1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Војна во Украина: Русија засилено користи дронови-камикази

Кристоф Хаселбах
14 јануари 2023

Русија го тероризира украинското цивилно население со едноставно конструирани борбени летала за еднократна употреба. Одбраната не е само прашање на цена.

Шахед-136 е таканаречен камиказе дрон: со неговите карактеристични делта крила и бучниот бензински мотор, лесно е да се забележи
Шахед-136 е таканаречен камиказе дрон: со неговите карактеристични делта крила и бучниот бензински мотор, лесно е да се забележиФотографија: Roman Petushkov/REUTERS

Најчесто доаѓаат навечер. Жителите во украинските градови слушаат удари од руските беспилотни летала камикази. Нивното име, всушност, е погрешно: за време на Втората светска војна нападите на камиказите беа самоубиствени напади на млади јапонски пилоти, кои ги насочуваа своите борбени авиони на сојузничките бродови за да му нанесат на непријателот што поголема штета. Смртта на пилотите беше дел од концептот. Меѓутоа, дроновите, за кои зборуваме, се без екипаж. Би можело да се каже дека тоа се беспилотни летала за еднократна употреба, бидејќи дронот се уништува за време на нападот - за разлика од, на пример, турските летала Бајрактар, кои се враќаат од бомбардирање и од извидување.

Беспилотните летала камикази, кои се користат во Украина, главно се борбени беспилотни летала од иранскиот тип Шахед-136, иако и Русија и Иран и денес го негираат купувањето. Шахед-136 е долго околу 3,5 метри и има делта крила со распон од речиси 2,5 метри.

Тешка штета во Киев во октомври 2022 година по напад со руски беспилотно леталоФотографија: Oleksii Chumachenko/ZUMA Wire/IMAGO

Може да носи околу 50 килограми експлозив. Дронот го придвижува заден пропелер на притисок со бензински мотор. Според тоа, гласен е, а брзината од речиси 200 км/ч е прилично мала. Сепак, неговиот дострел е, како што е наведено, до 2.000 км. Дури и ако се тоа спецификации на иранскиот производител, па дури и да му е помал опсегот, тој е исклучително долг во споредба со другите камикази беспилотни летала. Секој украински град може да биде погоден од Русија со помош на Шахед-136.

Свичблејд против Шахед

Сепак, Шахед-136 е многу едноставно конструиран. За разлика од, на пример, американскиот Свичблејд, во дронот Шахед-136 однапред се внесува целта, што неминовно мора да се одреди, па така со дронот се управува автоматски. Откако е внесена целта, на него не може повеќе да се влијае.

Беспилотните летала камикази уште се нарекуваат и „лебдечко оружје“. За разлика од Шахед, другите системи како Свичблејд прво лебдат над подрачјето на делување, пред операторот на земјата да им додели податочна врска со целта, која, исто така, може да биде мобилна. Дронот се управува кон целта додека самиот се уништува.

Беспилотното летало Свичблејд е значително помало, но технички пософистицираноФотографија: AeroVironment/abaca/picture alliance

Тешка проценка: Дали вреди да се собори?

Шахед нема шанси против модерните противвозушни системи. Според воените стручњаци, беспилотното летало, исто така, не е соодветно за употреба на борбените линии. Но, изгледа дека тоа не е ни целта на руската војска во војната во Украина. Тактиките кои се користат очигледно се поинакви: тие наводно гаѓаат цели како објекти за снабдување и станбени згради и треба да шират терор меѓу населението.

Бидејќи беспилотното летало е релативно евтино, секое чини околу 20.000 долари, а неговите компоненти можат лесно да се набават, бранителите често се соочуваат со тешкото прашање дали се исплаќа против нив да се користат најсовремени ракети за противвоздушна одбрана, кога секоја чини повеќекратно од дроновите камикази. Особено бидејќи Русија често распоредува голем број од овие дронови во Украина, од кои некои се соборени, но други ја постигаат целта. Освен тоа, одбраната од беспилотните летала ја врзуваат украинската војска и протввоздушната одбрана по целата земја, така што одбранбените системи недостасуваат на фронтот. Изгледа оти и тоа е дел од руската калкулација.

Русија често напаѓа со роеви на Шахед дроновиФотографија: irdiplomacy.ir

Западните воени стручњаци, исто така, претпоставуваат дека дроновите камикази се користат како замена за многу поскапите крстосувачки ракети, кои во Русија очигледно ги има сѐ помалку.

Едноставните, евтини дронови камикази не играат всушност никаква улога на бројното поле. Но, Русија очигледно се потпира на нивното психолошко влијание - исцрпување на цивилното население.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми