Велат дека најголемите рани се добиваат од пријателски оган. Тоа е кога меѓу две завојувани страни случајно на линија на огнот ќе се најде припадник на една од страните и ќе загине од куршумите на своите соборци. Тоа му се случува денес на Скопје. Темата е речиси банална, се тркала уште од локалните избори бидејќи веднаш по нивното завршување избраната градоначалничка Данела Арсовска и партијата која ја кандидираше и избра – раскинаа. Раскинот беше бурен, тоа сите го видовме, и веројатно ќе влезе во политичките курикулуми на разно-разните школи за обука на идни лидери.
Она што е различно денес од тогаш е што повторно наближуваат локални избори, а ВМРО-ДПМНЕ која во меѓувреме ја презеде и централната власт, е решена не само да ја збрише скопската градоначалничка од политичкиот атлас, туку и лично да ја дискредитира и уништи за да не може потоа да се занимава со ниту една друга професија. Вендетата е опасна работа, а се чини дека токму таа е на сцена во сапуницата наречена „Арсовска – Мицкоски“. Најголемиот проблем за сите нас, е пак, што во војната меѓу некогашните пријатели, а сега смртни непријатели, загина – Скопје. И колку повеќе наближува гласањето за нов градоначалник толку повеќе се засилува таа битка, небаре на премиерот и неговата партија им зависи политичката иднина од епилогот од изневерените надежи што ги полагаа во шефицата на метрополата.
Кој кому му рекол и што му рекол е веќе апсолвирано во јавноста, забавата трае со години, но има неколку принципиелни работи кои пречат и го загрозуваат јавниот интерес, и затоа заслужуваат посебна анализа.
Прво, континуираната блокада на градоначалничката од страна на Советот на Град Скопје, каде има мнозинство ВМРО-ДПМНЕ кое го (зло)употребува за да го спречи нормалното функционирање на градот. Второ, јавните претпријатија задолжени за градскиот превоз и за градската чистота и управување со отпадот каде, вистина, директорите ги поставува градоначалничката, меѓутоа секој што бил на раководна позиција знае дека во јавните претпријатија со работниците „управуваат“ политичките партии. Тоа значи шурување, правење договори па и сценарија како да се зголеми јавното незадоволство од состојбите во градот, и тоа да се насочи на адреса на градоначалникот. Памети ли веќе некој зошто штрајкуваат ЈСП и приватните превозници? Бидејќи по секое исполнето барање, тие по неколку месеци повторно не возат и поставуваат други услови.
Кој собира политички поени
Нејасно е како мисли ВМРО-ДПМНЕ да собира политички поени против градоначалничката, а себеси да се амнестира од башибузокот во градот и во јавните претпријатија за кој и врапчињата знаат кој го поттикнува и одржува. Такво политичко бесчестие одамна не е видено на овие простори.
Нејзиниот неуспех е факт, изневерените очекувања исто така, нечистиот град, немањето градски автобуси, но за сето тоа придонесе многу и ВМРО-ДПМНЕ кое работите ги водеше кон ескалација наместо кон нормализација. Градоначалничката ќе си замине, таа тоа го кажа и на прес-конференција. Јасно е дека за неа се затворени сите опции за натамошно продолжување на политичката кариера, и во тој дел владејачката партија може да си честита сама на себе. Операцијата е успешна, одмаздата е испорачана, Арсовска е политички уништена. Но зарем, нема ниту малку свест дека е уништено и тоа што треба да биде метропола на нашата држава, угледот на градот во регионот па и дома, функционалноста на градските институции и услужната функција што градот треба да им ја дава на своите жители.
Ете за една година од сега, судејќи според политичкото расположение во државата, ВМРО-ДПМНЕ ќе ја освои и градоначалничката функција на Скопје. Веќе јуришаат неколку кандидати. Само, скопјани ќе ги паметат критиките што беа упатувани на сметка на градоначалничката, и ќе очекуваат брзи промени во градот. Безмалку на новиот градоначалник ќе му треба волшебно стапче за да го реализира сето тоа за што сегашното раководство на главниот град е безмилосно напаѓано. Вклучително и градскиот воз кој го изнесе како опција министерот за транспорт и врски и за кој рече дека може да профункционира од следната пролет.
Искривена демократија
Пустошот што во Скопје го остави судирот меѓу градоначалничката Данела Арсовска и партијата ВМРО-ДПМНЕ раскажува и една друга приказна: немојте ни случајно да помислите да не бидете послушни на партијата која ве избрала. Тоа е показна вежба како ќе помине секој политичар што ќе се обиде да води автентична политика и да се издвои од стадото. Тоа важи и за секој пратеник во Собранието на Северна Македонија, за секој министер, кој ќе сака да гласа самостојно без партиски притисоци или не дај боже при гласањето да се осмели да се води од својата совест.
Ломот што го предизвика непослушноста на Арсовска кон ВМРО-ДПМНЕ ја отсликува искривената демократија на нашите простори и испраќа порака дека прво е партијата а потоа се демократијата, системот и процедурите. Според овие случувања, станува бесмислено како граѓани да се крстиме во силата на парламентот и пратениците кога над нив има други богови со лик на партии и партиски лидери. Поуката од случајот „Данела“ е дека граѓаните не се суверенот, туку суверенот треба да го бараме на друга адреса и на кралски престол. Во владата, се разбира.
Најпосле, хорското опевање на градоначалничката како неспособна и терсене, без да се навлезе во суштината на блокадата на главниот град, е сведоштво за догмите и предрасудите со кои е оптоварено нашето општество. Арсовска е неуспешен градоначалник и тоа е факт. Во политиката не треба да има оправдувања за неуспехот, но анализите на таков епохален неуспех се потребни за да се нагласат политичките игри кои во Северна Македонија сѐ уште се играат сурово, без пардон и без пресметани ризици, и секогаш на штета на граѓаните.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.