1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во трката за Скопје - Орце Ѓорѓиевски и Амар Мециновиќ

ЕМФ
20 октомври 2025

Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ и Амар Мециновиќ од Левица влегоа во вториот круг од изборите за градоначалник на Скопје.

Избирачки ливчиња за локалните избори 2025 во Северна Македонија
Одзивот на локалните избори, по обработени 86% од избирачките места, во Град Скопје е 48,46 процентиФотографија: Petr Stojanovski/IMAGO

Орце Ѓорѓиевски од Коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, освои најголем број гласови во првиот круг од изборите за градоначалник на Скопје. Според податоците на Државната изборна комисија, по пребројани 99,92% од гласовите, Ѓорѓиевски освоил 39,43% (91.582 илјади гласови). Ѓорѓиевски вчеравечер (19.10) им се заблагодари на избирачите за поддршката и рече: „Продолжуваме во наредните две недели само за да ја потврдиме оваа голема, би рекол истпориска, победа и очекувам во вториот круг уште подобри резултати.“ Тој во вториот круг од изборите, кои треба да се одржат на 2 ноември, ќе „трча“ против Амар Мециновиќ од Левица, кој има освоено 13,20% гласови (30.659 илјади гласови). На прес-конференција во текот на ноќта, Мециновиќ оцени: „Денеска граѓаните на Скопје покажаа храброст дека се подготвени да изберат поинаку. Денеска Левица испиша историја затоа што првпат во историјата на Република Македонија во главниот град имаме кандидат кој не е поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.“ 

Во трката за советници во Град Скопје, најмногу гласови има освоено коалиција „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ - 35,15% (81.649 илјади гласови), а по неа следуваат Левица со 11,83% (27.479 илјади гласови), ВЛЕН со 11,77% (27.337 илјади гласови), Национална алијанса за интеграција - 11,64% (27.045 илјади гласови) и коалицијата предводена од СДСМ со 10,59% (24.587 илјади гласови).

Одзивот на локалните избори, по обработени 86% од избирачките места, во Град Скопје е 48,46 проценти.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми