1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Нападите со дронови – „огромна промена во војувањето“

Роман Гончаренко
1 септември 2023

Русија и Украина секојдневно користат дронови за меѓусебни напади. Кели Грико, соработник на центарот „Стимсон“ од Вашингтон, во интервју за ДВ објаснува што значи тоа за сегашната војна и идните војувања.

Украина војна дронови
Украинците од почетокот на војната со Русија масивно користат дроновиФотографија: Wolfgang Schwan/AA/picture alliance

ДВ: Во последно време украински удари со дронови се случуваат подлабоко во руска територија. Претходните удари од крајот на 2022 година беа изведувани со стари, реновинари дронови од советски тип. Дали Украина ја подобри својата способност за напади со дронови?

Кели Грико: Украинската индустрија за дронови доживеа подем во оваа војна. Според украинската влада, во моментов постојат околу 80 украински компании кои произведуваат дронови. Видовме дека нивните способности се сѐ поразвиени во текот на војната и стануваат сѐ пософистицирани и со подолг домет.

Мислам дека е тоа важно. Се гледа дека Украина ги сака тие видови беспилотни летала со подолг домет кои можат да ги произведат во земјата, како алтернатива на оружјето за удари со долг домет кое Запад нерадо го дава. Почнуваат да се покажуваат плодови на некои од тие проекти, нивната способност да ја погодат Русија или територија под руска контрола.

Што се знае за овие дронови кои се користат за удари врз Москва? Што е посебно на нив?

Разбирливо, не знаеме многу за тие системи, зашто Украинците се обидуваат да ги држат во тајност. Од сликите знаеме дека постојат низа системи, некои се прилично големи. Тоа не се мултикоптери, туку поголеми дронови кои изгледа се далечински контролирани. Некои имаат автономен капацитет за летање, што им овозможува подолг лет. И работат на зголемување на количината на експлозив кои дроновите можат да ја носат.

Тоа се обично спори и стабилни дронови, но она што го гледаме  е проблем кој не важи само за Русите, туку и за сите земји во моментов – воочувањето на тие дронови може да биде тешко, зашто летаат споро, обидувајќи се да се движат што поблиску до тлото и вегетацијата. Русите искусија дека е тешко нивно откривање.

Воената експертка Кели Грико во разговор со новинарот на Дојче веле, Роман ГончаренкоФотографија: DW

Се чини дека Русија има одредени капацитети за електронско попречување на тие дронови. Затоа претпоставувам дека падот на многу дронови близу Москва е резултат на попречување. Тука постои ранливост, но нападите секако испраќаат порака до рускиот напрод за способноста на Украина да удри на руска територија.

Досега немало ваква војна. Да замислиме да нема дронови, каде би биле тогаш во оваа војна?

Сѐ на сѐ, војската на САД и други војски можат многу да научат од Украинците за војување со беспилотни летала. Мислам дека навистина беа на врвот во иновации со употреба на дронови.

Да одговорам на Вашето прашање, да замислиме војна без дронови. Тешко е тоа да се замисли, зашто токму тука е важниот извор на предноста за Украинците. На почеток на војната, можеа да користат дронови ТБ2 од турско производство (Бајрактар), за да погодат некои од оние оклопни возила кои ги имаа Русите. Тоа им донесе способност за напад, посебно на почеток на војната. Тоа беше многу важно за успорување на руското напредување.

А потоа, илјадници мултикоптери кои Украина ги користи на бојното поле, не се скапи како ТБ2. Тие навистина им донесоа предност над Русите во поглед на разузнавачки податоци, надзор и извидување и беа многу важни за проценка на ситуацијата на бојно поле.

Да се свртиме и кон користењето дронови во Русија. Русија исто така развива нови системи, не користи само ирански дронови Шахед. Постојат извештаи според кои Русија ги склопува на сопствена територија, а Украинците стравуваат дека Русија би можела да биде пред Украина во раазвој на нови дронови. Што мислите за руските технологии за беспилотни летала и како Русија учи да користи повеќе дронови?

На почетокот на војната, руските сили во голема мера заостануваа во способноста за користење дронови. Имаа некои напредни дронови од воена класа, Орион, за извидување. Но, многу заостануваа и на некој начин ја разбраа важноста од комерцијални мултикоптери и комерцијална технологија.

На денот кога почна војната, Украинците почнаа масивна онлајн кампања за финансирање на употребата на свои дронови. А Русите во многу аспекти го надокнадија заостанувањето во војната. Во моментов е јасно дека Русите ја разбираат вредноста на дроновите и мораа да се обратат до Иранцитеза дел од таа технологија. Се обидуваат што повеќе од тоа да преселат во Русија, па дури и производството.

Што мислите, како ќе се равива сето тоа? На почеток во еден напад учествуваше една или две машини, сега се десетици. Ќе бидат ли стотици или дури илјади дронови кои ќе се обидуваат истовремено да погодат една мета?

Да, мислам дека одиме во тој правец. Не знам дали тоа ќе се случи во оваа војна, зашто се надевам таа да заврши што поскоро. Но војувањето генерално оди во тој правец.

Она што го опишувате е потенцијален капацитет на рој, јато, што значи постојат многу беспилотни системи кои можат да комуницираат со другите, се координираат и потоа соработуваат во својата акција на напад на мета, ќе се движи маса и тоа евтина маса. Тоа е навистина голема промена во војувањето.

Тоа го видовме и порано, пред Првата светска војна, овој акцент на маса и воена моќ, и повторно гледаме дека војната се движи во правец на маса и огнена моќ, што навистина многу ја јакне одбранбената способност.

Кели Грико е виша соработничка во програмата „Reimagining Grand Strategi" во аналитичкиот центар Стимсон со седиште во Вашингтон. Во својата истражувачка работа се фокусира на американската стратегија и одбранбена политика, а се занимава и со надворешната политика на САД, меѓународната безбедност, структурите на воените сили, воени сојузи, воздушни и вселенски операции и иднината на војната.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми