1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИран

Колку долго Иран може да ја одржи асиметричната стратегија

Весли Ран
7 април 2026

Асиметричната стратегија на Иран и по недели бомбардирања останува сериозна закана за регионот, особено преку дронови, прокси-мрежи и контролата на Ормускиот Теснец.

Ирански беспилотни летала „Шахед“, 10.01.2025
Иранските беспилотни летала „Шахед“ со далечинско управување се евтини и заменливиФотографија: Hossein Beris/Middle East Images/AFP/Getty Images

Американскиот претседател Доналд Трамп испрати сигнали дека сака брз крај на војната со Иран, иако американските сили се концентрираат околу Персискиот Залив, а Техеран продолжува да блокира значаен дел од светското снабдување со енергенси преку Ормускиот Теснец.

Во своето неодамнешно обраќање, Трамп изјави дека „дошло до промена на режимот“ во Иран и дека САД се „на добар пат за многу брзо да ги исполнат сите свои цели“. Тој оцени дека никогаш во историјата на војувањето еден противник не претрпел толку „јасни и разорни загуби од огромен обем за само неколку недели“.

САД и Израел тврдат дека иранската конвенционална морнарица, воздухопловство, клучните системи за вооружување и производството на оружје се тешко оштетени по повеќенеделните воздушни напади. Трамп за „Фајненшел тајмс“ изјави дека од почетокот на нападите врз Иран, на 28 февруари, биле погодени околу 13.000 цели. Израелската армија, пак, објави дека 80 отсто од иранските системи за противвоздушна одбрана се уништени, додека нападите врз капацитетите за производство на воена опрема продолжуваат.

Кога би можела да заврши војната со Иран?

00:54

This browser does not support the video element.

Наследство од децениска подготовка

И покрај огромниот притисок, режимот во Техеран сè уште опстојува, изведува контранапади и наизглед успева да ја координира својата одбрана. Поранешниот врховен верски лидер Али Хамнеи е убиен во првите напади врз Техеран, а според информации, неговиот син Моџтаба ја презел власта. Тој, сепак, не се појавил во јавноста од почетокот на војната, што поттикна бројни шпекулации. Голем дел од високото раководство и безбедносниот апарат на режимот е убиен или е тековна цел на американско-израелските операции.

„Постојаното намалување на иранските воени капацитети сериозно ги ограничи можностите за одмазда, но режимот е мајстор за асиметрично војување и имаше децении да се подготвува за вакво сценарио“, вели за ДВ, Џејсон Х. Кембел од Институтот за Блискиот Исток во Вашингтон.

Иран со децении ја градел оваа стратегија, финансирајќи прокси-сили низ Блискиот Исток и задушувајќи го внатрешното незадоволство, додека санкциите поради нуклеарната програма ја погодуваа економијата. Секој бран протести беше насилно задушуван од паравоени формации како милицијата Басиџ. 

Дронови, сајбер-војна и прокси-мрежи 

Во есеј објавен во списанието Foreign Affairs, иранско-американскиот антрополог Наргес Баџогли истакнува дека меѓународната изолација го принудила режимот да развие тактика за опстанок. Асиметричната стратегија, според неа, настанала од нужда по ембаргото на оружје воведено од САД по Исламската револуција во 1979 година.

По крвавиот иранско-ирачки воен конфликт, таа импровизација еволуирала во конзистентна доктрина на Корпусот на исламската револуционерна гарда (ИРГЦ). Иран почна да развива сопствени ракети и дронови што можат брзо и евтино да се произведуваат.

Денес, оваа доктрина вклучува напаѓачки дронови, сајбер-војна и разгранети милитантни прокси-мрежи, финансирани во голема мера од приходите од нафта, особено преку продажба на Кина, со што Техеран успешно ги заобиколува санкциите. 

Трамп: Војната ќе заврши наскоро

01:08

This browser does not support the video element.

Евтини дронови и скапа одбрана 

Иранската закана со дронови се смета за поодржлива од балистичките ракети. Стратегијата се базира на дронот „Шахед“, кој чини меѓу 20.000 и 50.000 долари, има дострел до 2.000 километри и веќе беше масовно користен од Русија во Украина.

Од почетокот на војната, Иран лансира илјадници вакви дронови, комбинирајќи ги со поскапи ракети за да ја пробие противвоздушната одбрана. Дел од нив биле соборени, но поединечни напади успеале – при што во напад врз американска база во Кувајт загинаа шест војници.

Покрај дроновите, Иран има уште една силна карта – географијата. Заканата за блокада на Ормускиот Теснец, преку кој минуваат околу 20 отсто од светската нафта, е долго време главно средство за одвраќање.

Според Институтот за проучување на војната (ИСВ), иранските власти најавуваат дека ќе го користат теснецот како средство за изнудување и остварување стратешки цели. Преку дронови, морски мини и брзи чамци, Иран може сериозно да го наруши поморскиот сообраќај.

„Иран нема потреба постојано да напаѓа за да врши влијание – доволно е повремено да демонстрира способност“, вели Кембел, оценувајќи дека без поширок политички договор, целосно безбедна пловидба е малку веројатна.

Опстанокот како стратегија 

Со оглед на слабата поддршка во САД за копнена војна и нестабилните светски пазари, можно е Трамп да биде принуден на отстапки. Сепак, брза победа и брза промена на режимот во Техеран изгледаат малку веројатни.

„Доколку критериумот за режимот е да одржува закана од низок интензитет во Персискиот Залив и Ормускиот Теснец, тој веројатно ќе успее во тоа и во догледна иднина“, заклучува Кембел.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми