1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Војна во Газа: Колку е силен Хамас?

Керстен Книп
5 април 2024

Војната помеѓу Израел и Хамас трае веќе шест месеци. Исламистичката милиција продолжува да се држи и покрај воената сила на Израел. Невозможно е да се каже точно колку е силен Хамас, но постојат индикации.

Хамас тунел
Разгранетиот систем на тунели продолжува да му нуди заштита на ХамасФотографија: Amir Cohen/REUTERS

Претставниците на Израел и на САД во понеделникот (1.04) на видео-конференција беа во принцип согласни: За да го порази Хамас воено, Израел мора да ја нападне групата и во градот Рафах, на југот на Појасот Газа. „Тие (претставниците на двете држави, забелешка на уредникот) се согласија околу заедничката цел - да се победи Хамас во Рафах“, се вели во соопштението објавено од двете страни по конференцијата. „Американската страна изрази загриженост за различните пристапи во Рафах. Израелската страна се согласи да ги земе предвид овие грижи.“

Соопштението сугерира дека Хамас сѐ уште не е поразен воено. И по речиси половина година војна, тој продолжува да се бори со израелската армија. Колку долго ќе трае ова, останува да се види. Значи, колку е силен Хамас?

Тешко проверливи податоци

Прашањето тешко може да се одговори точно, вели британскиот политички аналитичар Хишам Хелиер од Кралскиот обединет институтот за одбранбени и безбедносни студии во Лондон. Затоа што двете страни се заинтересирани да ги истакнат своите успеси. „Секако дека Хамас сака да каже дека не е сериозно поразен, дека има одлично оружје или нешто слично“, вели Хелиер. „Обратно, пак, Израелците сакаат да изразат дека биле многу успешни во остварување на своите цели. Така што, во тој поглед веројатно ќе има голема пропаганда од двете страни. Сепак, претпоставувам дека тоа повеќе ќе го прават Израелците, бидејќи тие биле вклучени во многу повеќе операции, кои исто така однесоа многукратно повеќе жртви“.

Баран од Израел: Џихија ал-Синвар, шеф на Хамас во Појасот Газа, овде на фотографија од 2019 годинаФотографија: Ashraf Amra/ZUMAPRESS/picture alliance

Јасно забележливи ефекти

Сепак, ефектите од воената интервенција се дефинитивно забележливи, вели Гил Мурсијано, директор на тинк-тенкот Израелски институт за регионални надворешни политики. Бројот на истрелани ракети значително се намалува. И тоа не само во областа на Тел Авив, туку и во близина на границата на Израел со Појасот Газа. „Во оваа област бројот на убиства и загубите предизвикани од нив се речиси целосно намалени. Покрај тоа, операцијата на израелската армија во централниот дел на Појасот Газа доведе и до уништување на главните производни линии за напредно оружје, ракети, беспилотни летала и друго оружје. „Ова е значителна штета на воените капацитети што Хамас ги изгради во текот на многу години.“

Мајкл Милштајн, поранешен припадник на израелското воено разузнавање, а сега истражувач во центарот Моше Дајан на Универзитетот во Тел Авив, претпоставува дека околу 70 до 80 отсто од ракетниот арсенал на Хамас е уништен. Тоа е и затоа што на Хамас сè повеќе му недостасуваат компоненти. „Повеќето од резервите доаѓаа како шверцувана стока преку граничниот премин во Рафах. Но, тој сега се контролира многу внимателно. Затоа Хамас веќе речиси и не добива залихи“.

Сепак, тунелите и понатаму ѝ предизвикуваат проблеми на израелската армија, вели Милштајн. „Претпоставувам дека Хамас сè уште има најмалку 50 отсто од своите тунели.“ Ова го отежнува предвидувањето на неговото движење и им нуди заштита на неговите борци.

Уништена куќа во Појасот Газа (20.03.2024)Фотографија: Ashraf Amra/Anadolu/picture alliance

Хамас: Значителни загуби на персонал

Според воениот аналитичар Коби Мајкл од израелскиот тинк-тенк Институт за национални безбедносни студии, Хамас претрпел значителни персонални загуби. Израелската армија уништи 20 од 24 баталјони на Хамас, напиша Коби на веб-страницата на институтотво средината на март. Според него, биле елиминирани и стратешките цели на Хамас и воените производствени капацитети. Сепак, групата ќе може да се регенерира дури и врз основа на намалени капацитети. Тоа значи дека милициите можат да продолжат да им нанесуваат штета на израелските вооружени сили, „но без напредните ракетни способности што беа демонстрирани за време на оваа војна“.

Гил Мурсијано има сличен поглед на работите. Хамас сè уште може да дејствува во мали групи врз основа на герилски тактики, но на ниво на баталјон веќе не е функционален, смета тој. Само во градот Рафах има уште четири баталјони: „Тие беа ослабени од израелската армија, но сѐ уште се функционални.

Сепак, Израел се соочува со предизвик, уверен е Мајкл Милштајн. Армијата уби околу една третина од околу 30.000 членови на милицијата, што значи дека таа моментално има само околу 20.000 борци. Сепак, Хамас би можел доста брзо да ја затвори оваа дупка. „Затоа што таа не треба да прави многу повеќе од тоа да регрутира млади Палестинци“, нагласува Милштајн. Тоа речиси не би ѝ претставувало проблем, затоа што многу млади Палестинци во Газа сакаат да му се приклучат на Хамас“.

Како изгледа Газа по речиси три месеци војна?

01:03

This browser does not support the video element.

Дифузна закана

Според извештајот на Канцеларијата на директорот на националното разузнавање, Израел најверојатно уште долго ќе се соочува со континуиран вооружен отпор од Хамас. „Војската ќе биде зафатена со неутрализирање на подземната инфраструктура на Хамас.“ Ова ќе му овозможи на Хамас да се крие и да се опорави и повторно да ги изненади израелските сили.

Сепак, Хамас веќе нема да биде толку голема закана како што беше пред неколку месеци, вели Хишам Хелиер. „Мислам дека Хамас не е во позиција да изврши напад сличен на оној на 7-ми октомври.“

Неопходна е политичка кампања

Она што сега е потребно е политичка кампања, вели Гил Мурсијано. „Потребна е политичка алтернатива за Појасот Газа. Ако тоа не се постигне, воените успеси на крајот не носат ништо. Важно е да се спречи создавање политички вакуум во Појасот Газа. Затоа што тој веднаш повторно ќе се пополни воено“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми