1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиГлобално

Војните и мирот во нашето време

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
25 март 2024

Додека трае мирот, не помислуваме дека тој е многу кревок пред постојаното враќање на војните. Никој не верува дека тоа може да се случи токму во неговиот свет. Пишува Кица Колбе

Фотографија: picture-alliance/dpa/W. Baum

Мојата генерација беше родена само неколку години по најголемата катастрофа на дваесеттиот век, Втората светска војна. Често моите врсници денeс повторуваат дека ние бевме среќни, затоа што растевме во време на долг мир, барем во Европа. Кога стигнавме на возраст на младинци, сознавме дека ниту светот што го сметавме за симбол за апсолутната модерност во уметноста и за стремежот за слобода и демократија во политиката, очигледно не може да постои без војни. Не само „Студената војна” помеѓу капиталистичкиот Запад и комунистичкиот Исток владееше во заднината на овие два глобални стремежи, туку многу рано по Втората светска војна пак се беше разбудило чудовиштето на војната. Иако тоа во животот на обичните луѓе во Европа, во нашиот случај во поранешна Југославија, не беше директно забележливо.

Ние, југословенските деца, 1955-тата немавме поим дека некаде во Виетнам започнала војна која ќе трае две децении. Како што ние и вмешаноста на САД во војната во Виетнам од безбедната европска дистанца ја доживувавме само како сценографија за мирољубивото „хипи-движење”. Дури многу подоцна, со филмовите на Копола за пеколот во Виетнам, почнавме да сознаваме дека додека нашиот слоган беше оној на Битлсите, „All You neеd is Love“, многу млади Американци се враќаа трајно трауматизирани од војната во Виетнам. Човекот очигледно не може поинаку да го живее спокојот на своето секојдневие, без да заборави дека на другата страна на земјината топка секој ден умираат луѓе. Особено ние, генерациите пораснати во Југославија, ја знаевме војната само како „теорија“ од часовите по ОНО, а таа теорија на „општонародната одбрана“ ја применувавме еднаш во годината во пракса. И „вежбавме војна“. Секако, таа „војна“ беше повеќе комична, отколку трагична. Додека трае мирот, не помислуваме дека тој е многу кревок пред постојаното враќање на војните. Никој не верува дека тоа може да се случи токму во неговиот свет. Војната, како и сите други неволји, веруваме дека им се случува секогаш на другите, но не и нам.

Кица КолбеФотографија: Privat

Животот и лудата логика на војната

Можеби затоа постјугословенските војни најмногу ги изненадија оние Југословени кои растеа со уверувањето „All You need is Love“. Тоа во југословенски контекст гласеше: „братството и единството” на југословенските народи е најцврстиот темел на мирот. Меѓутоа, брзо излезе дека не било така. Уште го паметам мигот кога за време на погребот на Тито во Белград 1980-та завиваа гласно сирените, а потоа настапи еден долг молк. Како сѐ да беше замрено. Подоцна ми стана јасно дека Југославија почна да умира во тој миг. Тие што беа замрени во молкот, всушност, стравуваа од тоа што може да настапи „после Тито”. Тој молк не беше само тага, туку и длабок страв од неизвесноста на иднината. И, сепак, секоја војна по распадот на Југославија и јас самата ја доживував како да се одигруваше на другата страна на планетата. Животот ѝ противречи на лудата логика на војната токму со тоа што нема сетило за нејзиното зло. Секаде каде што уште се одвива животот во вообичаениот ред, војната не постои. Само тоа сознание им дава и денес сила на сите луѓе во Украина, во Газа, во Израел да преживеат. Ден-за-ден, во бункерите и подрумите, во бегалските прифатилишта. Злото е „паразит”, кој црпи сила за постоење преправајќи се дека е доброто, објаснуваат богословите. Војната е секогаш зло. Таа е секогаш паразит врз мирот. Во таа смисла, сите војни се апсурдни и престануваат тогаш кога тие кои гинат на фронтот, сознаваат дека таа е зло и дека го убива и животот во нив самите, а не само животите на тие на другата страна на фронтит. Секако, пропагандитстите на војната до последниот миг ги уверуваат своите армии дека таа имала смисла и дека била нешто херојско.

Кога секое пролетно утро со восхит гледаме како сѐ околу нас зазеленува, ние ретко во истиот миг се потсетуваме дека во Европа, во Украина во тоа утро веројатно некој е убиен од ракетите што го погодиле неговиот дом. Всушност, нашата хуманистичка совест би требало постојано да ни предочува дека војните траат долго затоа што сите по некое време ги прифаќаме како „нормалност”. Како нешто што не зависи од нас, како неминовност на злото. Со тоа забораваме дека токму таа индиферентност на останатото човештво кон војните и диктатурите го храни злото во светот. Да, хипи-пораките на нашата младост во седумдесеттите денес се чинат наивни и утопистички. Но, зошто не би било поголема вистина „All You need is Love“ од цинизмот на диктаторите на кои војните им требаат затоа што тие го мразат доброто и животот?

„Вежбање“ војна

Кога 1973-та Ерих Фром ја објави легендарната студија „Анатомија на човечката деструктивност“, земјите во Европската заедница веруваа дека војните еден ден ќе бидат победени од „педагогијата на мирот“. Затоа што беа сознале дека милитантниот дух, најнапред, се пренесува преку образованието. Доколку во овој контекст критички се промисли југословенското искуство, тогаш можеби децениското „вежбање“ војна со општонародна одбрана имаше гротескна страна само за нас, студентите што мораа да го полагаат испитот по ОНО. Постјугословенските војни нѐ терааат да помислиме дека и кога само теоретски се „вежба“ војна, нејзиниот призрак постојано демне врз мирот. Многу од Југословените кои некогаш само „вежбаа“ војна, неколку години подоцна ја доживеаја во реалноста.

Владимир Глигоров во 1994-та во извонредната студија, „Зошто се распаѓаат земјите - случајот Југославија“, напиша дека еден од факторите за распадот беше „приоритетот кој југословенските народи ѝ го придаваа на етничката правда, ставајќи ја над индивидуалните слободи и права“. Всушност, воената пропаганда ги уверува припадниците на еден народ дека доколку живеат во своја национална држава, во која, во најдобриот случај, сите ќе припаѓаат на истиот народ, тие дури тогаш ќе ги остварат и своите индивидуални слободи и права. Само затоа тие забораваат дека индивидуалните слободи и права веќе ги поседувале, но ги жртвувале за тесно етничката реализација.

Злото е безлично

На истиот начин, руските војници ѝ поверуваа на воената пропаганда дека Украинците не се нивни браќа, како што беа во советското време, туку нивните непријатели. Колку пропагандата на војната го разобличува самиот мит на војната како манипулација, говори фактот дека иако модерна Русија живее со сите достигнувања на западната цивилизација, пропагаторите на војната, сепак, успеваат да ја уверат својата армија дека „Западот“ е зло. Индивидуалните права и слободи на младите војници се „жртвуваат“ за култот на народот, на „Света Русија“, на „почвата и на крвта“. Така тие кои, всушност, се жртвувани како војници, не сознаваат дека земјата во која сме родени не е повеќе света од животот на секој еден што живее во неа. Затоа сите ние не сознаваме дека во сите војни животите му се жртвувани на култот на смртта и на деструкцијата.

Ерих Фром ги толкуваше карактерите на диктаторите Хитлер, Химлер и Сталин како „некрофилни“, како личности кои се поклонуваат на култот на смртта, а не на животот. Денес ретко кој се навраќа на Фромовото дело, иако многу од сознанијата не се однесуваат само на минатите војни, туку и на војните воопшто. Впрочем, сите војни се исти, стравотни и бесмислени. Како што и новите диктатори ни се причинуваат како да се „копии“ на старите. Тоа е затоа што злото е безлично, а само доброто има лик и достоинство.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми