1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Воена парада во Белград: Демонстрација на моќ

20 септември 2025

Најголемата воена парада во Србија во последните години се организира во сенка на протести, политички поделби и регионални тензии. Аналитичарите оценуваат дека целта е првенствено внатрешно политичка.

Војници во маскирни униформи и шлемови со автоматски пушки во равете стојат покрај оклопни возила
Припадниците на специјалната единица на Српските вооружени силиФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Бескрајни колони тенкови татнееја по булеварите, а борбени авиони и хеликоптери летаа над станбените згради од раните утрински часови. За многу Белграѓани, сцените од изминатите неколку дена повеќе личеа на воени снимки отколку на подготовки за воена парада.

Српскиот главен град беше блокиран две недели поради пробите за воениот настан „Моќта на единството“, кој се одржува денеска (20 септември, 2025) во близина на Палатата на Србија.

Нема многу еуфорија меѓу граѓаните. Многумина се жалеа на тешкотиите во движењето низ градот. Булеварите и главните патишта беа затворени, возачите заглавени во сообраќајот, додека пешаците беспомошно се обидуваа да ги преминат улиците меѓу редовите воени возила.

Парадата е организирана по повод Денот на српското единство, слобода и национално знаме - празник воведен во 2020 година на иницијатива на српскиот претседател Александар Вучиќ и на претседателот на Република Српска Милорад Додик , а во спомен на пробивот на Солунскиот фронт во Првата светска војна.

Иако самиот датум се слави на 15 септември, властите одлучија централниот настан да се одржи пет дена подоцна.

Според официјалните лица, на парадата учествуваат околу шест илјади припадници на српските вооружени сили, додека уште четири илјади ќе бидат ангажирани во логистика и техничка поддршка. За време на парадата ќе бидат претставени нови видови оружје и борбени возила, а војниците ќе развеат и тробојка долга 300 метри, која ќе ја носат ученици од воените училишта.

Закана за регионот

„Потребата за прикажување на многу опрема е инфантилна“, изјави за ДВ воениот аналитичар Александар Радиќ. „Не се прикажува оптимално количество, туку големо количество. Целта е да се направи голема, да се создаде слика дека има многу  нешто. Наместо да се прикажат пет парчиња опрема, се прикажуваат 40-50. Значи, има опрема купена во 1970-тите, но и опрема што е стекната во поново време.“ 

Оклопни возила на српската војскаФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Според него, најзначајната воена опрема што ќе биде прикажана на парадата доаѓа од Израел, кој стана главен снабдувач на оружје за Србија. Израелските медиуми минатиот месец објавија дека Белград потпишал договор од 1,64 милијарди долари со израелската компанија „Елбит Системс“, што претставува 70 проценти од вкупниот годишен буџет за одбрана на Србија за 2025 година.

Радиќ очекува дека на парадата ќе биде прикажан и новиот повеќекратен ракетен фрлач ПУЛС, кој неодамна пристигна од Израел, со ракети со дострел до 300 километри.

„Доколку се покаже таков систем, секако регионот ќе се тресе, бидејќи ќе биде препознаен како директна закана од Вучиќ кон другите, бидејќи тоа е средство со кое Србија може да достигне до Загреб од истурени огнени позиции“, вели Радиќ.

Армија за внатрешна употреба

Но, годинешната парада првенствено има внатрешнополитичка функција, се согласуваат соговорниците на ДВ. Таа доаѓа во време кога граѓаните десет месеци протестираат против корупцијата, барајќи правда за 16-те лица загинати при уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад.

Во услови на тешка политичка криза, примарната цел на парадата е да се покаже силата на државата, но и да се заплашат граѓаните со демонстрација на воена сила.

„Фактот дека некој ја смислил идејата парадата да се нарече ’Моќ на единството’ зборува сам за себе. Владата страда од недостаток на единство. Владата, што доведе до целосно поделено општество, до екстремна поделба на Србите на две страни - оние кои се за протестите и оние кои се против протестите  - сака симбол на единство. И со оглед на тоа што војската традиционално е доверлива институција, тие се обидуваат буквално да создадат симбол на тоа единство преку војската“, вели Радиќ.

Тој додава дека во некои други земји и времиња, политичарите прибегнале кон војна во време на криза, но дека сега нема услови за такво нешто. „А потоа се создава еден вид замена за кризата со прикажување тенкови на улиците во центарот на Белград“, вели Радиќ.

Вук Вуксановиќ од Белградскиот центар за безбедносна политика додава дека ваквите тактики имаат елементи на надреалното.

„Војската во Србија имаше историска улога како значаен политички фактор, но никогаш не беше позната како ефикасен инструмент во сузбивањето на внатрешните политички немири“, потсетува тој.

Меѓу српските студенти во блокада

01:22

This browser does not support the video element.

Парадата ќе има порака за сите

Началникот на Генералштабот на српските вооружени сили Милан Мојсиловиќ ги отфрли критиките дека воената парада ги заплашува граѓаните и им се заканува на соседите, нарекувајќи ги ваквите забелешки „манипулација“, но додаде:

„Убаво е да имаш порака за сите: за пријателите, сојузниците - радост и среќа, а за другите - веројатно гнев и нервоза.“

Српскиот претседател Александар Вучиќ, исто така, пред парадата изјави дека двата новоформирани воени сојузи - едниот меѓу Хрватска, Албанија и Косово , а другиот меѓу Хрватска и Словенија - се насочени против Србија.

„Тие имаат силна заднина во НАТО. Очекуваат Бугарија да им се придружи. И не смееме да бидеме слепи, слични сојузи беа склучени на ист начин пред големата војна. Мора да бидеме свесни за нечии намери, бидејќи некој не го направил ова за да јаде ракчиња, туку за да работи директно против интересите на српскиот народ“, рече Вучиќ.

Меѓутоа, овие сојузи се далеку од традиционалните воени сојузи кои би се подготвувале за напад, вели Вук Вуксановиќ. Тој потсетува дека претседателот и претходно користел воени паради за меѓународна употреба.

„Неговата порака обично беше: Јас сум силен, безбедноста на Балканот зависи од мене, треба да преговарате со мене и да ме сфатите сериозно како соговорник“, изјави Вуксановиќ за ДВ. „Очигледно е дека Србија не е дел од овие безбедносни иницијативи првенствено од политички причини, но да се зборува за сојузи што ќе започнат напад врз Србија е само хипербола што се користи во овој случај заради домашен спин“.

Двојна слика за домашната и странската публика

Додека во јавните настапи го обвинува политичкиот Запад за заговор против него и за финансирање на протестите и блокадите, во пракса Вучиќ се обидува да обезбеди поддршка за својот опстанок на власт токму од овие актери, велат соговорниците на ДВ. Тој го прави ова првенствено преку купување оружје.

„Кога Србија купува оружје, таа купува политичка наклонетост на одредени земји. Вооружувањето и модернизацијата на самата армија се неопходни и не се контроверзни, но тоа е второстепено во однос на политичкиот императив“, вели Радиќ.

Како еден пример за овој парадокс, тој го наведува доаѓањето на командантот на Националната гарда на Охајо, Метју Вудраф, кој ќе учествува во одбележувањето на 81-годишнината од мисијата „Халиjард“, заедно со американските специјални сили, во пресрет на парадата, а потоа ќе присуствува и на самата парада.

„Се испраќа двојна слика: се прави обид да се покаже пријателство кон водечките сили преку заеднички воени активности и набавка на оружје, додека во исто време во интерес на Вучиќ е да предизвика нервоза во регионот и насловните страници по парадата да бидат во тонот на застрашувачката моќ на Србија, која може да ја достигне секоја точка во регионот со своите ракети“, заклучува Радиќ.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми