1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИран

Зошто Иран зависи од извозот во Кина

Астрид Пранге де Оливиера
5 март 2026

Економскиот притисок расте откако Иран го сопре поморскиот сообраќај низ Ормускиот теснец. Но, блокирањето на поморската трговија, нанесува штета и на домашната економија.

Танкер за нафта закотвен во пристаниште
Персиска сурова нафта: Танкер од Иран закотвен во пристаништето Џоушан во кинеската покраина ЏеџијангФотографија: Yao Feng/HPIC/dpa/picture alliance

Иако иранските закани го доведоа поморскиот сообраќај низ Ормускиот теснец во голема мерка до прекин, експерти се сомневаат дека Иран ќе ризикува долгорочна блокада на рутата како одмазда за израелско-американските напади. „Околу 70 проценти од трговијата на Иран што не е поврзана со нафта, минува низ пристаништа кои зависат од проодноста на Ормускиот теснец“, вели аналитичарката за гас и економија, Далга Хатиноглу од „Иран Интернешнл“, медиум со седиште во Лондон. Долгорочна блокада на теснецот првенствено би му наштетила на самиот Иран. „Не би било рационално Иран да го затвори Ормускиот теснец, бидејќи увозот на клучни стоки како храна на пример, но и поголемиот дел од нивниот извоз за Кина и Индија одат преку теснецот, така што тоа би одело на штета на земјата“, оценува за „Блумберг ТВ“ експертот за енергетика, Сара Вахшури, од „СВБ Енерџи Интернешнл“. Цените на нафтата и гасот скокнаа откако САД и Израел почнаа со напади врз Иран во саботата. Се проценува дека цената на еден барел нафта би можела да се искачи на 100 долари или повеќе ако поморскиот сообраќај низ Ормутскиот теснец стане премногу ризичен.

Главна трговска рута за нафтата

Според податоци на американските енергетски власти, околу 20% од суровата нафта за глобални потреби се испорачува преку мореузот. Над 80% од овие испораки одат во Азија, пред сè во Кина, Индија и Јапонија. Затворање на Ормутскиот теснец според Иран Интернешнл не само што би ги прекинало испораките на нафта, туку и испораките на керозин и течен природен гас. Околу 30% од европското авијациско гориво и 20% од ликвиден гас на глобално ниво се транспортираат преку преминот. Многу земји меѓу кои и САД, членките на ЕУ, Велика Британија, Јапонија и Канада - имаат стратешки резерви за да преживеат неколкунеделни привремени прекини.

Иран зависен од Кина

Блокадата не само што би ги прекинала испораките на нафта и гас од заливските земји за Западот, туку и иранскиот извоз наменет за Кина и Индија, што би ја влошило економската криза во Иран. Земјата е предмет на западни санкции, вклучително и за извозот, уште од Исламската револуција од 1979 година. Меѓу 2006 и 2015 година беа воведени дополнителни санкции од ОН заради нуклеарната програма на Иран. Санкциите беа олабавени во периодот од 2016 до 2018 година поради учеството на Иран во Заедничкиот сеопфатен план за акција. Сепак, американскиот претседател Доналд Трамп повторно воведе строги санкции откако ги повлече САД од заедничкиот план. Западните санкции нудат можност Иран да продолжи со трговијата на задна врата, бидејќи не се наметнуваат казни за државите кои не ги почитуваат ограничувањата. Тоа доведе до таму Иран 80% од својот извоз да намени за Кина, според податоци на платформата Кплер. Денес, Кина е најголемиот купувач на иранска, венецуелска и руска нафта. Западните санкции против сите три земји ги принудија да ја продаваат својата нафта по намалена цена, па иако Кина има корист, Иран мора да се задоволи со пониски приходи од извоз. Санкциите условуваат и флоти во сенка, посредници и заобиколувања, гпа така ги зголемуваат и трошоците за транспорт. „Во моментов Кина е неопходната нишка за извозот на нафта на Иран, бидејќи купува најголем дел од санкционираната сурова нафта“, вели Николај Кожанов од Универзитетот во Катар.

Кина го диверзифицира снабдувањето со нафта 

Затоа економскиот развој на Кина е поважен за Иран од било какви нови санкции на ОН. Санкциите врз Иран, Русија и Венецуела ѝ овозможија на Кина и да го диверзифицира увозот на нафта. Кина се дистанцира од добавувачите тесно поврзани со САД, како што се земјите-членки на Советот за соработка во Заливот, од кои многу се интегрирани во безбедносниот и финансискиот систем на чело со САД. Санкциите го ослабнаа Иран без разлика на неговата економска отпорност затоа што сериозно го ограничуваат пристапот до нови технологии, меѓународно финансирање и инвестиции, објаснува аналитичарот. Кожанов. Тоа на долг рок го намалува производството на нафта. „Иран веројатно ќе остане присутен на глобалните пазари на нафта, но како структурно ослабен снабдувач со големи попусти на цените, прогресивно тргувајќи со стабилни количини за понизок приход по единица“, вели Кожанов и додава дека „бавно растечката негативна спирала во нафтениот сектор на Иран го одразува општото и постепено опаѓање на целокупните перформанси и стабилност на режимот“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми