1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСеверна Америка

Трамп ја одложи посетата на Кина поради војната против Иран

Петер Хиле
19 март 2026

Посетата на Доналд Трамп во Пекинг требаше да го стабилизира кревкото примирје во трговскиот и технолошки конфликт со Кина. Војната со Иран ја менува неговата агенда - и влијанието што го има Пекинг.

САД Вашингтон 2026 | Овална соба Доналд Трамп
Војната со Иран доминира во неговата надворешнополитичка агенда: американскиот претседател Доналд Трамп Фотографија: Aaron Schwartz/Consolidated News Photos/picture alliance

Претседателот на САД, Доналд Трамп, од Кина побара одложување на планираната посета во Пекинг поради војната со Иран. „Мислам дека е важно да бидам тука“, рече Трамп во Вашингтон во понеделникот (16.03). Потегот се случува во време кога војната на САД и Израел со Иран се шири, а САД се соочуваат со растечки воен и економски притисок. Конфликтот би можел да ги смени приоритетите на Вашингтон и да ги затегне фрагилните релации со Кина.

Трамп во Пекинг требаше да престојува од 31 март до 2 април. Поради длабокото стратешко и трговско соперништво меѓу САД и Кина, заострено со царинските мерки на Трамп, посетата беше долгоочекувана. Трамп неделава дополни дека посетата ќе се одржи „за пет или шест недели“ и дека „соработуваме со Кина. Тие беа согласни со тоа“. Според Трамп,тајмингот може да зависи од тоа дали Кина ќе помогне во деблокирањето на Ормускиот Теснец, кој Иран го затвори како одговор на нападите од САД и Израел.

Односите меѓу Трамп и Ши остануваат напнати (архивска фотографија)Фотографија: picture-alliance/AP/TopPhoto

Сè уште без агенда?

„Кина и САД ќе продолжат да одржуваат комуникација во врска со посетата на претседателот Трамп“, изјави Лин Џиан, портпарол на Министерството за надворешни работи на Кина, на прес-конференцијата во средата.

Тоа ќе биде прва посета на Трамп во Кина за време на вториот мандат како претседател и првичната цел беше стабилизирање на односите по годините на тензии околу трговијата, технологијата и воената рамнотежа во Индо-пацифичкиот регион.

Џон Симан од Центарот за азиски студии при Францускиот институт за меѓународни односи (Ифри) за ДВ изјави дека одложувањето испраќа јасен сигнал. „Одложувањето на долгоочекуваното патување во Пекинг секако сугерира дека Трамп е посветен на Блискиот Исток, како што САД често биле во минатото, и дека затоа го губи фокусот на Кина“, вели Симан.

Тој тврди дека посетата сè уште не била целосно подготвена, и покрај планирањето состаноци меѓу американските и кинеските претставници во Париз. „Ваков тип на посета бара месеци сериозно планирање и преговори“, посочува Симан и додава дека „Ши Џинпинг не е импровизациски лидер. Мошне е веројатно дека толку лошо подготвено патување немаше да донесе многу корист. Одложувањето на двете страни им купува повеќе време за да ги разрешат работите“, смета тој.

Клаус Сунг, аналитичар во Меркатор Институтот за кинески студии (МЕРИКС) за ДВ вели дека „Иран можеби е дел од приказната, но не се работи само за Иран. Клучниот фактор за одложувањето е Париз, каде што двете страни се сретнаа и не можеа да постигнат консензус за што ќе разговараат Трамп и Ши во Пекинг“, вели Сунг.

Одложувањето ја подгреа загриженоста во Кина околу тоа колку Трамп е стабилен како партнер во преговорите. „Одложувањето од гледна точка на Пекинг, покажува дека меѓусебната доверба се намалува“, вели Сунг и додава дека „непредвидливоста на Трамп  сигурно е нешто што го загрижува Пекинг.“

Клаус Сунг, аналитичар во Меркатор Институтот за кинески студии (МЕРИКС): Клучниот фактор за одложувањето е Париз, каде што двете страни се сретнаа и не можеа да постигнат консензус за што ќе разговараат Трамп и Ши во Пекинг Фотографија: DW

Војната во Иран ги менува приоритетите

Според американската армија, најмалку 200 војници се ранети откако започнаа нападите врз Иран на 28 февруари. Тринаесет припадници на американската војска се убиени.

Иранската група за човекови права ХРАНА, која е со седиште во САД, во понеделникот соопшти дека во Иран досега се убиени повеќе од 3 илјади лица.

Конфликтот се шири низ Блискиот Исток. Иран изврши ракетни напади врз земјите од Персискиот Залив во кои има американски бази. Ормускиот Теснец, една од најважните рути во светот за енергенси, сега е затворен за извоз на нафта поради страв од мини и напади. Низ теснецот сѐ уште пловат само „темни транзити“, односно бродови во кои системите за автоматска идентификација се исклучени, и кои веројатно се поврзани со Иран.

Глобалните цени на превозот и енергијата скокнаа. Трамп побара од големите увозници, вклучително и Кина, да испратат поморска поддршка. Но, аналитичарите велат дека Пекинг, кој го гледа Техеран како партнер, веројатно нема да се придружи.

„Пекинг знае дека времето не работи за САД. Тие може да се опуштат и да чекаат“, вели Сунг. „Ако војната продолжи, а Ормускиот Теснец остане затворен, резервите на нафта брзо ќе се потрошат и тоа ќе го стави Трамп под голем притисок, особено затоа што се соочува со среднорочни избори“.

Трамп: Војната ќе заврши наскоро

01:08

This browser does not support the video element.

Кина, најголемиот купувач на иранска нафта, би можела да биде помалку ранлива, бидејќи се смета дека ги поседува најголемите резерви на нафта во светот. Исто така, таа продолжува да увезува нафта од Иран, вели Сунг. На тој начин Пекинг има предност во разговорите.

Примирје во трговската војна

Самитот во Пекинг требаше да го стабилизира примирјето во трговијата и технологијата што Трамп и Ши го договорија во Бусан кон крајот на 2025 година. „Постои рамнотежа, но тоа е рамнотежа на заплашување“, вели Сунг и додава дека тоа е „пауза, а не крај на натпреварувањето“.

Кина на царините на Трамп и на контролите на извозот на компјутерски чипови од САД одговори со контроли врз извозот на ретки метали во САД. Некои од таквите ограничувања останаа на сила дури и откако Вашингтон ги повлече царините. Трамп сега сака напредок во набавките на земјоделски култури во пресрет на среднорочните избори. Поголем волумен на увоз на американска живина, говедско и жетварски култури во Кина би му помогнало на Трамп околу гласачите од земјоделските сојузни држави.

„Но, би било добро и за Кина ако постигне договор со Трамп за да го намали економскиот притисок врз нејзината извозно ориентирана економија“, смета Сунг. Пекинг сака пониски царини и помалку контроли на американскиот извоз.

Тензиите растат поради Тајван

Безбедносните прашања го зголемуваат притисокот. Ројтерс минатата недела објави дека е подготвен пакет оружје во вредност од 14 милијарди долари за Тајван, кој Трамп треба да го одобри и кој би можел да биде обелоденет по неговата посета на Кина. Се очекува пакетот да вклучува напредни системи за противвоздушна одбрана. Пекинг тоа го смета за провокација, вели Сунг.

„За кинеската влада, ова е удар за каква и да е позитивна атмосфера што двете страни се обидоа да ја изградат. А Пекинг не може да очекува дека Трамп ќе каже оти се противи на независноста на Тајван – што е нејзин клучен интерес“, анализира Сунг.

Пекинг вели дека Тајван е дел од Кина и предупреди дека, ако биде нужно, ќе употреби сила за да го стави островот под своја контрола. Војната со Иран можеби сè уште не го поместува глобалното соперништво, но го потенцира трендот. „Ова сè уште не е пресвртница. Но, покажува дека за време на вториот мандат на Трамп може да видиме промена во натпреварот меѓу САД и Кина, бидејќи САД стануваат сѐ помалку популарни и сѐ помалку способни да мобилизираат сојузници“, заклучува Сунг.

Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми