1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина: Што ќе биде со мандатот на Зеленски?

Ихор Бурдига | Ирина Укина
13 април 2024

Пред пет години претседателот Володимир Зеленски постигна невиден резултат на изборите. Моментално се води дебата за тоа кога ќе му заврши мандатот. Што мислат експертите за избори во воена состојба?

Украинскиот претседател Володимир Зеленски
Украинскиот претседател Володимир ЗеленскиФотографија: Valentyn Ogirenko/REUTERS

На 20 мај истекува формалниот мандат на украинскиот претседател Володимир Зеленски. На крајот на март требаше да бидат одржани следните претседателски избори, но парламентот ги одложи поради воената состојба во земјата. Во украиснкто општество во меѓувреме се расправа кој ќе ја води земјата по истекот на петгодишниот мандат на Зеленски како претседател.

На почетокот на годината, само ретки политичари и коментатори храбро го поставуваа тоа прашање. На крајот на февруари, кога  Зеленски даде оценка  за двегодишнината од војната против Русија, обидите за оспорување на неговата легитимност ги нарече „непријателски наративи“. „Тоа не е мислење на западните партнери или било кој друг во Украина, туку тоа е дел од програмата на Руската Федерација“, нагласи тој пред новинарите. Но, расправата со тоа не е завршена.

Можни ли се избори во време на воена состојба?

Повеќето украински правници тврдат дека е апсолутно јасно дека Зеленски ја задржува својата моќ додека не се избере нов претседател. „Тоа е јасно наведено во Уставот на Украина: По истекот на петгодишниот мандат, од моментот на инаугурацијата, овластувањата на претседателот не престануваат автоматски. Тие завршуваат само со инаугурацијата на новоизбраниот претседател, значи, дури по изборите“, во интервју за ДВ објаснува Андриј Махера, експерт за уставно право од Украинскиот центар за политички и правни реформи (ЦПЛР).

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во разговор со војници за време на посета на фронтотФотографија: Ukrainian Presidential Press Service/REUTERS

Во моментов, и претседателските и парламентарните избори се забранети во Украина - но од различни причини. Уставот забранува парламентарни избори, додека  воената состојба  ги забранува сите избори.

Барање за доброволна оставка

Изборите во време на воена состојба не се забранети само за да се заштитат гласачите од опасност. „Ограничени се и одредени уставни права и слободи, како што се правото на слободно изразување на мислење, мирно собирање и слобода на движење. Затоа, невозможно е да се обезбеди принципот на универзално право на глас и слободни избори“, објаснува Андриј Махера. „Институтот за законодавство, научна и правна експертиза на Националната академија на науките на Украина“ и Централната изборна комисија на земјата дадоа слична изјава во март.

Во дебатата учествуваат не само активни правници, туку и ветерани на украинската политика, како Хрихориј Омелченко, кој во средината на 1990-тите беше член на парламентарната комисија за изготвување на уставот. Тој посочува дека не е пропуст што нема директна регулатива за продолжување на мандатот на претседателот. Напротив, тоа е свесна заштита. Во отвореното писмо до Зеленски, објавено во весникот „Украина Молода“ во март, тој сепак го повикува претседателот „да не ја узурпира државната власт“, ​​односно да не ја приграбува и доброволно да поднесе оставка во мај 2024 година.

Зеленскиј и натаму  ужива голема поддршка

Сепак, легитимитетот на Володимир Зеленски, според набљудувачите, не се потпира само на законите, туку и на поддршката на украинските граѓани. Иако има одреден пад, поддршката сè уште останува доста висока. Според истражувањето на украинскиот истражувачки центар „Расумков“ спроведено во јануари, 69 проценти од Украинците имаат доверба во државниот лидер, додека помалку од една четвртина немаат доверба во него.

Друго истражување, претставено на почетокот на февруари од Киевскиот меѓународен институт за социологија (КИИС), покажува дека 69 отсто од испитаниците веруваат дека Зеленски треба да остане претседател до крајот на воената состојба. Само 15 отсто поддржуваат одржување на избори во сегашните услови, додека други десет отсто ја поддржуваат идејата претседателот да му ги префрли овластувањата на претседателот на парламентот, Руслан Стефаншчук.

Претседателот на парламентот на Украина, Руслан СтефаншчукФотографија: Ukrainian Presidential Press Off/Zumapress/picture alliance

Антон Хрушчевски, директор на КИИС, сепак предупредува за последните две сценарија, нагласувајќи дека тие претставуваат уште поголема опасност за легитимитетот на власта и  дестабилизација на ситуацијата во Украина.  „Милиони луѓе се во странство, милиони се под окупација, стотици илјади служат во армијата. Ако граѓаните не можат да учествуваат како гласачи или кандидати на изборите, тоа ќе ја поткопа легитимноста на изборните резултати“, вели Хрушчезкиј.

Кој може да го повика Уставниот суд?

Мнозинството правници со кои разговараше ДВ сметаат дека Уставниот суд треба да ја прекине расправата за ингеренциите на претседателот и евентуалните избори. „Само Уставниот суд може да го толкува уставот и да провери дали другите закони се во согласност со него“, посочува Андриј Махера.

Но, судиите на Уставниот суд не можат самоиницијативно да проверуваат толку важни прашања. Исто така, не секој може да изврши проверка. Уставниот суд може да биде повикан од претседателот, владата, Врховниот суд, група од 45 парламентарни претставници или собранискиот повереник за човекови права. Сепак, досега никој од нив не го сторил тоа.

Весникот „Џеркало Тишња“ (Џеркало Тишња) на крајот на февруари објави, повикувајќи се на свои извори, дека канцеларијата на Володимир Зеленски подготвува барање до Уставниот суд, но не се осмелува да го поднесе самостојно. Наводно, тоа треба да го направат 45 претставници од пратеничката група на претседателската партија „Слуги на народот“. Меѓутоа, од пратеничката група тврдат дека никој не го доведува во прашање легитимитетот на претседателот. Дури и опозицијата покажува изненадувачки консензус. Претставниците на различни политички сили изјавија дека немаат намера да се обратат до Уставниот суд и потсетија на меѓупартискиот договор дека нема да се одржат избори до крајот на  воената состојба.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми