1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Војна во Газа: Протестите против Нетанјаху продолжуваат

СН/агенции
8 јули 2024

Илјадници демонстранти продолжуваат да бараат ослободување на преостанатите заложници во Газа. Надежите за прекин на огнот пораснаа откако беше јавено дека Хамас делумно се откажал од своите барања во преговорите.

Луѓето во Израел со недели протестираат против постапките на владата на Бенјамин Нетанјаху во војната во Појасот Газа
Луѓето во Израел со недели протестираат против постапките на владата на Бенјамин Нетанјаху во војната во Појасот ГазаФотографија: Ohad Zwigenberg/AP/picture alliance

На денот кога се одбележаа точно девет месеци од почетокот на војната во Газа, вчера демонстрантите во Израел ги блокираа автопатиштата низ земјата, барајќи оставка од премиерот Бенјамин Нетанјаху и прекин на огнот за да се вратат заложниците кои ги држи Хамас во Појасот Газа.

Во близина на границата со Газа,  демонстрантите пуштија 1.500 црни и жолти балони во воздухот кои го симболизираат вкупниот број на убиени и киднапирани.

Вчерашниот протест започна во 6:29 часот, во исто време кога милитантите на Хамас ги лансираа првите ракети кон Израел во нападот на 7 октомври со кој започна војната. Демонстрантите ги блокираа главните патишта и демонстрираа пред домовите на израелските министри.

Протестите против владата на Нетанјаху главно се најмасовни во Тел АвивФотографија: Maya Alleruzzo/AP/picture alliance

Долготрајните напори за постигнување прекин на огнот добија во интензитет деновиве бидејќи Хамас се откажа од клучното барање Израел да ја прекине војната. Групата сè уште сака посредниците да гарантираат траен прекин на огнот, додека Нетанјаху вети дека ќе продолжи да се бори додека Израел не ги уништи воените и управувачките способности на Хамас.

Посредниците од САД, Египет и од Катар ги зајакнаа напорите минатата недела да посредуваат за договор меѓу Израел и Хамас. Покрај тоа, движењето Хезболах соопшти дека ќе ги запре нападите од Либан врз Израел доколку има прекин на огнот во Газа.

Компромисот, кој во саботата го најави Хамас, може да доведе до прва пауза во борбите од ноември и да постави терен за натамошни разговори, иако сите страни и натаму предупредуваат дека договорот сè уште не е завршена работа.

Израелски војници во Рафах во Појасот Газа по масовните операции во градотФотографија: Ohad Zwigenberg/picture alliance/AP

Примирјето би започнало со „целосен“ шестнеделен прекин на огнот за време на кој заложниците - постарите, болните и жените - ќе бидат ослободени од Газа во замена за стотици Палестинци кои се во израелските затвори.

Во текот на тие 42 дена, израелските сили би се повлекле од густо населените области во Газа и ќе им дозволат на раселените да се вратат во своите домови во северниот дел на Газа.

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми