1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Военото секојдневие во Русија

Ина Рук | АРД
21 ноември 2024

По илјада дена војна во Украина, во Русија е единствено видлива воената пропаганда. Ако и постои сомнеж, подобро е да се молчи: секој може да биде режимски свиркач, е впечатокот на дописничката на АРД од Русија.

плакат Украина војна
Фотографија: Alexander Ermochenko/REUTERS

На најпознатата московска улица Стар Арбат со месеци се истакнуваат плакати со кои се величи „специјалната операција“ - „војна“ сѐ уште е забранет термин. Целата низа ја величи „непобедливоста“ на руското оружје: на плакат со хеликоптер пишува „Тој ќе те најде. Тој е зол. Тој е наш грабливец“, под сликата на тенк пишува „Дали го слушаш? Бучавата на неизбежната одмазда?" Има и постер на група руски војници стилизирани како икони, дури и со аура околу главите со шлемови. Пораката е повеќе од јасна: војната е светост. Да се ​​каже или дури да се мисли што било друго е еднакво на богохулење. На еден постер е сосема јасно наведено: „Ако Бог е со нас, тогаш кој е против нас?“.

Граѓаните поминуваат покрај плакатите, одвај некој од нив ги забележува. Дека е војна, тоа им е јасно на сите. А исто така им е јасно дека е лесно да се стигне зад решетки ако се критикува - „дискредитира“ како што пишува во законот. Опозицискиот активист Иља Јашин заврши во логор каде што беше разменет летово, затоа што на Јутјуб изјави дека би можело да има и вистина за масакрот што го извршија руските војници во Буча.

„Тој ќе те најде. Тој е зол. Тој е наш грабливец“ - стои на плакат со кој се величи руското оружјеФотографија: Stanislav Krasilnikov/TASS/dpa/picture alliance

И лекарката во логор 

Во затвор не се праќаат само активисти: Надежда Бујанова е педијатар, има 68 години и лекува деца во Москва. Не молчела ниту пред едно момче кое дошло на преглед со мајка му, вдовица на војник кој загинал во Украина. Мајката веднаш ја пријавила лекарката во полиција, а на судењето воопшто не било јасно што навистина рекла лекарката и што мајката разбрала од тоа. Но, дури и тоа било доволно за судот: лекарката е осудена на пет и пол години во затворски логор.

Од стаклениот кафез во судницата, Бујанова сето тоа го прогласи за „апсурд“. Но, тоа не е апсурд, туку старо и добро познато секојдневие и во Советскиот Сојуз и во царска Русија - дури и ѕидовите имаат уши, секој може да биде поткажувач.

1.000 дена војна, во Русија значи и 1.000 дена воена пропаганда. А, неа ја има насекаде: од пешачката зона на Москва сè до најоддалечените населби на Сибир. На телевизија се нижат вести за воени успеси - секогаш се само успеси - и разговори со „експерти“. И сите го кажуваат истото: ние не сме виновни за ништо, туку сето тоа се фашисти во Украина и воени хушкачи во Европската унија. Но, победата е сигурна. 

Одликување, пари - молк 

Насекаде има плакати со војници на бојното поле, на училишни приредби танцуваат деца во униформи, насекаде има огласи кои повикуваат на воена служба - дури и на илјадниците автомати за јавен превоз во Москва. Ако нема доволно патриотизам, тогаш тука се парите: пишува дека се заработуваат и до 50 илјади евра во првата година од воената служба на фронтот. На оној кој стенка под товарот на долгови, а такви во Русија има многу, униформата лесно може да му се причини како единствено решение.

Ако патриотизмот не е доволен мотив да се оди на бојно поле, тогаш тука е и големата платаФотографија: Sergei Malgavko/Tass/picture alliance

1.000 дена војна за Русите значи и 1.000 дена страдање. Низ градовите во Русија се редат нови гробови на војници кои пристигнале во лимени ковчези, на градските гробишта Сиктивкар, на северот на Урал, и не само таму, е отворено цело ново поле за загинатите од тој крај. Руските извори во своите вести за „победи“ и „успеси“ воопшто не зборуваат за бројот на жртвите. Новинарите на британската Би-Би-Си - оваа станица не може да се следи во Русија - се потрудиле да ги пребројат некролозите и известувањата за смрт што можат да се најдат на интернет, така што веќе сега стигнале до над 77 илјади загинати. Тоа се проверени информации, со име и презиме на секој од нив. Дури и умерените проценки на западните воени експерти и разузнавачки служби велат дека лесно може да има двојно повеќе загинати, не сметајќи ги тешко ранетите и идните инвалиди. 

Во сите 12 години од американската војна во Виетнам, загинаа околу 56 илјади американски војници, поради што расположението на американските универзитети се граничеше со револуција. И 26.000 загинати советски војници во Авганистан трајно и неповратно го обележаа целото руско општество. Но, во денешна Русија, и по толку жртви, владее гробна тишина: на семејствата им се испраќа постхумно одликување, добиваат и прилично висок паричен надоместок за да им се затвори устата.

Семејството добива одликување, паричен надоместок, воен погреб и потоа - нека молчатФотографија: Andrei Samsonov/TASS/imago images

Убедлива поддршка за Путин? 

Всушност, руската пропагандна машинерија за Украинците сè уште зборува како за „браќа“ кои биле заведени од фашистите, но во јавноста тешко дека има какво било разбирање за страдањата што им се нанесуваат. Тешко е да се каже дали е тоа страв или рамнодушност. Понекогаш - особено по жестоките напади на руската армија - на спомениците и натписите на улиците именувани по уметници родени во Украина, се појавуваат цвеќиња и мал натпис со пораката „простете ни“. И на дрвјата во парковите понекогаш може да се видат две ленти, една жолта и една сина, како боите на Украина. Кој ги поставува? Тоа ја интересира и полицијата на Русија. Но, нема јавен револт.

По 1.000 дена пропаганда и притисок, колку Руси ја поддржуваат војната и политиката на Владимир Путин? Се разбира, речиси е невозможно точно да се каже, дури и кога независниот институт Левада во истражувањата на јавното мислење поставува заобиколни прашања, поради што испитаниците не мора да се плашат од одење во затвор. Но, и тој институт оценува дека Путин со својата политика ужива убедлива поддршка од граѓаните.

1.000 дена војна во Русија значи и 1.000 дена воена пропаганда - буквално насекаде и преку сите медиумиФотографија: Alexander Ermochenko/REUTERS

За државниот Институт за социологија на Руската академија на науките нема ниту најмал сомнеж: според најновото истражување, објавено минатата недела, 78% од испитаниците ја поддржуваат „специјалната операција“, а нивниот број расте. Директорот на институтот, Михаил Горшков, тврди дека многу граѓани „секако сакале да го кажат своето мислење“ и дека „дури и по овие бројки“ е јасно дека „Русија веќе не е на колена“. И тоа е еден од натписите на плакатите во Арбат: „Руската мечка само што се буди. Ова е само почеток“.

1000 дена војна радикално ја промени Русија. Боиштето не е само против Украина, туку и против „домашните предавници“ во своите редови. Секој што е против „мудрото водство“ на Путин, политиката и војната, или дури има разбирање за Украина, подобро му е да молчи или да избега од Русија ако не сака да оди во логор. Токму како во не толку дамнешното доба на царска Русија...

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми