Војна во Газа: Израелски министер бара нови избори
4 април 2024За првпат еден член на воениот владин кабинет во Израел повика на одржување на нови избори во земјата. Повикот доаѓа во период во кој владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху се соочува со засилен притисок дома и во странство поради војната во Газа. Најпопуларниот министер во воениот кабинет Бени Ганц побара националните избори да се одржат во септември.
„Мораме да се договориме за датумот на изборите во септември, во пресрет на првата година од војната ако сакате. Одредувањето на таков датум ќе ни овозможи да продолжиме со нашите воени напори и истовремено да му сигнализираме на народот во Израел дека сакаме да ја вратиме нивната доверба во нас“, рече Ганц.
Расте притисокот врз Нетанјаху
Илјадници Израелци редовно излегуваат на улиците барајќи нови избори, со бројни критики за Нетанјаху и гнев поради начинот на кој неговата влада постапува во преговорите за ослободување на 134 израелски заложници кои Хамас ги држи во Газа шест месеци од избувнувањето на војната.
Нетанјаху, премиерот на Израел со најдолг стаж, повеќепати ја отфрли можноста за распишување предвремени избори. Анкетите сугерираат дека Нетанјаху ќе загуби на изборите, а тој неодамна изјави дека распишувањето избори среде војна ќе биде награда за Хамас. Неговата партија Ликуд соопшти дека Ганц ќе мора да престане да се занимава со политика среде војна.
„Изборите сега ќе донесат застој, поделби, ќе им наштетат на борбите во Рафах и ќе нанесат фатален удар на шансите за договор за заложниците“, соопштија од Ликуд.
Ганц, поранешен израелски генерал, ѝ се придружи на владата на Нетанјаху во раните денови од војната демонстрирајќи политичко единство за време на кризата. Анкетите покажуваат дека неговата партија би била најуспешна на изборите, а тој би бил фаворит за преземање на премиерската функција. Нетанјаху вети дека ќе ги врати заложниците дома, како и дека ќе го уништи Хамас, но не е јасно како Израел може да го стори тоа, додека експертите се сомневаат дали е тоа можно.
Поддршка од САД
Во САД, лидерот на демократското мнозинство во Сенатот Чак Шумер го поздрави повикот на Ганц. „Кога истакнат член на израелскиот воен кабинет повикува на предвремени избори и 70 отсто од израелското население го поддржува тоа според голема анкета, знаете дека тоа е исправно“, напиша Шумер на онлајн сервисот Х. Шумер, највисокиот избран еврејски функционер во САД, се изјасни за промена на власта во Израел во сензационален говор во март.