1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Војна во Украина: Напаѓање на Русија со западно оружје?

Кристоф Хаселбах
19 ноември 2024

Украина сега може да користи американски ракети против цели во Русија, се вели од САД. Тоа ја става германската влада под притисок да испорача крстосувачки ракети Таурус.

ракета АТАЦМС
Украина се надева дека употребата на американски ракети АТАЦМС против цели во Русија ќе го промени текот на војнатаФотографија: U.S. Army/ABACA/picture alliance

Американскиот претседател во заминување Џо Бајден, според медиумски извештаи, ѝ дозволил на Украина за првпат да користи ракети АТАЦМС против цели во Русија. Се вели дека Бајден се откажал од претходното противење откако се дозна дека Русија стационирала севернокорејски војници во рускиот пограничен регион. Велика Британија и Франција, исто така, ѝ дадоа на Украина оружје со долг дострел, додека Германија досега одбива да испорача слично оружје.

АТАЦМС

 

АТАЦМС е ракета со краток дострел од американскиот производител Локхид Мартин. Првите модели беа испорачани на американските вооружени сили во 1990 година. Тие, меѓу другото, беа користени во Ирак и Авганистан. Оттогаш тие неколкупати беа дополнително развиени. Ракетата се лансира од гасенично возило или артилериски ракетен фрлач и стигнува до својата цел по кружна патека, а нејзиниот максимален дострел изнесува околу 300 километри.

Како полнење првенствено се користи распрскувачка муниција. Цената по ракета изнесува до 1,7 милиони американски долари. Според онлајн магазинот „The Warzone", украинските вооружени сили користеле АТАЦМС-ракети против руските позиции за првпат во текот на есента 2023 година, но на украинската територија окупирана од Русија. Сега тие, според одлуката на американскиот претседател Џо Бајден, може да бидат истрелани и врз цели во самата Русија.

СКАЛП

Британските Storm Shadow и идентичните француски СКАЛП ракети се крстосувачки ракети. За разлика од ракетите, чиј лет следи главно однапред одредена кружна патека, овие крстосувачки ракети летаат паралелно со земјата на височина помала од 50 метри и го скенираат теренот. Нивна предност: тешко се откриваат со радар. За разлика од АТАЦМС, Storm Shadows и СКАЛП се лансираат од авиони. Производител на системите што се користат од 2002 година е европскиот конзорциум МБДА. Цената за една ракета изнесува до  околу 1,1 милион евра. 

Крстосувачките ракети Storm Shadow/SCALP од Велика Британија и Франција веќе се користат во УкраинаФотографија: Lewis Joly/AP Photo/File/picture alliance

Употреба на вакви ракети, меѓу другото, имаше во Ирак во 2003 година, во спроведувањето на одлуката за зона на забранети летови во Либија во 2011 година и во операциите против терористичката организација Исламска држава. Велика Британија и Франција ѝ испорачаа на Украина вакви ракети уште во 2023 година, а тие беа истрелани од украинските бомбардери Сухој Су-24. Како и американските ракети АТАЦМС, британско-француските крстосувачки ракети досега беа користени само во украинските области окупирани од Русија. Досегот на моделите испорачани во Украина е околу 250 километри.

ТАУРУС

Германско-шведските ТАУРУС-ракети се исто така крстосувачки ракети кои се истрелуваат од борбен авион, а потоа летаат многу ниско над земјата и самостојно бараат однапред програмирана цел. ТАУРУС има дострел од 500 километри, односно двојно поголем дострел од Storm Shadows и СКАЛП. Можни цели за ТАУРУС, кои чинат по околу еден милион евра за ракета, вклучуваат бункери или командни пунктови од кои непријателските трупи ги контролираат операциите.

ТАУРУС има дострел од 500 километриФотографија: MBDA Deutschand/ABACA/picture alliance

ТАУРУС може да пробие и повеќе дебели армирано-бетонски ѕидови. За да го направи ова, ракетата се крева стрмно непосредно пред целта и удира одозгора во вертикален пад со висока кинетичка енергија. Канцеларот Олаф Шолц постојано ги отфрла испораките на вакви ракети во Украина бидејќи стравува дека Германија тогаш ќе биде вовлечена во војната. Водечки претставници на Зелените, кои се дел од владината коалиција во Берлин, но и опозициската Унија (ЦДУ/ЦСУ) се „за“ испорака. Тие, исто така, би ѝ дале дозвола на Украина да ги користи ТАУРУС-ракетите за да напаѓа цели во Русија.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми