Војната во Украина го подели мировното движење во Германија
7 април 2023Собирот во Берлин, кој во знак на солидарност со Украина беше одржан на 27 февруари 2022 година, беше импресивен. Полицијата соопшти дека учествувале 100.000 луѓе, а организаторите дека имало дури половина милион учесници на протестот против инвазијата врз Украина, која Русија ја почна три дена претходно.
Оттогаш често се демонстрираше, има мировни поворки и молитви за мир. Но, што подолго трае војната, толку повеќе се разидуваат мислењата во таборот на ненасилните демонстранти кои се залагаат за мир.
Симптоматична е реакцијата на отворени писма, во кои помалку или повеќе познати личности од културниот, научниот и религискиот живот застапуваат стопирање на испорака на оружје и мировни преговори.
Медиумска критика на разните иницијативи
Бискупот Фридрих Крамер, кој воедно е и ополномоштеник за мир на Евангелистичката црква на Германија (ЕКД), беше изложен на жестока критика. Тој меѓу првите се изјасни против испраќање на оружјеи предупреди дека вооружувањето може да доведе до атомска војна. Тој сака „во прв план да биде ставена дипломатијата.“
Главна задача, според него, е потпишување примирје за да се побара пат без насилство од безнадежната ситуација. Бискупот додава дека тоа е многу сложено и претставува голем предизвик, но очекува „да покажеме повеќе имагинација, наместо со оружје да ја подгреваме војната, која ќе чини илјадници и стотици илјади човечки животи.“
На мировното движење му недостига подмладок
На традиционалните собири против војни и вооружување главно се собираат луѓе на возраст над 50 години. Така беше и на Велигденските маршеви во 2022 година, неколку недели по почетокот на војната во Украина. Мировното движење речиси не може да мобилизира млади луѓе.
Лариса Мајер, која на Универзитетот во Билефелд истражува конфликти и протестни движења, вели: „Истовремено поголем дел од учесниците е многу долго активен во мировното движење“. Таа набројува неколку причини за фактот дека мировното движење не доживеа пораст ни по избивањето на војната. Според неа, актерите кои се против вооружување не се веќе само во мировното движење, туку и во разни десничарски популистички движења.
„Манифест за мир“ со аплауз од Алтернатива за Германија
Мајер го наведува примерот на „Манифестот за мир“, што го иницираа политичарката од Левица, Сара Вагенкнехт и феминистичката активистка Алис Шварцер. Тие во 2023 година понудија потпишување на онлајн петиција, на која потпис стави и претседателот на Алтернатива за Германија, Тино Крупала. Службата за заштита на уставот врши надзор над неговата партија, класификувајќи ја за потенцијално екстремно десничарска.
Истовремено, на годишнината од почетокот на војната, меѓу другото и Зелените повикаа на демонстрации на солидарност со Украина. Лариса Мајер истакува: „Сега имаме различни актери, кои не ги мобилизираат луѓето заеднички, туку настапуваат паралелно, па дури и едни против други“, додавајќи дека притоа е забележлива тенденција на поларизација.
Протести против атомско вооружување на НАТО
Кристијан Гола има искуства со својата Мрежа за мировни кооперативи, уште од 80-те години од минатот век учествувал во Бон на демонстрациите против стационирање на атомски ракети на НАТО во Германија. Тој е роден во 1963 година, а татко му бил професионален војник. „Тогаш нѐ нарекуваа будали“, вели тој.
По една година војна во Украина, тој се залага за општествена дебата и има бројни прашања: „Дали оружјето вистински помага? Станува ли збор за недостиг од оружје или самиот пристап е погрешен, па сега ни се потребни дипломатски решенија?“
И оваа година против војна и вооружување
Овој човек веќе 40 години е ангажиран во мировното движење и очекува нови импулси од годинешните Велигденски маршеви. На сајтот на својата Мировна мрежа и со помош на огласи во весниците, Кристијан Гола и неговиот тим се обидуваат да ги поттикнат луѓето да земат учество во традиционалните протести против војни и вооружување.
Освен тоа, се обидуваат да му испратат електронско писмо на германскиот канцелар Олаф Шолц со мото: „Господине канцеларе, заложете се за преговори!“. Кристијан Гола во врска со војната во Украина вели: „Воопшто не сум сигурен каде сето ова може да нѐ однесе“.