1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Војна во Газа: Слабее ли поддршката за Израел?

Томас Лачан
26 март 2024

САД и Германија повикуваат на прекин на огнот, Канада ја прекинува испораката на оружје, а и ЕУ го заострува тонот: интензивните воени операции на Израел во Газа сѐ повеќе ги загрижуваат и неговите најблиски партнери.

Сериозни лица, различни ставови: американскиот претседател Џо Бајден и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху (фотографија од нивната средба во октомври 2023 година)
Сериозни лица, различни ставови: американскиот претседател Џо Бајден и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху (фотографија од нивната средба во октомври 2023 година)Фотографија: Miriam Alster/UPI Photo/imago images

Според информациите на Министерството за здравство во Појасот Газа, кое е под контрола на Хамас, речиси 32.000 луѓе ги загубиле животите откако израелската армија ја започна својата голема воена операција. Исто така, според истиот извор, повеќе од 74.000 се повредени. Овие податоци не можат независно да се проверат. Во војната во Појасот Газа која започна по терористичките напади на Хамас врз цивили во Израел на 7 октомври, во кои, според израелските информации, загинаа околу 1.160 луѓе, а околу 250 беа киднапирани - со оглед на големиот број жртви и страдањето на цивилите во Појасот Газа, се зголемуваат сомнежите во пропорционалноста на военото учество на Израел. Дури и меѓу блиските сојузници.

Околу 1,4 милиони луѓе сега се наоѓаат во Рафах и околината, повеќето од нив во вакви импровизирани сместувањаФотографија: Mohammed Dahman/AP Photo/picture alliance

Загриженоста кај партнерите владее пред сѐ поради плановите на израелската влада да ја продолжи копнената офанзива во пренаселениот град Рафах, со цел целосно да го уништи Хамас. Голема е загриженоста и за хуманитарната катастрофа. Затоа повиците за прекин на огнот во Појасот Газа стануваат сѐ погласни и поитни. Дали Бенјамин Нетанјаху ја губи поддршката од своите најблиски сојузници?

Спорот на САД со Нетанјаху

Соединетите Американски Држави се долгогодишен сојузник на Израел. Досега Вашингтон секогаш држеше заштитничка рака над Израел во Советот за безбедност на ОН. САД, исто така, го користеа своето право на вето во минатото на неколку резолуции кои повикуваа на итен прекин на огнот во војната меѓу Израел и Хамас.

Но, сега се појавија пукнатини во блиските и хармонични односи меѓу САД и Израел. Минатата недела, за време на еден телефонски разговор, наводно дошло до остра расправија меѓу американскиот претседател Џо Бајден и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Бајден ја опиша можната копнена офанзива на Рафах како „грешка“, но Нетанјаху сè уште опстојува во својата намера.

Притоа, оваа офанзива не е неизбежна. Самиот Нетанјаху неодамна јасно стави до знаење дека подготовките за неа ќе траат неколку недели. Сепак, бескомпромисниот став на израелскиот премиер, во комбинација со сѐ покатастрофалната хуманитарна ситуација во Појасот Газа, предизвика преиспитување на американската позиција во Советот за безбедност на ОН. Таму Вашингтон претстави нацрт резолуција со која требаше да се утврди „потребата од итен прекин на огнот“ во Појасот Газа. Резолуцијата не успеа да помине во петокот попладне поради ветата на Русија и на Кина. Сепак, во повтореното гласање во понеделникот, Русија и Кина се откажаа од ветото и беа воздржани, а останатите 14 членки на СБ ја изгласаа резолуцијата. Таа се смета за јасен сигнал од САД за зголемување на притисокот врз владата во Ерусалим.

Во преговарачка мисија на Блискиот Исток: американскиот државен секретар Ентони БлинкенФотографија: Evelyn Hockstein/AFP/Getty Images

Потегот беше проследен со интензивни преговори за договор за прекин на огнот и ослободување на израелските заложници во замена за палестински затвореници. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен моментално е во посета на Блискиот Исток за да разговара со сите вклучени страни. „Договорот е сѐ поблиску и е многу можен“, рече Блинкен неодамна прилично самоуверено.

Канада ја суспендира испораката на оружје

И Канада испрати јасни сигнали до Израел. Во Отава, канадскиот парламент со помош на гласовите на Зелените и Либералите донесе одлука за привремена суспензија на сите испораки на оружје за Израел. Покрај тоа, Канада треба да продолжи да работи на постигнување цел за двете држави, што се поврзува со признавањето на независна палестинска држава. Канадската министерка за надворешни работи Мелани Џоли објасни дека актуелната војна меѓу Израел и Хамас ја мотивирала таа одлука: ситуацијата на теренот, како што се вели, веќе не ѝ дозволува на Канада да извезува оружје во регионот.

Канада всушност се смета за близок сојузник на Израел, слично како и САД. Сепак, премиерот Џастин Трудо неодамна се најде на удар на критики поради постојаното заземање двосмислени позиции околу конфликтот на Блискиот Исток. Во декември, Канада ја одобри резолуцијата на Генералното собрание на ОН со која повикува на хуманитарен прекин на огнот, но резолуцијата не го повика Хамас да го положи оружјето. Откако сојузничките земји и опозициските политичари реагираа со неразбирање, Владата беше принудена да го образложи својот став со исцрпно соопштение. Дури и кога Јужноафриканската Република поднесе тужба за геноцид против Израел пред Меѓународниот суд на правдата, Трудо не успеа да формулира јасен став за случајот. Тој им рече на новинарите дека Канада го поддржува Меѓународниот суд на правдата и дека „ќе ја почитува секоја одлука“ која ќе ја донесе. Истовремено, меѓутоа, тој одби да каже дали Канада ги споделува обвинувањата за геноцид.

Канадскиот премиер Џастин Трудо на митинг за ослободување на израелските заложници во октомври 2023 година: критичарите го обвинуваат за неконзистентна политика кон Блискиот ИстокФотографија: Blair Gable/REUTERS

Опозицијата, но и бројни актери од граѓанското општество, неодамна го зголемија притисокот врз владата на Трудо да заземе појасни позиции за блискоисточниот конфликт. Тоа веројатно доведе и до ембаргото за оружје, за што одлучи парламентот, а владата има намера да го спроведе, иако одлуката на парламентот не е правно обврзувачка. Тоа ја става Канада меѓу земјите кои го запреа извозот на оружје за Израел, меѓу кои се Јапонија, Белгија, Холандија и Шпанија.

Самит на ЕУ - расте притисокот врз Израел

Во рамките на Европската унија, во прв ред Шпанија стана еден од најострите критичари на израелската воена операција. Заедно со неговиот ирски колега Лео Варадкар (кој во меѓувреме најави оставка), шпанскиот премиер Педро Санчез ја повика Европската комисија да го разгледа договорот за асоцијација на ЕУ со Израел. Мадрид и Даблин изразија сомневање дека Израел ќе ги исполни своите обврски од договорот, особено кога станува збор за „почитување на човековите права и демократските принципи“ кои се „суштински елементи на односите“. Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок го отфрли тој предлог, па за него всушност не се разговараше на самитот на ЕУ одржан на крајот на минатата недела. И покрај тоа, германската министерка, пред нејзината актуелна блискоисточна турнеја, го предупреди Израел за хуманитарната катастрофа во Појасот Газа.

Ретка едногласност: Шефовите на држави и влади на ЕУ во четвртокот (21 април, 2024) објавија заедничка изјава за војната меѓу Израел и ХамасФотографија: Geert Vanden Wijngaert/dpa/picture alliance

Конечно, 27-те шефови на држави или на влади на ЕУ во четвртокот (21 март, 2024) се согласија на заедничка изјава за конфликтот на Блискиот Исток, која има за цел засилено да укаже на одговорноста на Израел. Во соопштението се повикува на итен прекин на огнот што треба „да доведе до одржлив прекин на огнот, безусловно ослободување на сите заложници држени во Појасот Газа и обезбедување хуманитарна помош“. Исто така, израелската влада е повикана да не започнува копнена офанзива во Рафах. Тоа беше прва заедничка изјава на сите 27 земји членки на ЕУ за војната меѓу Израел и Хамас по пет месеци.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми