1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Скопје панихида, во Софија декларации за Гоце Делчев

ДТЗ
4 мај 2023

Идеалите на Гоце Делчев се патоказ за многу генерации, 4 мај останува врежан во историјата како поука дека силата и иднината се во единството, порача државниот врв во Скопје.

Гоце Делчев
Во Скопје се одбележаа 120 години од смртта на македонскиот револуционер и борец за слобода Гоце ДелчевФотографија: Petr StojanovskiPetr Stojanovski/DW

Со панихида на Македонската Православна Црква – ОА и со положување цвеќе пред гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ од страна на бројни делегации и граѓани, денеска се одбележаа 120 години од смртта на македонскиот револуционер и борец за слобода Гоце Делчев. Владина делегација положи цвеќе во црквата „Св. Спас“ во Скопје, а пред гробот на великанот оддадоа почит и претседателот Стево Пендаровски, делегациите на Собранието, на Министерството за одбрана, АРМ, Сојузот на борците, политичките партии и дипломатскиот кор. На настаните во Скопје годинава не присуствуваше официјална делегација од Софија. Според тамошните медиуми, бугарските пратеници седницата ја започнаа со декларации за 120 - годишнината од смртта на Гоце Делчев, а претседателот Румен Радев во попладневните часови во соборниот храм „Свети Кирил и Методиј“ ќе присуствува на погребна молитва по повод годишнината од смртта на народниот херој.

Силата и иднината се во единството

Визионерот Делчев, кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите, беше убиен од турската војска на 4 мај 1903 година во селото Баница, на пат кон Сер. Тој ја застапуваше каузата за искрена борба за прогресивно-културна држава, основана врз радикални и социјални принципи, во која доброволно ќе се здружат сите угнетени народи и ќе ја продолжат сестраната борба, порачаа од Владата. 

Премиерот Димитар Ковачевски не присуствуваше на денешното одбележување на 120-годишнината од смртта на револуционерот поради неговата работна посета на САД, но преку социјалните мрежи прати порака дека 4 мај, останува врежан во историјата како поука дека силата и иднината се во единството.

„Идеалите на Делчев, кој пред повеќе од еден век го разбрал светот како поле за културен напредок меѓу народите се патоказ за низата генерации македонски револуционери кои се вградени во македонската државност. Тие се и наш патоказ, како прогресивна Влада, којашто посветено работи на изградбата на Северна Македонија во еднакво општество за сите и европски дом за сите граѓани, интегрирани меѓу најдемократските сојузи НАТО и ЕУ“, вели Ковачевски. 

И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели дека идеалите на Делчев се живи, и тој столетен оган за слобода, независност и држава продолжува да пламти. „Денес многумина ќе се присетат, но малкумина јавно ќе го постават прашањето дали државата го продолжува неговото дело...Со власт која има целосно отсуство на родољубие и како никогаш порано со толку многу разнишани темели. Но која било сервилност на власта е помала од големината на неговиот завет. Поклон за великанот, неговата борба за нашата слобода, и неговото дело за ВМРО и Македонија. И да, заедно ќе успееме да ја оправдаме неговата борба“, порачува Мицкоски. 

Додека во Скопје достоинствено беше одбележан 4 мај, во Бугарија со декларации во парламентот беше одбележан денот. Фотографија: Petr StojanovskiPetr Stojanovski/DW

Културен проект меѓу двете земји

„Ова е тежок ден, ден на смртта и ден за кој била платена висока цена. Цената на животот и слободата. Слободата е скапо нешто, веројатно најскапото нешто на светот.  Тоа е смрт за еден млад човек која ја платил со животот за слободата на сите, изјави денеска внукот на најмалиот брат на Гоце Делчев, диригентот Христо Христов, по положувањето на цвеќе пред гробот на Делчев, во црквата „Свети Спас“ во Скопје. Во контекст на македонско-бугарските тензии, тој вели дека има желба да направи мирен и културен проект кој вклучува музичари од двете држави.

„Моја лична желба беше на денешен ден да направиме мирен и високо културен проект кој вклучува музичари од двете држави и да ги изведат химните на двете држави, но и да отсвират нешто од последниот дел на деветтата симфонија на Бетовен, ’Ода на радоста’, која всушност е химна на Европа,“ додаде Христов. 

Расправа во Бугарија

Додека во Скопје достоинство беше одбележан 4 мај, од бугарскиот парламент беа испратени декларации за одбележување на денот. Елисавета Белобрадова од пратеничката група на ПП-ДБ порача дека Гоце Делчев им оставил аманет да ги почитуваат бугарските традиции, културата и историјата и врз основа на овие вредности и одговорности да ги одржуваат врските со сонародниците надвор од границите на Бугарија. Дел од пратениците порачаа дека бугарската држава отсега има две опции – „или ќе направи се` што е можно за да ја скрши антибугарската пропаганда и дејствувањата на Македонија, или сите ќе продолжат да бидат патриоти само на празници'.

Ваквата расправа следи откако Софија одлучи да не испрати официјална делегација во Скопје. На 27 април годинава,  министерот за надворешни работи на Бугарија Николај Милков, рече дека не е постигнат договор со Северна Македонија за заедничко одбележување на смртта на Делчев на 4 мај, иако имало такви договори и практики во претходните години. 

Изминатите години имаше обиди за заеднички прослави кои паднаа во сенка по случувањата на 4 февруари, кога чествувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев помина под засилени безбедносни мерки од македонска страна, поради најавите за можни провокации.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми