1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИран

Војна во Иран: Што сѐ е погодено во Техеран?

Стефани Хепнер
1 април 2026

Бомбардирани училишта и болници, уништени ракетни бази и рафинерии. Иранската војна опустоши градови и до сега одзеде повеќе од илјада животи. Колкав е обемот на деструкцијата?

Оштетена зграда во Техеран во американско-израелските напади
Оштетена зграда во Техеран - погодени се и цивилни зградиФотографија: Morteza Nikoubazl/NurPhoto/IMAGO

Израел и  САДго нападнаа Иран на 28 февруари 2026 година, а цел е првенствено воената инфраструктура. Пред сѐ фабриките за ракети, складишта за гориво и бројни постројки за лансирање ракети се особено оштетени до сега, се наведува во медиумските извештаи. Но, жртви на војната се и цивилни објекти и историски места како палатата Голестан. Стотици луѓе, меѓу кои и многу деца, се убиени  во нападите.  Десетици илјади се повредени.

Кои воени објекти беа мета?

Според информациите на американскиот медиум „Вашингтон пост“ објавени во неделното издание, четири централни производствени погони и најмалку 29 места за лансирање ракети биле погодени во првите четири недели од војната. Штети има пред сѐ во објектите за производство на цврсти и течни погонски горива – базата за иранските ракети од краток и среден дострел. Институтот за проучување на војни документирал напади врз повеќе од 20 ракетни бази. Според наводи во весникот „Вашингтон пост“, сателитски снимки покажуваат десетици  уништени објекти во воените комплекси Хоџир, Парчин, Хакимије и Шахруд. Затрупани или оштетени се и многу пристапи до тунели кои биле користени за подземно складирање на ракети. Американската војска неодамна направи биланс според кој повеќе од две третини од иранските капацитети за производство на ракети и беспилотни летала биле погодени, пренесува новинската агенција АФП на 26 март. Поголемиот дел од бродоградилишта исто така се оштетени во американско-израелските напади врз Иран. За време на речиси четиринеделната војна со Иран, американските сили погодиле повеќе од 10 илјади воени цели, наведува во видео порака објавена во средата на платформата X адмиралот Бред Купер, командант на Центком, американската командна единица задолжена за Блискиот Исток.

Кои објекти од енергетскиот сектор се погодени?

Според медиумските извештаи, во бомбардирањата се погодени и клучни енергетски објекти во Иран, а особено засегнато е гасното поле Јужен Парс, најголемото до сега откриено наоѓалиште за гас,кое се наоѓа во Персискиот Залив, а го експлоатираат Иран и Катар.

Во пламен: Нападот на Израел врз најголемото поле за природен гас во светот, Јужен Парс, има последици врз глобалната економијаФотографија: Social Media via REUTERS

Регионот е клучен за енергетскиот сектор на  Иран и покрива околу 70 проценти од снабдувањето со гас во земјата.

Колку цивилни објекти се погодени?

Според Иранската црвена полумесечина, повеќе од 100 илјади цивилни објекти се оштетени или уништени. Само во главниот град Техеран,  погодени се речиси 40 илјади станбени згради и деловни објекти, наведуваат од хуманитарната организација на платформата X. Околу 600 училишта и речиси 300 здравствени центри се исто така нападнати во изминатите четири недели. Наводите не се верификувани од независни извори. Иранското министерство за здравство неодамна објави дека  повеќе од 1.900 луѓе се убиени од почетокот на војната,  меѓу кои 240 жени и повеќе од 200 деца, а повредени се речиси 25 илјади лица, пренесува новинската агенција ДПА на 26 март. Светската здравствена организација кон средината на месецот наведе околу 1.300 загинати.

Кои историски зданија се оштетени?

Палати, џамии и праисториски локалитети од историско значење, се оштетени во бомбардирањата. Меѓу нив е и палатата Голестан во главниот град Техеран, која беше прогласена за светско културно наследство од страна на УНЕСКО во 2013 година. 

Голестанската палата во Техеран исто така претрпе штета - веќе неколку години е под посебна заштита на УНЕСКОФотографија: Majid Asgaripour/WANA/REUTERS

На национално ниво, владата бележи штета на 131 историски згради, се наведува во соопштение на тамошните власти издадено на почетокот на неделава. Најпогодена е провинцијата околу главниот град Техеран со 61 случаи на оштетувања, по што следува метрополата на културата Исфахан со 23 оштетени локалитети, меѓу кои и прочуениот дворец Чехел Сотун. Иранската влада уште на почетокот на војната повика на заштита на локалитетите од културата. Од УНЕСКО, дел од Обединетите нации посветен на заштита на светското културно наследство, изјавија дека „на сите вклучени страни им биле обезбедени географските координати на местата што се светско културно наследство и други значајни споменици од културата со цел да се спречи можна штета“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми