1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиГерманија

Војна во Украина: Што мислат русофоните во Германија?

Марсел Фирстенау | Ралф Бозен
28 април 2023

ДВ сакаше точно да знае кој според мислењето на русофоните е виновен за војната? Како ќе заврши таа? Дали тие го смениле своето мислење за Путин?

Бахмут Украина
Војна без крај? Слика од речиси целосно уништениот град БахмутФотографија: Libkos/AP Photo/picture alliance

Русија е виновна за војната во Украина- вакво мислење делат околу 40 проценти од лицата во Германија кои зборуваат руски, покажа анкета спроведена од Институтот за истражување на јавното мислење Димап, а нарачана од ДВ. Во анкетата беа опфатени лица чиј мајчин јазик е руски, кои имаат потекло од Русија или од некоја од поранешните советски републики.

Има различни ставови за тоа колкав е нивниот број. Во студија на Медиумската служба Интеграција од 2020 година се зборува за 3,5 милиони лица од руско говорно подрачје во Германија. Повеќето од нив потекнуваат од Русија, Казахстан или Украина. Значи, тие самите, или барем еден од родителите им се родени таму. Но, на само 61 процент од нив рускиот им е мајчин јазик.

Имиџот на Путин настрадал многу

На таа група се концентрираа анкетарите на Димап во истражувањето за ДВ. Речиси две третини од анкетираните во април 2023 година наведуваат дека имаат полошо мислење за Путин отколку пред нападот врз Украина. Кај 22 проценти сликата за рускиот претседател по 14 месеци војна се променила „повеќе накај негативно”, а за двојно повеќе испитаници „многу негативно”. Тоа се вкупно 65 проценти од испитаниците.

„Во моето приватно и професионално опкружување доживеав фрапираност на луѓето од руските злосторства кои се шират преку социјалните и етаблираните медиуми“, вели Едвин Варкентин во разговор со ДВ. Шефот на Културниот оддел за Германци со руско потекло при Музејот за руско-германска културна историја во Детмолд така и ја објаснува негативната перцепција за Владимир Путин: „Луѓето кои живеат во Германија имаат пристап до извори на информации кои ги објавуваат злосторствата и ги означуваат како такви. Тоа е сосем различно кај оние кои живеат во Русија и на кои информации им пласира државната пропаганда.“

Покрај тоа, германските граѓани со постсоветска мигрантска позадина, или барем оние кои потекнуваат од земји критички настроени кон Москва, прават јасна дистинкција помеѓу Путин и земјата Русија.

Во истражувањето на јавното мислење се покажува длабока погоденост од војната и ако се соберат бројките речиси 80 проценти се „многу загрижени“ или „повеќе загрижени” поради војната. Тоа веројатно се должи и на фактот што еден од петмина испитаници има роднини или познаници кои се на фронтот. На која страна војуваат, не може да се заклучи од анкетата.

Поголема загриженост кај повозрасните

Пред сѐ лицата на возраст над 40 години се чувствуваат погодени. Кај помладите степенот на загриженост не е толкав. „Мислам дека се работи за една општа генерациска појава”, вели Варкентин, кој и самиот од Казахстан е дојден во Германија во 1990-тите. Зашто, на возраст од 40 или повеќе години човек има семејство и е позагрижен за иднинатаотколку што се помладите.

Покрај тоа, меѓу постарите генерации има посилна идентификација со земјите на потекло. Овие луѓе детството, а можеби и младоста ги поминале во поранешниот Советски Сојуз. „Имаат пријателски врски кои и натаму ги негуваат или роднини во Русија, Украина или Казахстан и емоционално се повеќе засегнати од конфликтот отколку помладите генерации кои се социјализирале, растеле или се родени во Германија. Тие оваа војна ја доживуваат многу поемотивно, а тоа ги прави и позагрижени”, вели Варкентин.

45 проценти од анкетираните сметаат дека војната во Украина има негативно влијание и врз релациите меѓу Германците и Русите, при што таквиот став со 56 проценти повеќе е застапен меѓу 18- до 39-годишните, за разлика од лицата кои имаат најмалку 60 години. Во таа возрасна група само 31 проценти од луѓето мислат така.

Мнозинството за посилна соработка со Русија

Кога се работи за односот на Германија спрема двете завојувани страни, мнозинството испитаници покажува тенденција повторно да има посилна соработка со Русија. 44 проценти од анкетираните се залагаат за тоа, додека речиси една третина бара посилна поддршка за Украина.

Според проценката на Варкентин мнозинството од германското општество има сличен став. „Мислам дека луѓето си посакуваат интензивирање или враќање на нормалните односи со Русија, но под други услови, веројатно со друга влада или друг систем”, вели тој.

Варкентин експлицитно го поздравува тоа што третина од анкетираните сакаат посилна поддршка за Украина. „Таков резултат не ќе можев да си замислам пред 24.02.2022 година." Таквиот став ја истакнува солидарноста со Украина, смета тој.

Минатата година во јавните дебати му недостигала „темата за лицата од руско говорно подрачје кои давале помош за украинските бегалци, односно испраќале конвои со помош за Украина”. Половината од русофоните во Германија би можеле да си замислат да протестираат за итен прекин на војната во Украина. За поддршка за Украина на улица би излегле 17 проценти, а за Русија само 9 проценти. Уште помала е подготвеноста за учество во про-Путин демонстрации. Против него пак би протестирале околу 20 проценти од испитаниците.

Голема подготвеност за демонстрации за крај на војната

Повеќето испитаници се скептични кога е во прашање иднината. Речиси половината очекува дека уште долго нема да има мир. На прашањето кој ќе победи, испитаниците се речиси изедначени. 11 проценти сметаат дека Русија ќе биде победник, 9 проценти - Украина. Една петтина смета дека ќе најде дипломатско решение.

Едвин Варкентин на германската политика ѝ препорачува „подетално да ги гледа ваквите анкети и статистички резултати“ за да разбере дека постсоветската заедница во Германија е исклучително хетерогена група, со мнозинска социјализација во западното, германско-европско општество. „Тоа би било многу важно", нагласува Варкентин, „за да не се создаде впечаток дека тука има дијаспора која можеби има различен став за војната или можеби се наоѓа во конфликт на лојалност”. Таков конфликт би имал потенцијал да го попречува општествениот мир во земјата.

Варкентин од анкетата на ДВ и Димап извлекува „важно сознание“ дека ставот на испитаниците во врска со руската војна во Украина, дури и кога се емотивно засегнати, повеќе соодветствува на ставот на мнозинството во општеството. „Затоа мислам дека резултати од овој тип може да го релаксираат и хармонизираат соживотот во едно мигрантско општество”, вели тој.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми