1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСеверна Америка

Во сила забраната за влез во САД: Какви ќе бидат последиците

Андреас Нол
9 јуни 2025

Државјаните на 19 земји се погодени од ограничувањата за влаз во САД, кои стапија во сила денеска. Зошто претседателот Доналд Трамп ги одбра токму овие земји и какви би моќеле да бидат последиците од тоа?

Откако ја презеде функцијата, американскиот претседател Доналд Трамп владее првенствено со декрети
Откако ја презеде функцијата, американскиот претседател Доналд Трамп владее првенствено со декретиФотографија: Leah Millis/REUTERS

Не станува збор за нов декрет, туку за претседателски проглас кој овој пат привлекува светско внимание. Документот, кој Доналд Трамп го потпиша во средата (4 јуни, 2025), насловен како „Ограничување на влезот на странски државјани за заштита на Соединетите Американски Држави од странски терористи и други закани за националната и јавната безбедност“, стапи на сила денеска (9 јуни, во 1 часот).

Покрај класичните извршни наредби (декрети), претседателските прогласи спаѓаат и во претседателските инструменти кои Трамп може да ги користи за спроведување на волјата на владата - особено во прашањата за националната безбедност и имиграцијата. За разлика од законите, ваквите наредби не бараат претходно одобрение од Конгресот, но мора да се потпираат на законски доделени овластувања. Содржински, прогласот се темели на претходните ограничувања за влез од првиот мандат на Трамп, кои беа потврдени од Врховниот суд во 2018 година.

Кои земји се засегнати од забраната за влез?

Од 9 јуни, целосна забрана за влез важи за лицата од Авганистан, Екваторска Гвинеја, Еритреја, Хаити, Иран, Јемен, Демократска Република Конго, Либија, Мјанмар, Сомалија, Судан и Чад. Забраната за влез важи за сите граѓани на овие земји, без оглед на целта на нивното патување, освен ако Стејт департментот на САД не смета дека нивниот влез е во национален интерес на САД.

Покрај дванаесетте земји со целосна забрана за влез, постојат седум земји со делумни ограничувања: Бурунди, Куба, Лаос, Сиера Леоне, Того, Туркменистан и Венецуела. Овие земји подлежат на построги проверки за визи и ограничувања што може да варираат од случај до случај. На пример, богатите бизнисмени и натаму би можеле да добијат дозвола за влез, додека туристите или студентите би се соочиле со поголеми пречки.

Зошто претседателот ги избра овие земји?

Во видео објавено на социјалните мрежи, Трамп ја поврза новата забрана со терористичкиот напад минатиот викенд во Болдер, Колорадо. Претседателот рече дека ова ги истакнува опасностите кои произлегуваат од некои посетители кои остануваат подолго од своите визи. Меѓутоа, осомничениот за нападот е по потекло од Египет, земја која не е на забранетата листа. Еден маж е осомничен дека фрлал запаливи направи врз луѓето кои протестираа за ослободување на израелските заложници од исламистичкиот Хамас во Појасот Газа, а дванаесет демонстранти беа повредени. Според Министерството за внатрешна безбедност, тој ја пречекорил својата туристичка виза.

Според Трамп, погодените држави не даваат доволно информации за своите граѓани за да се проценат потенцијалните безбедносни ризици. Овој аргумент е во согласност со фактот дека голем број држави на листата веќе беа класифицирани како „извори на тероризам“ за време на администрацијата на Обама. Трамп сега го поткрепува тоа со построги мерки.

Недостаток на соработка при депортациите? Критичарите велат дека забраната за влез во САД нема никаква врска со тоаФотографија: Jose Luis Gonzalez/REUTERS

Владата на САД, исто така, критикува дека некои земји не ги прифаќаат назад своите граѓани кои се должни да ги напуштат САД. Критичарите шпекулираат дека изборот на земји има и политички и економски причини. Земји како Саудиска Арабија, со која семејството Трамп има интензивни деловни врски, не се погодени.

Кој е исклучен од забраната за влез?

Регулативата содржи голем број исклучоци:

  • Носители на зелена карта
  • Двојно државјанство со американски пасош
  • Спортисти и тренери кои влегуваат на светски првенства или Олимписки игри
  • Авганистански локален персонал со статус на СИВ (кој соработувал со американската војска)
  • Ирански членови на прогонети религиозни или етнички малцинства
  • Дипломати и претставници на ОН
  • Членови на семејства на американски државјани (родители, деца, сопружници)
  • Деца посвоени од американски родители
  • Долгорочни странски службеници во владата на САД (најмалку 15 години)
  • Азиланти и веќе признати бегалци.

Кои се последиците од одлуката на САД?

Почнувајќи од 9 јуни 2025 година, на граѓаните на овие земји повеќе нема да им биде дозволено да влегуваат во САД, што масовно ги ограничува деловните патувања, семејните посети и образовните програми.

Станува непремостлива за многу луѓе: границата кон Соединетите Американски ДржавиФотографија: JOHN MOORE /AFP/Getty Images

Одлуката веројатно ќе има и економски последици: особено многу сиромашните земји како Хаити или Јемен досега имаа голема корист од трговските односи со САД и од дознаките од граѓаните кои живеат во САД.

Организациите за човекови права, исто така, укажуваат на хуманитарни последици: бегалците и барателите на азил од конфликтните региони сега го губат пристапот до програмите за заштита во САД.

Засегнатите земји реагираа со загриженост и критики. Некои, како Сомалија, сигнализираа подготвеност за соработка, додека други ги отфрлаат мерките како дискриминаторски и неосновани. Автократската Венецуела издаде предупредување за патувања во САД.

Изборот на земји е, исто така, доведен во прашање, особено затоа што некои земји со познати безбедносни проблеми, како што е Пакистан, не се на листата.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми