Војна во Украина: За првпат заробен севернокорејски војник
27 декември 2024Војниците кои Северна Кореја ги испрати во Русија, според украински и западни извори, веќе трпат големи загуби на фронтот во Украина. Сега еден од нив првпат бил и заробен. Според информациите кои од синоќа се достапни на некои украински медиуми и проукраинските канали на социјалните мрежи припадниците на украинските специјални сили вчера заробиле севернокорејски војник во битки со руските сили во областа Курск. Утринава таа информација, според јужнокорејската новинска агенција Јонхап, ја потврди и разузнавачката служба на оваа земја.
„Преку размена на информации во реално време со разузнавачка организација на пријателска нација, (ние) потврдивме заробување на ранет севернокорејски војник и планираме темелно да го истражиме натамошниот развој на случувањата“, се вели во кусото соопштение на Националната разузнавачка служба на Јужна Кореја.
Се верува дека војникот е првиот севернокорејски воен затвореник заробен од декември, кога Пјонгјанг испрати свои војници во Русија за да помогнат во борбата против украинските војници во рускиот регион Курск. Фотографии од повредениот јужнокорејски војник во украинско заробеништво кружат на социјалната мрежа Телеграм, но засега не се објавени повеќе детали за него.
Досега во Русија се испратени околу 11.000 севернокорејски војници, а според јужнокорејските власти има индиции за подготовки за натамошно распоредување на трупи и воена опрема.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави претходно неделава дека Северна Кореја претрпела повеќе од 3.000 жртви во регионот Курск. Тој додаде дека соработката меѓу Москва и Пјонгјанг го зголемува „ризикот од дестабилизација“ околу Корејскиот полуостров.
Русија започна сеопфатна инвазија на Украина во февруари 2022 година. Неодамнешното распоредување на севернокорејски трупи во Русија е знак за растечкото сојузништво меѓу двете држави.
Овој развој на случувањата, кој доаѓа додека севернкорејскиот властодржец Ким Јонг Ун ги засилува тензиите со Јужна Кореја, предизвика загриженост на Запад. Кина, долгогодишен сојузник на двете страни, исто така, внимателно ја следи ситуацијата.