1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиГерманија

Воена помош за Израел? Скепса кај германските политичари

8 август 2024

Дали Германија воено ќе му помогне на Израел во случај Иран да ја нападне таа земја? Политичарите во Берлин се прилично резервирани за таа опција. Кои опции за воена помош се можеби реални?

Израелското знаме се вее во близина на Бундестагот: Поделени мислења меѓу пратениците околу можна воена помош за Израел
Израелското знаме се вее во близина на Бундестагот: Поделени мислења меѓу пратениците околу можна воена помош за ИзраелФотографија: Christoph Soeder/dpa/picture alliance

На крајот на јули германскиот министер за одбрана Борис Писториус ги посети Хаваите. Далеку од сѐ поинтензивната ескалација на ситуацијата на Блискиот Исток. Во Пацификот два германски воени брода, меѓу кои и фрегатата Баден-Виртемберг, учествуваа во воен маневар. Иако беше многу далеку од конфликтот во медитеранскиот регион, влошувањето на ситуацијата меѓу Израел, Палестинците и Иран го преокупираше министерот за одбрана и на Хаваите. Во интервју за ДВ, тој речиси молечки го коментираше евентуалниот воен напад на Иран врз Израел. „Ние не го сакаме тоа и мора да го искористиме сето свое влијание за да дејствуваме врз сите актери таму, со цел да не ескалира ситуацијата. Сите таму мора да направат сѐ што е можно за да завладее мир што е можно поскоро“, рече Писториус.

Членови на ЦДУ за ангажман на Бундесверот

А дома, во Германија, политичките партии долго време се расправаат дали Бундесверот треба да биде вклучен во случај на ирански напад, со цел да се заштити Израел. Германија го снабдува Израел со оружје, Берлин ја поддржува владата на Израел и на многу други полиња. Но, ангажман на германските војници беше и сѐ уште е - незамислив. Досега израелската влада ниту еднаш не побарала од Германците активирање на Бундесверот. Експертот за надворешна политика и безбедност од пратеничката група на ЦДУ во Бундестагот, Родерих Кизеветер, сепак минатиот викенд изјави за радио станицата Дојчландфунк дека германската влада ќе мора „конечно да се разбуди“ во контекст на заострувањето на ситуацијата. Како можни примери за воена помош, тој го спомена обезбедувањето гориво на борбените авиони на сојузничките земји во воздух, односно за време на летот, односно вклучувањето на Еурофајтер во одбраната од ирански беспилотни летала.

Родерих Кизеветер од редовите на Христијанско-социјалната унија (ЦДУ)Фотографија: Kai-Uwe Heinrich/TSP/IMAGO

Кизеветер воедно појасни - германските војници не смеат да напаѓаат цели во Иран.

Слични изјави дојдоа и од Централниот совет на Евреите во Германија. „Историската одговорност на Германија за безбедноста на Израел не е правно обврзувачка. Но, според мене, ова секако значи дека Германија, во случај на напад од размери кој моментално се заканува, воено ќе биде на страната на еврејската држава“, нагласи претседателот на Советот Јозеф Шустер за медиумскиот сервис РНД.

Германски државен резон

Историската одговорност на Германија за Израел по Холокаустот, односно убиството на неколку милиони европски Евреи за време на Втората светска војна, се однесува на концептот на „државен резон“. Односно фактот дека Германија доброволно се обврза да биде секогаш на страната на Израел. Овој „државен Резон“ не е законски регулиран, но членовите на сегашната и минатите германска влада често ја нагласуваат.

До актуелната ескалација на Блискиот Исток дојде по ликвидацијата на шефот на радикалниот исламски Хамас, Исмаил Ханија, во Техеран. Убиството му се припишува на Израел. Но, што точно значи „државен резон“? Дали тоа значи дека, во случај на потреба, германски војници на лице место, на Блискиот Исток, би учествувале во операцијата за заштита на Израел?

Засега нема никакви барања од Израел

Другите германски политичари можеби не сакаат да одат далеку како Кизеветер, ни во опозицијата, а камоли од редовите на владејачката коалиција. Заменик-шефот на Клубот на синдикатите во Бундестагот, Јохан Вадефул, избегна да даде прецизен одговор на тоа прашање. „Сценаријата како воена поддршка не се на дневен ред според нашите сознанија. За тоа и онака би бил потребен мандат од Бундестагот“, рече тој за РНД.

На сличен формален начин одговори и претседателот на Комисијата за одбрана во Бундестагот, Маркус Фабер (ФДП), на прашањето за улогата на германските војници во евентуална војна на Блискиот исток. „Израел јасно соопшти дека би можеле да помогнеме. И тоа треба да го направиме - на пример со брзо издавање одобренија за извоз на оружје. Испраќање на Бундесверот во Израел не се бараше и таму и онака нема да може многу да помогне.“

Борба против ИД

Факт е навистина дека Бундесверот нема да може да помогне конкретно на лице место. Како и Кизеветер, експертот за надворешна политика на ФДП, Улрих Лехте, како можност го споменува вклучувањето на Бундесверот во полнење гориво на сојузничките авиони додека тие се во воздух.

Улрих Лехте од редовите на ЛибералитеФотографија: Jean MW/Geisler-Fotopress/picture alliance

А претставникот на Зелените, една од партиите на семафор-коалицијата, претставникот Сергеј Лагодински, за берлинскиот весник Тагесшпигел спомена дека Бундесверот всушност веќе е воено активен во регионот на Блискиот Исток. Имено, германски војници учествуваат во воената операција против џихадистичката милиција Исламска држава.

Бундесверот таму е активен од 2015 година. До 500 германски војници се стационирани во Ирак и во Јордан, кои учествуваат во операцијата за воздушно полнење гориво на американските и другите сојузнички авиони.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми