Војната со Иран може да доведе до глобална ценовна криза
24 март 2026
Американскиот претседател Доналд Трамп моментално ги контролира меѓународните берзи и дел од енергетските пазари со едноставни кратки пораки на неговата платформа Трут Соушaл. Берзите се свртеа во плус по најновата изјава на Трамп дека е во разговори со Иран и дека ќе го продолжи за пет дена својот ултиматум за уништување на иранските енергетски постројки. Цената на нафтата накратко падна под границата од 100 американски долари за барел.
Кон крајот на минатата недела, Доналд Трамп со најавата дека ќе ги нападне енергетските централи на Иран доколку режимот на ајатоласите не го ослободи Ормускиот Теснец во Персискиот Залив, предизвика силен раст на цените.
Зголемување на цените во целиот производствен синџир
Во меѓувреме, споредено со состојбата пред еден месец, од драматични поскапувања се погодени не само нафтата и гасот, туку вкупно 15 групи стоки, пишува весникот „Ханделсблат“ по извршена анализа на податоци. Основните суровини за хемиската индустрија, ѓубрива, пластики, благородни гасови и некои метали се зголемени за 10 до 50 проценти. „Овие поскапувања ќе се почувствуваат низ целиот индустриски производствен синџир“, вели директорот на хемискиот концерн „Ланксес“, Матијас Захерт.
Основните материјали за производство на ѓубриво – сулфур, амонијак и уреа – се произведуваа масовно во регионот на Заливот. Очекуваниот недостиг ги крева цените на светскиот пазар. „Катар Енерџи“, на пример, го стопираше производството на уреа. Во Индија, Пакистан и Бразил фабриките за ѓубрива мораат да го намалат производството. И во САД веќе недостига уреа во трговијата на големо.
Се заканува и недостиг на благородниот гас хелиум
Истото важи и за благородниот гас хелиум. Околу 40 проценти од светското производство на овој гас, неопходен за производство на полупроводници, се добива од природен гас во Персискиот Залив. Ако тоа производство отпадне, азиската чип-индустрија може да се соочи со застој.
„Хелиумот е вистински проблем“, вели Јулијан Хинц, експерт за трговија од Институтот за светска економија во Кил. „Ако трае подолго, ќе стане голем проблем. Но што значи подолго?“ Според професорот Хинц, моментално не станува збор за реален физички недостиг на суровини – барем не уште. Но само очекувањето на недостиг доведува до раст на цените: „Постои неизвесност што би можело да се случи. Не е пресудно што навистина се случило.“ Непредвидливите изјави од Белата куќа, според него, не се од особена помош.
Хинц не очекува реален проблем за германската трговија, бидејќи 90 проценти од трговијата се одвива внатре во Европската Унија. Трговијата со регионот на Заливот е релативно мала.
Сепак, во Германија би можело да се зголемат цените на храната поради повисоките трошоци за транспорт и повисоките цени на ѓубривата. На тоа предупредуваат пратеникот од СПД, Езра Лимбахер и претседателот на Земјоделската комора, Јоахим Руквид. Многу индустрии очекуваат раст на трошоците и можно зголемување на цените за потрошувачите, што пак може да доведе до пораст на моментално ниската инфлација и да го успори и онака скромниот економски раст.
Посиромашните земји во Африка зависни од увоз на енергија
Последиците од војната против Иран веќе се чувствуваат и во Африка, објавува евангелиската хуманитарна организација „Леб за светот“. Цените на азотните вештачки ѓубрива растат драстично, слично како по руската инвазија на Украина во 2022 година, кога испораките од Украина беа стопирани. Без доволно ѓубрива, некои африкански земји може да имаат слаби приноси, што ќе ја загрози исхраната на населението, предупредуваат експертите од организацијата.
Иако некои африкански држави имаат нафта и гас, тие се силно погодени од растечките цени на нафтените деривати, бидејќи бензин, дизел и керозин се увезуваат поради недостиг од рафинерии. Земји како Јужноафриканската Република, кои субвенционираат гориво, мора да ги зголемат буџетските трошења за да ги покријат зголемувањата на цените, што води до раст на јавниот долг и инфлација. Според организацијата „Леб за светот“, најпогодени ќе бидат Сенегал, Бенин, Еритреја, Буркина Фасо и Замбија.
Енергетската агенција предупредува на „двојна нафтена криза“
Директорот на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), Фатих Бирол, предупреди на „голема закана“ за светската економија. Ниту една држава, без разлика дали е во Африка, Азија или Европа, нема да биде поштедена ако кризата продолжи да се развива во оваа насока. Според него, сценариото е полошо од двете нафтени кризи во 1970-тите години заедно.
Бидејќи и самите САД се погодени од огромен раст на цените на горивата, можно е конфликтот наскоро да запре, сметаат неименувани функционери од ИЕА. Меѓународната агенција за енергија е организација на 32 индустриски развиени земји од северната хемисфера.
Воздушниот и морскиот сообраќај стануваат поскапи
Отпаѓањето на воздухопловните јазли во Дубаи и Доха претставува проблем за многу меѓународни авиокомпании. Распоредите на летови за патнички и товарни авиони се редуцирани. Директните врски од Европа до Азија, без преседнување во Заливот, сега се многу побарани, велат од Луфтханза. Со тоа, тие стануваат и поскапи.
Растечките цени на керозинот може на долг рок да ги поскапат авионските билети ширум светот. Околу 2000 бродови моментално се заглавени во Персискиот Залив. Транспортните синџири се прекинати. Растат и трошоците за осигурување во бродскиот сообраќај.
Владата: Нема криза во снабдувањето
Германската министерка за економија, Катерина Рајхе смета дека во моментов има ценовна криза, но не и криза во снабдувањето. Нафтата и гасот се достапни во доволни количини, но се поскапи. Поскапувањата во другите индустрии се следат, изјави портпарол на министерството за Дојче Веле.
Конкретни мерки против можната инфлација сè уште не се донесени. Јулијан Хинц од Институтот за светска економија не советува да се посегне по државно субвенционирани гарантирани ниски цени: тие се прескапи и на крајот ги плаќаат сите даночни обврзници. „Не можеме да се правиме дека ништо не се случило. Играњето со цените е многу опасно.“
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик