Војна во Газа: Започнуваат преговори меѓу Израел и Хамас
6 октомври 2025
Утре се навршуваат две години од нападот на исламистичката група Хамас врз Израел. Денеска, претставници на двете страни треба да започнат индиректни разговори во Египет за прекин на огнот и ослободување на заложниците во Појасот Газа. Основа за разговорите е мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп.
Според Министерството за надворешни работи во Каиро, во фокусот на разговорите, кои главно се водат преку посредници, прво ќе биде ослободувањето на преостанатите заложници во замена за палестински затвореници.
Главниот преговарач на Хамас, Халил ал-Хаја, пристигна синоќа во египетското одморалиште Шарм ел-Шеик. Пред само еден месец, Израел се обиде да ги убие ал-Хаја и други лидери на Хамас при напади во катарскиот главен град Доха. Притоа беше убиен синот на главниот преговарач. Ал-Хаја сега за првпат повторно учествува во разговорите за ставање крај на војната во Газа.
Израел сака брзо да постигне договор
Израелската делегација е предводена од министерот за стратешки прашања, Рон Дермер.
Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар изрази надеж за брз договор со Хамас. „Решени сме да постигнеме договор што е можно поскоро за да ги вратиме нашите заложници дома. Тоа, се разбира, би значело и прекин на огнот“, рече тој за германскиот весник Билд.
Истовремено, Сар предупреди на наивност во односот со терористичката организација. „Кога имате работа со Хамас, работите што изгледаат едноставни можат да бидат многу комплицирани.“ Тој нема доверба во Хамас. Сепак, Сар, како што рече, му верува на Трамп, кој постојано вршеше притисок врз Хамас.
Трамп се надева на брзи резултати
Владата на САД е претставена од зетот на Трамп, Џаред Кушнер, и специјалниот пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф.
Трамп е оптимист дека ќе има резултати уште оваа недела. „Ми беше кажано дека првата фаза треба да биде завршена оваа недела, и ги молам сите да побрзаат“, напиша тој на социјалната мрежа Трут Соушл
Американскиот претседател го објави ова само неколку минути пред истекот на „последниот“ рок што тој самиот го постави за Хамас да постигне договор. Терористичката организација во петокот објави дека се согласува со делови од мировниот план, но побара дополнителни преговори. Нејасно е дали со тоа поставениот рок стана неважечки за американскиот претседател.
Трамп уште напиша дека имало „многу позитивни разговори“ со Хамас и други земји за време на викендот за ослободување на заложниците и завршување на војната во Газа. Американскиот претседател повторно упати закана: „Факторот време е од клучно значење - во спротивно ќе дојде до „масовно крвопролевање“.