1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Војна во Украина: Русија и битката на Дњепар

6 август 2022

Украинскиот претседател Зеленски веројатно се подготвува за повторно заземање на градот Херсон на југот на земјата. Подрачјето на Дњепар е исто толку стратешки важно како и во време на Втората светска војна

Ukraine Charkiw | Ukrainische Soldaten feuern eine Haubitze von Typ M777
Фотографија: Ukrinform/dpa/picture alliance

Тие месеци беа решавачки во Втората светска војна во тогашната советска Украина: во 1943. година, пред речиси 80 години, Црвената армија, претрпувајќи големи загуби, го потисна германскиот Вермахт назад преку реката Дњепар. Хитлерова Германија и нејзините романски сојузници по поразот во Сталинград на почетокот на февруари 1943. Година, уште ја држеа т.н. Пантер-Вотан линија. До почетокот на ноември 1943. година, Црвената армија исто така успеа да се етаблира западно од Дњепар во должина од 450 километри. На советска страна во повеќемесечните борби беа убиени или ранети 1,2 милиони војници.

Зеленски зборува за еден милион украински војници

Оваа историска референца би можела да игра улога во дневните видео-пораки на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Во Украина руските напаѓачи често се нарекуваат „рашисти“, односно „руски фашисти“. Зеленски веќе со денови најавува противофанзива на југот на земјата против руските окупатори околу градот Херсон. Тој зборува за трупи од еден милион војници, што не може да се провери од независни извори. На почетокот на инвазијата на 24 февруари, руската војска во регионот имаше стационирано до 150.000 војници.

Пред осумдесет години исходот од битката на Дњепар во јужна Украина беше пресвртница, а веројатно би бил и денес. Од првите денови на руската инвазија по 24. февруари, војниците на Кремљ го окупираа јужниот украински град Херсон, западно од Дњепар, со нешто помалку од 300.000 жители. Американскиот воен експерт Мајкл Кофман од Истражувачката програма за руски студии во Центарот за поморски анализи, истражувачки центар на морнарицата на САД, смета дека со успешна контраофанзива, Украинците во моментов би можеле да оневозможат натамошни офанзиви на руската војска во правец на пристанишниот град Одеса. 

Движења на руските трупи во источна Украина

49-та руска армија во тешка ситуација

Факт е дека украинската војска моментно се обидува со целни напади со ракетните системи ХИМАРС, испорачани од САД, во  регионот на Херсон  да воспостави стратешки чекори за натамошниот тек на војната до наесен. Ако Украина биде успешна, би можела да оствари еднакво важна победа како што беше претходно потиснувањето на руската војска од градот Харков на северот на земјата.

Доколу руските оружени сили се спротистават, тоа би бил тежок удар за Украина, што би можело да значи и загуба од голема поддршка од Запад. Меѓутоа, владата во Киев може да смета на поддршка на бројни граѓани на Херсон. На почетокот на руската агресорска војна, луѓето демонстрираа против руските окупатори пред административното седиште на Херсонската област, која има вкупно преку еден милион жители, порачувајќи им на војниците на Кремљ: „Губете се“ и „Херсон е украински“.

„Одете си од нашиот град“

00:55

This browser does not support the video element.

На крајот на јули украинската војска оштети три важни моста во близина на Херсон, кој го окупираше руската војска. Дотогаш руските војници во Херсон се снабдуваа преку овие мостови. Очигледно решавачки фактор беше вториот ноќен напад на ХИМАРС од 26. и 27. јули на најважниот од трите речни премини: мостот Антонивка кај Херсон, долг повеќе од илјада метри. Тој мост е толку тешко оштетен, што по него не може да се транспортира тешка опрема.

Голем дел од информациите кои ги даваат завојуваните страни, не може да бидат независно проверени. Но, видео-снимки објавени на социјалните мрежи по бомбардирањето покажуваат дека наместо превоз преку мостови, се користи руски понтонски траект. Таа алтернатива би била лесна цел за Украинците. Британското министерство за одбрана сега првпат извести дека  „украинската противофанзива во Херсон зема сѐ поголем замав." 

Според овој извештај на британската разузнавачка служба, руската војска во Херсон сега е „силно ранлива“. Уште повеќе: „Градот Херсон (...) сега е практично отсечен од останатите окупирани територии. Неговото губење значително би ги спречил обидите на Русија окупацијата да ја прикаже како успех“, пишуваат авторите. Други видео снимки на социјалните мрежи би требало да покажат дека руската страна веќе реагира и наводно превезува тешка опрема кон Херсон.

Оштетениот мост кај ХерсонФотографија: Sergei Bobylev/ITAR-TASS/IMAGO

Кој го контролира Херсон?

Во главниот украински град Киев, Михајло Подољак е самоуверен. Во интервју за Дојче веле, советникот од кабинетот на претседателот Зеленски се осврна на воениот успех околу Змискиот Остров во Црно Море. Станува збор за мал остров покрај брегот на Украина и Романија, од кој може да се контролира морскиот пат до Босфор. Руската војска го напушти островот по тешките украински гранатирања на крајот на јуни, според изјава на Кремљ, „како гест на добра волја“. Сега Москва „ќе сфати дека е потребно да покаже уште еден ‘гест на добра волја' и да го напушти Херсон“, изјави Подољак, зборувајќи за гранатирањето на важниот мост во близина на Херсон.

Но, руската војска исто така е способна за целни удари во јужниот регион. Симон Островски од американскиот ТВ канал ЕјБиСи потврди неколку успешни уништувања на складишта на украинската војска во градот Миколаев по посетата на овој регион. Оттаму Украинците организираат снабдување на боиштето кај Херсон. „Се чини дека руските ракетни напади на Украина се целни и предизвикуваат голема штета, не само врз цивилното население, туку и на (украинските, н/з.) воени постројки,“ изјави Островски.

Регионот на Херсон е од големо стратешко значење за Украина, вклучувајќи и економско. Освен пченица, овде се прозведува и сочогледово масло за светскиот пазар. Според украински извори, Русија овде украла половина милион тони житарици, десетици илјади тони сончогледово масло и ѓубрива. Со помош на ЏПС, Киев исто така успеа да докаже дека трупите на Кремљ и руски криминалци одовде украле високо квалитетни земјоделски машини. Без плодната почва на југот, Украина тешко може да преживее.

Протерувањето на  руските окупатори  од регионалната престолнина Херсон преку Дњепар во правец на исток исто така е предуслов за Киев да може да ги потисне руските трупи од копнената врска со полуостровот Крим, кој незаконски беше анектиран од Москва во 2014. година. Во своите дневни видео пораки украинскиот претседател Зеленски вели дека пресвртницата по која копнеат Украинците сега е достигната – и бара повеќе тешко оружје од Запад.

Соработка: Ана Фил

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми