1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Израел првпат призна дека го ликвидирал Исмаил Ханија

СН/агенции
24 декември 2024

Пред речиси пет месеци, долгогодишниот шеф на дипломатијата на исламистичката терористичка организација Хамас загина во експлозија во Техеран. Сега Израел за првпат потврди дека е одговорен за убиството на Исмаил Ханија.

Лидерот на Хамас, Исмаил Ханија беше убиен во експлозија во Техеран на 31 јули, 2024 година
Лидерот на Хамас, Исмаил Ханија беше убиен во експлозија во Техеран на 31 јули, 2024 годинаФотографија: Hassan Ammar/AP Photo/picture alliance

Израел ја презеде одговорноста за убиството на лидерот на Хамас Исмаил Ханија во Техеран. Министерот за одбрана, Израел Кац, во понеделникот (23.12.2024) призна дека Израел го ликвидирал  Ханија во Техеран претходно годинава, предупредувајќи дека војската ќе го „обезглави“ раководството на јеменските бунтовници Хути, исто така, поврзани со Иран.

Израел досега не призна дека го убил Ханија, иако Иран го обвини за убиството на политичкиот лидер на палестинското движење Хамас, кое САД и ЕУ го сметаат за терористичка организација.

„Ќе ги удриме силно Хутите... и ќе го обезглавиме нивното раководство - исто како што направивме со Ханија, (Јахја) Синвар и (Хасан) Насралах во Техеран, Газа и во Либан, ќе го направиме тоа и во Ходеида и во Сана“ рече Кац.

Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, е прв официјален претставник на земјата кој изјави дека Израел е одговорен за смртта на Исмаил ХанијаФотографија: MENAHEM KAHANA/AFP

Јеменските Хути поддржани од Иран напаѓаат комерцијални бродови во Црвеното Море повеќе од една година во обид да спроведат поморска блокада на Израел, велејќи дека тие дејствуваат во знак на солидарност со Палестинците во Појасот Газа.

Кац додаде дека „на секој кој ќе крене рака на Израел ќе му биде отсечена раката, а долгата рака на ИДФ (израелската армија) ќе го удри и ќе го повика на одговорност“, соопшти израелското Министерство за одбрана.

Ханија, за кој се веруваше дека преговарал за прекин на огнот во Појасот Газа во име на Хамас, беше убиен на 31 јули во пансион во Техеран, наводно со импровизирана експлозивна направа поставена од израелски оперативци неколку недели претходно.

Протест во Техеран на 31 јули поради убиството на Исмаил ХанијаФотографија: Vahid Salemi/AP Photo/picture alliance

Еден ден претходно, Ханија присуствуваше на инаугурацијата на иранскиот претседател Масуд Пезешкијан.

Израел го уби лидерот на Хезболах Хасан Насралах во бомбашкиот напад во Бејрут на 27 септември, по што следеше убиството на наследникот на Ханија, Јахја Синвар, на 16 октомври во Појасот Газа.

Израелските власти велат дека Синвар го организирал нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, кој ја предизвика војната во Појасот Газа.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми