1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Војната во Украина го чини Западот билиони долари

Ник Мартин
21 мај 2024

Западните влади се соочени со зголемено задолжување, некои најавуваат повисоки даноци и намалени инвестициите во јавниот сектор за да се финансираат растечките воени буџети. Тоа е тешко да им се објасни на гласачите.

Оружје
Западните земји ги зголемуваат буџетите за одбранаФотографија: Christoph Hardt/Panama Pictures/IMAGO

Ако сакате да се потсетите на безбедносните закани со кои се соочува светот денес, тогаш само погледнете колку владите ги зголемија трошоците за одбрана.

Воените буџети на глобално ниво минатата година достигнаа 2,44 билиони долари, што е речиси седум отсто повеќе од 2022 година.

Ова беше најголем пораст во однос на претхдната година уште од 2009 година, а беше забележан во текот на втората година од руската инвазија врз Украина.

Светските воени трошоци сега се највисоки од крајот на Студената војна, со 306 долари по човек.

Бидејќи Киев не беше подготвен  да се справи конфликт од толку големи размери, западните земји ја засилија воената помош. Во исто време, другите ескалации на тензиите со Русија, како и оние на Блискиот Исток и Азија, ги наведоа владите да ја зајакнат сопствената одбрана, најмногу од Втората светска војна наваму.

Оваа година САД издвоиле 886 милијарди долари за одбрана, што е раст од над осум отсто за период од две години.

Се очекува и европските партнери во НАТО за првпат да ја исполнат целта поставена од тој воен сојуз: да издвојат два отсто од својот бруто домашен производ (БДП) за одбрана.

Само оваа година Европејците од буџетот издвоија 380 милијарди долари за одбрана, изјави во февруари генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

Полска предничи

Германија сè уште држи чекор со другите членки на НАТО - но со помош на специјалниот фонд на канцеларот Олаф Шолц од сто милијарди евра издвоени за унапредување на Бундесверот.

Полска оваа година ќе потроши 4,2 отсто од својот БДП за одбрана. Ова е највисок процент во целото НАТО.

Поради зголемената закана на границите, издвојувањата на другите земји од источното крило на НАТО, исто така, далеку ја надминуваат или наскоро ќе ја надминат целта од два отсто.

Затоа земјите се соочуваат со сè потежок избор за тоа како да ги платат новите трошоци во време кога економиите слабеат од ефектите на глобалните тензии и долготрајната инфлација. Многу земји веќе се фискално растегнати.

„Краткорочните обврски за  воена опрема за Украина  треба да се финансираат со дополнително задолжување. Така се финансирале војните во историјата“, вели за ДВ Гинтер Волф, висок соработник во истражувачкиот центар „Бругел“ во Брисел.

„Но, за долгорочно зголемени трошоци за одбрана, или даноците треба да се зголемат или другите трошоци да се намалат“, продолжува тој. „Дали е тоа политички болно? Секако дека е! Но, помалку ќе боли ако штедењето го распрделите низ различни владини министерства“.

Германија ги намалува буџетите - освен за одбраната

Германија се соочува со изгледи за пониски даночни приходи поради послабиот економски раст. Во Берлин се намалуваат трошоците во повеќето министерства. Само средствата за меѓународна развојна помош годинава се намалени за речиси две милијарди евра.

И Германија одвојува повеќе за одбрана- обука на украински војници во Германија Фотографија: Klaus-Dietmar Gabbert/dpa/picture alliance

„Германија мора да направи многу значајни компромиси. Со нив треба да се управува политички за да не се нагризува јавната поддршка за зајакнување на безбедноста и одбраната“, вели за ДВ Џефри Ратке, претседател на Американско-германскиот институт на Универзитетот Џон Хопкинс во Вашингтон.

Имено, левичарските политички партии во повеќе земји се залагаат за мировни преговори меѓу Русија и Украина и на тој начин поттикнуваат дебата за тоа дали би било подобро  воените трошоци  да се насочат кон  здравствена заштита или социјални програми.

Ратке укажува дека германската „кочница за задолжување“ - уставно правило кое забранува нови долгови - значи дека  коалицијата на Шолц има помалку простор за маневрирање  во споредба со, да речеме, Франција.

Во Полска, земја чии финансии се во многу подобра состојба од многу западноевропски земји, премиерот Доналд Туск, кој ја собори десничарската популистичка влада минатиот октомври, се бори да исполни некои од своите предизборни ветувања поради зголемените трошоци за одбраната.

Што е со другите земји од НАТО од Европа?

Другите земји, како оние најтешко погодени од европската должничка криза во 2011 година, веќе се соочија со сериозни мерки за штедење и секое натамошно намалување може да влијае на квалитетот на јавните услуги.

Италија, на пример, се очекува да потроши само 1,46 отсто од БДП за одбрана оваа година. Се проценува дека земјата тешко ќе ја постигне целта на НАТО од два отсто до 2028 година. Долгот на земјата оваа година би можел да изнесува 137,8 отсто од БДП.

Земјите со слични фискални потешкотии, како што е Шпанија, би можеле да воведат ограничувања од 0,5 до 1,6 отсто од БДП на секој дополнителен дефицит потребен за финансирање на новите воени трошоци. Минатата година Мадрид го зголеми буџетот за одбрана за 26 отсто.

„Европската должничка криза ги принуди земјите да ги намалат буџетите за пет до седум отсто. Во случајот со Грција, дури десет проценти“, вели Гунтер Волф. „За среќа, тие намалувања ќе бидат многу помалку болни од она што југот на Европа веќе мораше да го издржи."

Пониска задолженост имаат Шведска, Норвешка, Романија и Холандија. И покрај тоа, холандскиот радикален десничар Герт Вилдерс за да успее да формира нова четиричлена коалиција, значителен дел од расходите планира да потроши за социјални станови и земјоделство.

„Покрај фискалниот капацитет и проблемите со долгот, оваа дебата се карактеризира со разлики во перцепцијата на заканите низ Европа“, вели Џефри Ратке.

Ова значи дека земјите кои се наоѓаат подалеку од Украина можеби се помалку подготвени да ѝ дадат приоритет на одбраната отколку оние поблиску до земјата.

Следната цел се три проценти?

Трошоците за одбрана се очекува да продолжат да растат во текот на следната деценија.

Целта на НАТО за издвојување два отсто првпат беше поставена во 2014 година, откако избувна конфликт меѓу украинската армија и сепаратистите поддржани од Русија на истокот од земјата, а Москва го анектираше украинскиот полуостров Крим.

Минатата година, на состанокот во Вилнус, Литванија, лидерите на НАТО се согласија дека целта може и да надмине два отсто.

Германија, која досега се мачеше да ја исполни првичната цел, сега расправа за издвојување од три отсто од буџетот. Ова би имало уште поголеми последици за државните финансии.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми