1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаГлобално

Дали се заканува нова нафтена криза како во 1970-тите?

Инза Вреде
27 март 2026

Помалку нафта, високи цени на бензинот, нервозни пазари – војната во Иран ги враќа спомените на нафтените кризи од 1970-тите. Тогаш, германската економија западна во стагфлација. Колку е навистина лошо денес?

Германија 1973 | Нафтена криза во 1970-тите | Жена и момче полнат канистри на бензинска пумпа
Нафтената криза од 1970-тите: Дали ни се заканува нешто слично?Фотографија: Bertram/dpa/picture alliance

Дали по германските автопати повторно ќе шетаат пешаци? Актуелната состојба на Блискиот Исток и наглото зголемување на цените на нафтата потсетуваат на двете нафтени кризи во 1973 и 1979 година. Тогаш арапските земји производители на нафта го намалија своето производство и цените на нафтата нагло пораснаа. Многу западни земји мораа да воведат мерки за штедење. Германија, меѓу другото, одлучи да воведе мерка - четири недели без автомобили во недела. Како е денес?

Се соочуваме со „најголемата закана за енергетската безбедност во историјата на човештвото,“ изјави Фатих Бирол во понеделникот (23.03) во Националниот прес-клуб на Австралија. Шефот на Меѓународната енергетска агенција (ИЕА) смета дека кризата на Блискиот Исток е полоша од двата нафтени шока од 1973 и 1979 заедно.

Тогаш недостигале „околу пет милиони барели сурова нафта дневно“, вели Бирол. „Денес станува збор за 11 милиони барели дневно — повеќе отколку во двете големи нафтени кризи заедно.“

Луѓе наместо автомобили: Пешаци на автопат во недела во време на забраната за возење во 1973 годинаФотографија: Michael Moesch/dpa/picture alliance

Слично мрачно ја оценува и состојбата на пазарот на гас. Според Бирол, во споредба со ситуацијата по нападот на Русија врз Украина во 2022 година, количеството на гас кој недостига во понудата на светскиот пазар се има удвоено.

Во 1970-тите намалената понуда предизвика раст на цените на нафтата, а со тоа и на други производи, што доведе до инфлација. Истовремено се намали индустриското производство и економскиот раст. Германија западна во стагфлација.

Цените на нафтата денес не се толку високи како во 1970-тите

Поради актуелната војна со Иран, понудата на нафта се намали за околу 8 проценти поради затворањето на Ормускиот Теснец. „Тогаш, во 1973/74, глобалната понуда на нафта падна за само околу пет проценти. Во таа смисла, денешниот шок е посилен,“ вели Клаус-Јирген Герн од Институтот за светска економија во Кил.

Клучната разлика со 1970-тите е тоа што тогаш цените на нафтата пораснаа повеќекратно. „Во 1973–1974 цените на нафтата се зголемија четирикратно. Во 1979 повторно се утроија,“ вели економистот за ДВ. Иако ембаргото беше укинато во 1974 и понудата на нафта повторно се зголеми, ОПЕК намерно ги држеше цените високи цела деценија — со последици за светската економија.

Цените на горивото во Македонија и Европа

01:11

This browser does not support the video element.

Денес ситуацијата е поинаква. „Цени над 100 долари по барел веќе сме виделе, последен пат по руската инвазија на Украина,“ вели Герн. Исто така и во 2007, 2008 и по 2011 година цените достигнаа такви нивоа. „Ова не е нова реалност. Во 1970-тите земјите беа соочени со цени што претходно не постоеле“, објаснува тој.

Дополнително, денешните високи цени се резултат на намалена понуда настаната поради блокадата на Ормускиот Теснец и како резултат на тоа - намалено производство, а не на уништена инфраструктура.

Затоа Герн очекува дека и понудата и цените би се вратиле на преткризно ниво по завршувањето на конфликтот. И Дојче Банк Рисрч оценува дека пазарите не сметаат со долготраен нафтен шок.

Погодена или исклучена енергетска инфраструктура

Некои штети сепак постојат. Повеќе од 40 енергетски постројки во девет блискоисточни земји се тешко оштетени, вели Бирол. Дури и по повторното отворање на Ормускиот Теснец, ќе биде потребно „многу време“ за повторно активирање на оштетените нафтени и гасни полиња. „Кај некои тоа ќе трае шест месеци, кај други многу подолго“, вели Бирол за „Фајненшл тајмс“.

Најголемиот комплекс за течен природен гас во светот, Рас Лафан во Катар, пред иранскиот нападФотографија: KARIM JAAFAR/AFP via Getty Images

Катар, на пример, објави дека поради нападите врз најголемиот светски комплекс за течен гас, испораките би можеле да се намалат за 17 проценти во следните три до пет години.

Кристоф Рил од Универзитетот Колумбија го релативизира ова: кризата би станала тешка само ако блокадата на Ормускиот Теснец трае подолго и ако се уништат уште повеќе нафтени постројки.

Резервите и мерките за итни случаи ја покриваат побарувачката

Пазарот на нафта денес е многу подиверзифициран. Во 1973-тата, ОПЕК обезбедуваше повеќе од половина од светската нафта; денес тој удел е околу 36 проценти. САД, најголем производител уште тогаш, последната деценија дополнително го зголемија производството и обезбедија 90 проценти од дополнителната понуда на пазарот.

И покрај кризите, глобалната побарувачка порасна: од под 60 милиони барели дневно во 1973 година на речиси 94 милиони барели во 2022 година.

За да се заштитат од идни шокови, земјите создадоа големи резерви. Според ИЕА, тие достигнаа 8,2 милијарди барели — највисоко ниво од февруари 2021. Дел од нив веќе се пуштени за да се компензира недостигот од 11 на 8 милиони барели дневно. САД привремено ги суспендираа санкциите за руска и иранска нафта што веќе е на море.

Стратешки резерви на нафта во Холандија во пристаништето РотердамФотографија: Jasper Juinen/dpa/picture alliance

Од Комерцбанк Рисрч оценуваат дека токму резервите спречуваат уште повисок раст на цените.

Членките на ИЕА во изминатите 10 години исто така создадоа поголеми резерви на гас за да можат да ублажат евентуална криза со снабдувањето.

Сè зависи од тоа колку ќе трае војната со Иран

„Ако се земат предвид резервите на ОЕЦД — комерцијални и стратешки — тие би можеле да ја покријат блокадата на Ормускиот Теснец околу девет месеци,“ вели за ДВ Карстен Фрич од Комерцбанк. Кина, исто така, има доволно резерви за околу седум месеци.

Колку ќе трае војната со Иран, никој не знае. Иако Доналд Трамп неодамна зборуваше за „продуктивни“ разговори со Иран, Техеран тоа го негира. Затоа е неизвесно каква ќе биде долгорочната понуда на нафта и гас.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми