убиваат луѓе. Кога восхитот за совршенството на природата ни го измил погледот, тој полесно ги согледува грдите страни на човечката несовршеност.
Колку е исполнет со смисла секој миг од нашиот ден
Кога би успеале поголемиот дел од времето во еден ден да го доживуваме со концентрацијата на сликарите или на писателите, кои насекаде откриваат приказни, тогаш секој ден ќе се наоѓаме во потрага по расеаното време. И ќе собираме часови на длабока слеаност со природата, но и со луѓето што се дел од нашиот живот, затоа што на најубавиот начин ќе сознаеме дека самите сме дел од приказната. Мојот личен метод на потрага по расеаното време е и читањето на „писмото“ на фасадите на старите куќи. Магијата на старите куќи ја доживеав првпат како дете. Можев со часови да стојам пред некоја стара куќа во Скопје, замислувајќи си ги изминатите животи на луѓето што се родиле под нејзиниот покрив. За да ги „оживееме“ тие минати животи ни треба поглед на писател, кој останува долго фиксиран врз еден детал. Сè додека тој не почне да ни ја раскажува својата приказна. Потонетост во мигот, слеаност со сликата и обединетост со изминатото време се состојби на духот и на фантазијата од кои се храни творечката дарба. Тие бараат повлекување во себе кое, парадоксално, ни ги открива непознатите приказни во животите на луѓето од минатото. Тогаш почнуваме да се прашуваме колку е исполнет со смисла секој миг од нашиот ден. Тогаш почнуваме да тагуваме за сето време кое сме го изгубиле затоа што ни се чинело празно и здодевно, па сме се вклучиле на социјалните мрежи за да го „исполниме“ со информации кои не ги избираме самите, туку ни ги принесува на „тацна“ некој алгоритам.
И само затоа не сме забележале кога пред нашиот прозорец почнала да раззеленува прастарата липа. Би било малечко чудо доколку следниот пролетен ден, кога дождот ќе престане откако го измил светот од сета прашина, би го здогледале во светлината на сонцето старото липово дрво на хоризонтот на синото небо како непознато писмо, кое, сепак, сме знаеле да го читаме во детството. Затоа што децата можат со часови, речиси без здив, со восхит да се џарат во дрвјата, сè додека не им се стори дека тие го разбираат нивниот јазик. Се разбира, за да ги препознаеме чудата околу нас, треба да ја имаме сочувано детскоста на големите писатели, такви каков што е Светислав Басара.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.
