1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Собрание: стартува расправата за ребалансот на буџетот

Костадин Делимитов
25 јули 2024

Ребалансот е очекуван, но дали и колку е соодветно скроен е дилема која експертите и стопанствениците ја анализираат со различна диоптрија. Опозициската СДСМ најавува остра дебата.

Се наѕира остра дебата во македонското Собрание за ребалансот на буџетот за 2024
Се наѕира остра дебата во македонското Собрание за ребалансот на буџетот за 2024Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Понизок раст, повисок дефицит, зголемено задолжување. Ова накусо се контурите на прекроената државна каса со која Владата планира да ги истурка преостанатите пет месеци од 2024 година. Еден месец откако стапи на функција, власта влегува во реализација на планот кој тврди дека е неминовен за да се спаси што може да се спаси од состојбата на клиничка смрт во која ја затекнала економијата. Се кратело и прераспределувало секаде каде што имало простор за да се обезбедат средства за покривање на трошоците и обврските за клучните потреби на граѓаните и стопанството:

„Овој ребаланс на буџет беше за да ги затвориме сите отворени проблеми коишто можат да направат дополнителни штети на Буџетот“, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Со ребалансот државата годинава планира да потроши рекордни 5,89 милијарди евра, или 300 милиони евра повеќе од постојниот буџет. Дефицитот се зголемува на 720 милиони евра од постојните 585 милиони. Зголемени се и приходите за дополнителни 130 милиони евра и сето ова при надолна ревизија на економскиот раст за годинава, од 3,4 на 2,1 отсто од бруто домашниот производ. Се обезбедуваат пари за повисоки пензии, за исплата на плати, тековни трошоци и инвестиции.

Платите на „стенд бај“

Сепак она што боде очи е што за прв пат по неколку години нема предвидено пари за зголемување на платите во администрацијата, колективните договори се на „стенд бај“, а нема ништо конкретно ниту во делот на минималната плата и барањата за нејзино натамошно зголемување.

Македонската министерка за финансии Гордана Димитриеска-КочоскаФотографија: Regierung Nordmazedonien

За опозициската СДСМ ова е понижувачки кон граѓаните и погубно сценарио за економијата. Лидерот на СДСМ најави дека жестоко ќе се спротивстави на владиниот предлог:

„Остро ќе се спротивставиме на оваа политика и понижувачкиот буџет. Овој буџет, според сите независни експертски анализи, нема да донесе зголемена продуктивност и повисок раст, а ќе донесе огромни задолжувања, додека платите на работниците нема да се покачуваат. Овие катастрофални економски политики уште во првиот месец од мандатот ќе го намалат животниот стандард на граѓаните и ќе донесат економска неизвесност“, предупреди Венко Филипче, претседател на СДСМ.

Пренапумпан буџет!?

За експертската јавност, прекројувањето на државната каса уште во самиот старт на владиниот мандат е очекувано сценарио. Заради актуелните состојби, но и заради реализација на предизборните ветувања. Пред се кон пензионерите кои го добиваат ветеното зголемување од 2.500 денари во септември, но и за обезбедување на средства за непречена исплата на платите кои нема да се зголемуваат. Дополнително и за капитални проекти во општините во износ од 100 милиони евра и поволна кредитна поддршка за стопанството. Потезите кои се влечат во услови на наследен буџет според дел од нив можеби не ги отсликува политиките кои ќе ги води новата Влада, но даваат сигнали каков ќе биде односот кон јавните финансии:

„Овој ребаланс што го гледаме сега е, благо кажано, загрижувачки. Наспроти сите ветувања од предизборието за консолидација, ефикасност и одговорност, гледаме пренапумпан буџет, кој е за 300 милиони евра поголем од првичниот за оваа година. Само колку за споредба, првиот ребаланс кој ние го спремивме по падот на Никола Груевски, летото 2017, беше за околу 50 милиони евра помал од првичниот буџет за таа година, и покрај тоа што вклучуваше мерки за решавање на проблемот на стечајците и за покачување на минималната плата на 12.000 денари. Ова праќа многу јасна порака, дека новата Влада нема да внимава на трошењето и дека, народски кажано, ќе се расфрла со народните пари. Она што е уште позагрижувачки за мене е што практично и не знаеме на што се должи ова огромно зголемување на буџетот. Растот на пензиите од 2.500 денари не е доволно оправдување – тој ќе чини само околу 40-50 милиони евра за трите месеци оваа година. Скоро сите ставки од буџетот имаат зголемување, вклучувајќи и ставки како стоки и услуги, кои по дефиниција се кратат со секој ребаланс, како и каматните плаќања. Се чини дека повторно ќе гледаме пролиферација на непродуктивните расходи, како што беше случај во претходниот мандат на ВМРО-ДПМНЕ“, коментира во изјава за Дојче веле Бранимир Јовановиќ од Виенскиот економски институт.

Лидерот на СДСМ, Венко ФилипчеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Социјален ребаланс

Дел од експертската јавност смета дека Владата има мал простор за маневар, но не се сигурни дека форсирањето на социјалната, пред развојната компнента е вистинското решение:

„Ребалансот на буџетот е повеќе социјален ребаланс, отколку економски ребаланс. Најголем дел од средствата повторно најмногу се одлеваат на плати, покачување на пензии, придонеси, на покривање на нефункционални претпријатија како „Македонски Пошти“, „Железници“, наместо средствата да се искористат и да се поттикне и развие старт ап еко системот кој би требало да биде двигател на економскиот развој. Покачувањето на платите и повторната помош на нефункционалните јавни претпријатија само ќе ја зголеми задолженоста на државата и нема да има никаква дополнителна вредност, само краткорочно задоволување на барањата и зголемување на јавниот долг“, смета аналитичарот Синиша Пекевски. 

Галопирачки јавен долг

Во вакви услови според него не смее да доминира неразвојна компонента на буџетот која само ќе го зголемува нивото на јавниот долг:

„Со ваков начин на буџетирање и кроење на социјален, неразвоен буџет, за брзо ќе ја надминеме и задолженоста од 70% од БДП. Затоа велам дека инвестициите во бизнисот и поддршка на извозните компании, особено на старт ап заедницата ќе донесе само нова вредност и раст на економијата“, укажува Пекевски.

Висината на јавниот долг го загрижува и Јовановиќ:

„Се плашам дека започнува еден циклус во кој државните буџети ќе стануваат сè поголеми и поголеми, без некое објаснување зошто е тоа така. Јавниот долг според самото Министерство за финансии ќе надмине 68% од БДП веќе оваа година, од сегашното ниво од 58%. Буџетските пари кои ќе ги даваме за камати на јавниот долг оваа година ќе достигнат скоро 300 милиони евра, што е зголемување од 2,5 пати во однос на состојбата кога јас бев во Министерството (парите за главницата на долговите се башка). Овие податоци никако не можат да ве остават рамнодушен, особено затоа што ништо во економијата не се менува, и крупните проблеми како сиромаштијата, лошото здравство, застарената инфраструктура, немањето иновации и сè останато, ќе си останат нечепнати“, укажува Јовановиќ.

Економскиот експерт Бранимир ЈовановиќФотографија: Civil Media

Стопанството очекува да „живне“

Во ребалансот на буџетот доминира социјалната компонента, но значајно е што се задржува и развојната, иако реализацијата на капиталните инвестиции досега е далеку од посакуваното. Парите за оваа намена се кратат незначително и се на ниво од 730 милиони евра, со тоа што во дел се кратат, односно пренаменуваат средствата од онаму каде не се работи кон проекти чија реализација се одвива со задоволителна динамика. Ваквата политика според стопанствениците дава надеж дека македонските компании можат да сметаат на подобра иднина и долгоочекуваниот развој:

„Со оглед дека во ребалансот нема корекции на капиталните инвестиции, цениме дека новата Влада ги согледала состојбите. Сведоци сме дека интензивно се работи во јавните претпријатија, општините и во министерствата и се надеваме дека по согледување на состојбите таквиот ребаланс не е случаен и ќе биде одлика на сето она што ќе се случува во иднина во која македонските компании ќе бидат двигатели на развојот. Факт е дека изминатите месеци беа едни од најтешките за градежништвото од аспект на реализираното, но оптимисти сме што по многу долго време добивме уверување од министерот за транспорт и врски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта дека македонските компании ќе бидат на пиедесталот“, изјави за Дојче веле, Андреа Серафимовски од Здружението на градежништво при Стопанската комора.

Со ребалансот новата македонска влада планира да потроши рекордни сумиФотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Задолжувањето да биде продуктивно

Дел од стопанствениците сметаат дека е важно да се внимава во политиката на задолжување, но уште поважно е парите обезбедени по овој основ да се трошат продуктивно. Затоа сметаат дека треба да се креираат и понудат мерки и услови кои ќе им овозможат на компаниите поволно и полесно да добијат дел од средствата кои се планираат за потребите на стопанството. Планот на Владата е преку дел од кредитното задолжување од Унгарија во износ од 500 милиони евра да се кредитираат инвестициските активности на фирмите под каматни услови од 3,5%  

„Во такви услови не е толку страшно да го зголемиме јавниот долг за 2 до 3% ако тие политики дадат резултати во поглед на развојот. Парите кои ќе се наменат за локалната самоуправа на пример може да дадат мултипликативни мерки за зголемување на економијата ако се реализираат од наши компании, ако се изведат во рок, со што нормално граѓаните ќе добијат подобри услови, а и економијата ќе се развие. Што се однесува до кредитите кои се планираат под поволни услови за стопанството, мислам дека таму не треба да се претерува со критериумите за да не се случи да не се искористат тие пари и да немаме никаков ефект. Условот за раст од 5% над инфлацијата не верувам дека можат да го исполнат многу компании. Мора да се понуди на различни, пред се извозни компании, но и да не се биде премногу строг во условите за да не се случи и покрај добрите намери средствата да останат во банките“, коментира за Дојче веле Ангел Димитров, стопанственик од Организацијата на работодавачи.

Според Владините проценки, инфлацијата годинава треба да достигне 3,5%. Ребалансот на буџетот се очекува да биде усвоен во првата недела од август.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми