1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

„Западот си ја разубавува ситуацијата со војната во Украина“

Роман Гончаренко
13 ноември 2023

Западот не е подготвен за рововска војна на Русија и Украина, предупредува австрискиот воен историчар Маркус Рајзнер во интервју за ДВ. Тој гледа две можности.

Украина војна
Западот не е подготвен за рововска војна на Русија и Украина, предупредува австрискиот воен историчар Маркус РајзнерФотографија: Kostiantyn Liberov/AP Photo/picture alliance

ДВ: Украинскиот врховен командант Валериј Залужни во британски „Економист“ напиша дека војната во Русија е во ќорсокак и постои ризик од рововска борба како во Првата светска војна. Претседателот Володимир Зеленски индиректно се спротивстави: тоа не е ќорсокак. Кој е во право?

Маркус Рајзнер: Овие изјави треба да ги ставите во контекст на текот на војната. Залужни вели дека по 20 месеци може да се види дека Украина го добива само она што ѝ овозможува да ја ребалансира асиметричната ситуација. Но, недоволно за Русите да бидат притиснати толку за да бидат принудени да влезат во преговори. Пример се ракетите ATAЦМС или дискусијата за борбените авиони Ф-16. Залужни вели: Погледнете, ситуацијата е лоша, а ако сакате да победиме, тогаш мора да има разлика во однос на порано.

Претседателот се обидува да го класифицира тоа. Зеленски вели: Да, тоа е изјава на мојот генерал, но ние сè уште сме на победничкиот пат. Тој го прави она што се очекува од него како претседател. Ако претседателот каже дека е изгубено, тоа би имало огромно морално влијание. Како што рече на почетокот на војната: Останувам во градот, пратете ми оружје, а не такси.

Маркус Рајзнер, воен историчар и полковник во австриската армијаФотографија: BMVL

Многумина овие изјави на Залужни и Зеленски ги сфатија како разлики во мислењата кои можеби првпат се толку видливи. Колку е ова опасно за поддршката на Украина?

Ова е дилема. Русите веднаш ја примија топката и објавија дека украинската офанзива пропаднала, повикувајќи се на генералот Залужни, кој рече дека веројатно нема да има „длабок и убав пробив“. Дилемата е: Украина ги немаше сите капацитети што ѝ беа потребни. Секогаш го зборував тоа и тогаш луѓето мислеа дека со морал можеш да го направиш тоа. Ова е спротивно на секоја воена логика. Генералот Залужни, ​​исто така, пред неколку месеци даде многу јасна изјава преку англиските медиуми - ние сме на фронтот, не треба да ни објаснувате како треба да ја водиме оваа војна. Благодарни сме за секоја испорака на оружје што ја добиваме, но ситуацијата е таква што без воздушна поддршка не можеме да продолжиме како што е опишано во прирачникот на НАТО. Затоа развивме сопствена тактика.

Зарем рововската војна не е во тек веќе околу една година? По повторното заземање на Херсон, немаше големи промени на линијата на фронтот. Тогаш зошто оваа изјава сега?

Работата е што Украина секогаш била добра кога била мобилна. Русите постојано успеваа да ја натераат Украина на стационарна војна. Ова, се разбира, ја фаворизираше руската страна бидејќи таа тука може да ги искористи своите големи можности, како што е употребата на масивна артилерија, но и интервенциите во електромагнетното поле, попречување на врските и комуникацијата со беспилотните летала. Оваа дилема требаше да се прекине со офанзивата која започна на 4-ти јуни, но таа не ги постигна зацртаните цели. Така, Русите повторно ги принудија Украинците да се вратат во рововска војна.

Затоа сега е моментот кога треба да се заврши со летната офанзива и Украина да се подготви за да може повторно да тргне во офанзива напролет. Видливи се знаци за тоа - создавањето на пет нови бригади. Но, прашањето е: од каде ќе дојде оружјето? За да го направат тоа, им требаат 150 тенкови, 300 оклопни возила, најмалку 200 до 300 артилериски системи, кои мора да бидат испорачани сега. Не треба да се тагува поради офанзивата, туку треба да се поставува прашањето што ќе се случува понатаму?

Дали Западот е подготвен за рововска војна во Украина?

Западот не е подготвен за тоа, затоа што Западот 20 месеци си ја разубавува ситуацијата и затоа што верува дека Украина е во состојба со морал да ја победи оваа руска мечка. Работите не функционираат така. Според мене, има две опции. Една од нив е да се оди на all-in. Но, за тоа е потребно секоја недела во Украина да влегуваат четири до пет натоварени воени возови. Другото е самокритично да се признае дека тоа не е можно. Тогаш тоа треба и да им се каже на Украинците. Можеби тогаш ќе треба да се започнат преговори, но со признание дека Украина веќе нема да постои како држава во сегашната форма бидејќи Русија ќе ја уништи.

Која е Вашата прогноза за 2024 година?

Се приближуваме до точка на кулминација, кога ситуацијата е на работ и ќе се решава - во една или друга насока. Имаме повеќе кризи и вниманието кон Украина станува сè потешко за одржување. Ако Украина не успее да остане во центарот на вниманието на светот и, пред сѐ, јасно да ѝ стави до знаење на европската страна дека војната за Европа можеби ќе се решава во Украина, тогаш работите ќе бидат тешки за Украина. Ако Украина успее да го направи спротивното, тогаш конфликтот би можел да се развие во оваа насока. Не знаеме дали е ова можно. Сведоци сме на историја во создавање. Затоа статијата на Залужни е толку важна.

Маркус Рајзнер е воен историчар и полковник во австриската армија

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми