Воен договор меѓу Србија и Унгарија: ѕвечкање со оружје?
2 април 2025
Потпишан е документ со кој се операционализира и прецизира договорот за стратешка соработка меѓу Србија и Унгарија во областа на одбраната, постигнат во 2023 година, изјави претседателот Александар Вучиќ по потпишувањето. Тој посочи дека клучен елемент на тие односи е воената соработка, што се рефлектира во спроведувањето на билатерални и мултинационални вежби, воено-воена и воено-техничка соработка во делот на набавка на вооружени системи и опрема.
Претседателот на Србија смета дека ова е чекор поблиску до воен сојуз меѓу двете земји, но дека за тоа треба да се изјаснат и унгарската страна, како и унгарскиот и српскиот парламент. За ова веројатно се прашува и НАТО, бидејќи Унгарија е негова членка.
Одговор на Хрватска, Албанија и Косово
Договорот, значи, не е голема новина, но доаѓа по декларацијата за воена соработка меѓу Хрватска, Албанија и Косово, која во Белград беше оценета како провокативна. Оттука, потпишувањето на документот со Унгарија може да се гледа како одговор на Белград на таа иницијатива, што може да се смета и како продолжение на натпреварот на Вучиќ со Хрватска.
Практичната вредност на тој договор не е премногу значајна за благосостојбата на граѓаните на Србија или нивната безбедност. Како што истакнува за ДВ директорот на Институтот за европски прашања, Наим Лео Бешири, „кога се анализираат сите стратешки договори потпишани од Србија, такви договори таа нема само со Буркина Фасо“.
„Тој договор е насочен исклучиво кон економски придобивки за компаниите кои се блиски до двајцата авторитарни лидери Виктор Орбан и Александар Вучиќ. Така што овој договор може да го има тој ПР ефект, како еден вид противтежа на договорот што го постигна Хрватска, но суштински нема големо значење“, вели Бешири.
Зацврстување на авторитарното пријателство
Потпишувањето на воениот договор со Унгарија секако е некаков одговор на трипартитниот договор на Хрватска, Албанија и Косово, смета Александар Попов, директор на Центарот за регионализам. Воедно потсетува на иницијативите кои доаѓаат од Црна Гора.
„Гледаме дека Милан Кнежевиќ, лидерот на Демократската народна партија, бара Црна Гора да потпише воено-технички договор со Србија, Унгарија и Словачка. Дополнителен мотив за тој договор е уште повеќе да се зајакне авторитарното пријателство на двајцата лидери, Орбан и Вучиќ, и сојузот со Унгарија, која е сигурно еден од главните поддржувачи на Србија во Европската унија. Она што е особено загрижувачко овде е тоа што наместо дипломатски иницијативи, во регионот имаме ѕвечкање со оружје“, смета Попов.
Острата реторика е бесплатна
Опасноста од нова трка во вооружување во регионот секако постои, вели Наим Лео Бешири. Затоа што, како што вели, „секогаш може да се смета на националистичките сили да тргнат напред и да ја заострат реториката“.
„Единственото нешто што ме теши е тоа што никој во регионот, вклучително и Србија, нема пари за такво нешто. Но, тоа нема да ги спречи популистите во Србија, Хрватска, Албанија, Босна и Херцеговина или Косово да се удираат во националистичките гради. Сепак, ми се чини дека никој во регионот повеќе не сака да влезе во војна, па затоа се сомневам дека купувањето било какво оружје може да доведе до тоа некој и да го употреби“, оценува Бешири.
Далеку од воен сојуз
Попов оценува дека секако е неодговорно да се склучуваат вакви договори во регионот, особено ако се има предвид дека ги потпишуваат земји членки на НАТО и оние кои не се членки.
„Унгарија, на пример, има свои обврски во рамките на НАТО, но во исто време е и земја која се противи на одлуките донесени во рамките на ЕУ во Брисел. Ова покажува дека се користи општата конфузија што владее во глобалните односи. За Вучиќ тоа е можност да го амортизира она што му се случува во државата и во таа смисла сега ја користи можноста за некои општи престројувања, чиј исход е неизвесен“, вели Попов.
Наим Лео Бешири го привлекува вниманието на фактот дека „сите овие договори не можат да ја имаат целосната сила на воен сојуз, бидејќи во тој случај би требало да има одредени санкции и одредби што ќе се случи ако некоја страна биде нападната - а тоа не е можно ако сте членка на НАТО. Тука повеќе се работи за соработка во размената на информации, образование, можности за разни обуки, вежби и слично“.
Непотребна психоза
Ако зборуваме за влијанието на ваквите воени договори врз регионалната стабилност, Бешири вели дека тоа „првенствено зависи од однесувањето на политичарите во регионот“.
„Од нивната реторика зависи колку ќе се почувствува нетрпеливост, а мојата единствена надеж е дека никој во регионот нема материјални или човечки ресурси за нешто повеќе од запалива реторика“, смета нашиот соговорник.
Директорот на Центарот за регионализам, Александар Попов, оценува дека „потпишувањето вакви договори предизвикува сосема непотребна психоза. И онака веќе имаме премногу запаливи материјали на овие простори, пред се во Босна и Херцеговина, но и во Косово, а покрај тоа има голема внатрешна нестабилност во земјите од регионот. На овој начин само се долева масло на огнот“, заклучува Попов за ДВ.