Маневри на Русија и Белорусија - прикриено мобилизирање?
12 септември 2025
Ова е прва заедничка воена вежба на Русија и Белорусија на белоруска територија од 2021 година. Тогаш маневрите го подготвија рускиот напад врз Украина, оценуваат ретроспективно аналитичарите, бидејќи Русија нападна од северозапад, значи од белоруска територија.
Државниот врв во Киев смета дека е мала веројатноста оти Русија повторно ќе нападне од Белорусија. Украина веќе премногу добро ја штити својата граница, вели Андриј Демченко, портпарол на украинските погранични трупи.
Украина внимателно ја следи вежбата
„Секако дека нашите единици следат што се случува и до кој степен вежбата дополнително ја зголемува опасноста за нашата земја“, вели портпаролот: „Веќе може да видиме руски војници и руска воена опрема од другата страна на границата.“
Во првите денови од инвазијата пред три и пол години, руските сили од Белорусија прво напредуваа до поранешната атомска централа Чернобил, а потоа во правец на Киев. Пробивот запре само неколку километри северно и западно од украинскиот главен град. По неколку недели на Украина сепак ѝ успеа да ги протера руските сили оттаму, а Русија потоа во најголем дел ги распореди во Донбас, на фронтот во источна Украина.
Нови резервисти за фронтот?
Украинскиот воен експерт Васил Печњо на телевизијата Еспресо оцени дека како резултат на руско-белоруските маневри е можно да има барем провокации на границата. „Покрај тоа, вежбата би можела да претставува еден вид прикриено мобилизирање за Русија“, предупредува тој.
Руската армија би можела да испрати резервисти без да каже дека се всушност предвидени за она што Русија го нарекува специјална воена операција во Украина. „А потоа ќе бидат испратени, на пример, на фронтот во источна Украина“, вели воениот експерт. Така Русија би добила нови војници и тоа би ѝ овозможило да ги интензивира нападите на боиштето.
Главна цел: заплашување на Западот
Маневрите „Запад 2025“, сепак, пред сѐ имаат за цел да ги заплашат западните партнери на Украина, се вели во Киев. Затоа белоруското воено раководство најавило дека ќе ја вежба и употребата на нуклеарно оружје и нови ракети со среден дострел.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги спомена маневрите во контекст на руските дронови што во средата вечер (10.09) летаа на полска територија, односно на територија на НАТО и таму беа соборени. „Русите тестираат до каде може да одат и како ќе реагираат земјите од НАТО“, вели Зеленски и додава дека „белоруско-рускиот маневар де факто започна. Тестирањето на реакцијата на НАТО може да е дел од плановите за оваа воена вежба.“
Медведев ја обвинува Финска дека планира напад
Иако рускиот државен врв не ги изговара отворено заканите кон западните поддржувачи на Украина, личности блиски до Кремљ со години го прават тоа, како што тоа не толку одамна го направи поранешниот претседател Дмитриј Медведев. Тој тврдеше дека Финска подготвува напад врз Русија. Медведев рече дека нападот ќе доведе до колапс на финската државност.
Автор на текстот: Флоријан Келерман, АРД