1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТероризамЕвропа

Руски дронови во лов на цивили

Естер Фелден | Нина Веркхојзер | Ихор Бурдига | Жулет Пинеда
27 август 2024

Украинскиот град Берислав и неговите жители со месеци се тероризирани од бранови напади со руски беспилотни летала, дел од кои претставуваат воени злосторства. Истражување на ДВ трага по сторителите.

Русија Дрон
ФВП дронови можат да се користат за набљудување како и за напади. На фотогргафијата е камиказе-дрон опремен со експлозив. Фотографија: Alexander Reka/ITAR-TASS/IMAGO

Володимир Киндрат и неговата сопруга Љубов не можат да го заборават звукот на дронот што се приближува. На 7 февруари годинава цел ден го слушаа тоа заканувачки зуење. Речиси и се навикнаа на тоа, а потоа два дрона наполнети со експлозив ја нападнаа нивната куќа.

„Видов дронови како удираат во нашата гаража“, вели Володимир Киндрат. Притоа биле тешко оштетени вратата од гаражата и семејниот автомобил.

„Изгледаше како војниците да играат компјутерска игра." Вака Љубов го опишува нападот. „Но, во реалниот живот“, ја прекинува Володимир. И таа додава: „И со живи цели“.

Напади со беспилотни летала врз цивили

По овој шок, Киндратови побегнале од Берислав, мало градче на југот на Украина, заедно со нивната возрасна ќерка.

Помеѓу септември 2023 и јули 2024 година, Берислав беше изложен на невидена серија напади од руски дронови. Украинските власти во тој период забележале повеќе од 120 напади во кои загинале 16 лица, а повеќе од 130 биле повредени. Според тие податоци, сите биле цивили. 

Володимир и Љубов Киндрат мораа да го напуштат својот дом поради постојаните напади од руските дроновиФотографија: DW

Истражувачкиот тим на Дојче веле помина неколку месеци во испитување на бројни извештаи и јавно достапни информации. Две невладини организации му помогнаа на тимот во анализата на податоците: проектот Очи кон Русија, основан од Британскиот центар за информациска отпорност, како и Украинската архива на германската невладина организација Мнемоник. 

Тимот не можеше да истражува во самиот град. Поради постојаната опасност, украинската полиција го забрани пристапот. Сепак, анализата на податоците, како и разговорите со сведоците, укажуваат на тоа дека е можно руските војници систематски да користеле дронови  против цивили. 

Најголем дел од жителите побегнале 

Берислав се наоѓа на северниот брег на реката Дњепар, во близина на Херсон. Набргу по инвазијата во февруари 2022 година, руските сили го окупираа градот Херсон и околните населби, вклучувајќи го и Берислав. Во есента 2022 година, украинската армија повторно ја зазеде областа, а руските трупи мораа да се повлечат од другата страна на реката Дњепар.

Од тој момент започнаа масовните руски напади врз Берислав, со гранатирање, наведувани бомби и беспилотни летала. Голем дел од градот е уништен, а повеќето од поранешните 11.000 жители избегале. Останати се претежно постари луѓе. 

ФПВ дронови како оружје 

Бројот на напади со беспилотни летала во Берислав нагло се зголеми во есента 2023 година. Најчесто се користеа т.н. ФВП-дронови (FPV, first person view, поглед од прво лице), натоварени со експлозив.

На почетокот тие дронови главно ги користеа пилоти аматери. Имаат камера. Со помош на специјални очила или монитор, пилотот го следи летот во реално време. Така, целта може да се набљудува од непосредна близина, а дронот да се насочува со поголема прецизност.

Бројот на овие дронови нагло се зголеми во текот на 2023 година на двете страни. „Веројатно има десетици илјади беспилотни летала ФВП кои летаат на небото над Украина во секој даден момент“, објаснува Самуел Бендет од Програмата за студии за Русија на Центарот за поморски анализи, американска тинк-тенк организација.  

Експлозив исфрлен од дрон брз Берлислав. фото: ТелеграмФотографија: Screenshot Telegram: svoxydo_205 2

Пилотот може да фрли експлозивно полнење на целта или да го насочи дронот кон неа. 

Дронови кои ловат луѓе 

И Џуен, соработник на хуманитарната организација World Central Kitchen, кој доставува храна во Украина, има непријатно искуство со дроновите. Тој не сака да се објави неговото презиме. Во јануари годинава тој превезувал помош во Берислав. На враќање од градот над неговото возило се појавил дрон. „Не знам колку долго ме ловеше дронот. Бев ужасно исплашен“, изјави тој за ДВ.

Двајца француски соработници на швајцарската хуманитарна организација ХЕКС беа убиени на 1 февруари во напад со дрон во Берислав. Ранети беа четворица соработници. Еден од преживеаните изјави дека „дроновите ги ловеле“.

Организацијата соопшти дека едно од двете возила било нападнато со дрон, иако возилата биле видно означени како дел од хуманитарен конвој. Кога соработниците притрчале да им помогнат на луѓето во нападнатото возило, беспилотните летала ги нападнале и нив. И други сведоци зборуваат за слична практика наречена „Двоен удар“. Вториот напад е насочен кон луѓето кои први трчаат да помогнат. 

„ФПВ-дроновите никогаш не исчезнуваат, тие постојано летаат над градот“, вели Валери Бјелиј, заменик-шеф на окружната полиција во Берислав. Го сретнавме во село кое е надвор од опсегот на беспилотните летала. Тој изрази ужасен сомнеж: „Тие вежбаат на Берислава, тренираат на цивили“. Тој вели дека неговите соработници повеќе пати биле изложени на напади кога сакале да им помогнат на жртвите, или да ги документираат нападите. 

Воени и цивилни цели 

Меѓународното хуманитарно право забранува насочени напади врз цивили. И командантите и обичните војници се должни да прават разлика помеѓу воените и цивилните цели. Тие мора „да ги преземат сите можни мерки за да ја минимизираат штетата врз цивилното население“, вели британскиот адвокат Вејн Џордаш, кој е специјализиран за случаи на воени злосторства и го советува украинското правосудство. „Дроновите не се исклучок“, вели тој. 

ДВ успеа да ги лоцира местата од каде најчесто се лансираат нападите со дронови врз цивилиФотографија: DW

Џордаш нагласува дека со прецизното оружје како што се беспилотните летала ФВП кои му овозможуваат на напаѓачот да ја види целта во реално време, „просторот за несреќи, како и колатералната штета, треба да биде многу помал“. Тој додава дека има „многу појасна основа да се заклучи дека станува збор за воено злосторство“ доколку цивилните цели редовно се гаѓаат со такво оружје. 

Напади од другата страна на Дњепар 

Не може недвосмислено да се утврди кој е одговорен за нападите со дронови. Врз основа на просечниот дострел и можниот правец од каде што веројатно биле лансирани, ДВ успеа да ги лоцира местата од каде што полетуваат. Тоа се Каховка и Нова Каховка, кои се наоѓаат спроти Берислав на другиот брег на реката Дњепар.

Таму се стационирани неколку руски единици, меѓу кои 10-та специјална бригада, 205-та моторизирана пешадиска бригада и доброволниот баталјон БАРС-33, именуван по советскиот херој од Втората светска војна, Василиј Маргелов.

Малку се знае за активностите што ги презема 10-тата специјална бригада, која инаку е подредена на воената разузнавачка служба на ГРУ. Но, деталите за еден напад со дрон се познати. Обвинителството во Херсон отвори истрага против припадник на таа единица врз основа на прислушуваниот разговор што го имал со својот претпоставен. Обвинителството го обвинува дека намерно нападнал двајца цивили со дрон во мај 2023 година во областа Берислав.

На подрачјето на Каховка веќе подолго време е ангажирана 205-та моторизирана пешадиска бригада. Член на оваа бригада на Телеграм јавно признава дека има неколку напади со беспилотни летала во Берислав, каде најчеста мета биле возила. „Сите се уништени“, напиша пилотот на дронот на таа социјална мрежа, и дополнително тврди дека во тоа подрачје веќе нема цивили. Адвокатот Вејн Џордаш вели дека овој војник самиот се обвинил, бидејќи не сторил ништо за да се избегнат цивилни жртви. Всушност, „тој одлучува дека секој поединец е легитимна воена цел“. 

Гувернерот Владимир Салдо и сенаторот Константин Басјук во посета на фабриката за дронови „Аеро-Хит“Фотографија: Screenshot | Telegram: Senator_Basyuk/294

Третата осомничена единица, доброволниот баталјон БАРС-33 е ангажиран во околината на Каховка од пролетта 2023. Се чини дека таа е фокусирана на војување со дронови, а во прилог на тоа говори и огласот за пристапување во кој се бараат пилоти на дронови.

Баталјонот е основан од Владимир Салдо, гувернер на руските окупациски власти во регионот Херсон. Во октомври 2023 година тој објави дека БАРС-33 има нов дрон со име „Велес“. Во видео на Телеграм може да се видат нападите кои со тие беспилотни летала ги вршат припадниците на единицата БАРС-33 во околината на Берислав.

Санкции против производителите на дронови

Компанијата „Аеро-хит“ од рускиот источен град Хабаровск го произведува тој дрон. Фирмата е тесно поврзана со влијателниот руски политичар Константин Башјук, кој го поддржува БАРС-33. Башјук е претставник на нелегално анектираната украинска област Херсон во Советот на Руската Федерација во Москва и постојано го рекламира волонтерскиот баталјон. И Салдо и Башјук се под санкции од Западот.

Во јуни, Министерството за финансии на САД воведе санкции за „Аеро-хит“ со образложение дека „руските трупи стационирани во Херсон користеле беспилотни летала Велес против украински цели“. 

Во едно интервју, шефот на компанијата Виктор Јаценко се пофали со „400 успешни борбени операции“ на беспилотните летала и додаде дека санкциите нема да му наштетат на производството. Тој објасни дека „главен клиент“ е доброволниот баталјон БАРС-33. Кога компанијата беше соочена со резултатите од ова истражување, соопшти дека „не е воена компанија и не соработува со Министерството за одбрана“.

Сите молчат

Не може недвосмислено да се утврди кој ги наредил и извршил нападите врз цивили и цивилна инфраструктура во Берислав и неговата околина.

Нашата истрага сугерира дека трите именувани единици би можеле да бидат одговорни за нападите. ДВ побара изјави од руското Министерство за одбрана, политичарите Владимир Салдо и Константин Башјук, од волонтерскиот баталјон БАРС-33, како и од администраторите на два канали Телеграма. Но, никој од нив не одговори на прашањата. 

Технологијата ѝ помага на Украина во војната против Русија

00:59

This browser does not support the video element.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми