1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Волк или куче: заловеното животно во Скопје е во карантин

13 мај 2026

Заловено животно во Скопје предизвика дилема – волк или куче? Во тек се проверки, додека животното е во карантин во ЗОО Скопје.

Волк
Заловување на мистериозно животно во скопската населба Козле предизвика големо внимание во јавноста, откако се појавија сомнежи дали станува збор за волк или куче. Фотографија: picture-alliance/imageBROKER

Заловување на мистериозно животно во скопската населба Козле предизвика големо внимание во јавноста, откако се појавија сомнежи дали станува збор за волк или куче. Животното во моментов се наоѓа во карантин во Зоолошката градина во Скопје, додека надлежните институции вршат проверки.

„Не станува збор за волк, туку за чипирано куче“

Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) информираат дека официјални ветеринари на АХВ во текот на денот ќе спроведат вонреден инспекциски надзор во зоолошката градина со цел утврдување на видот на заловеното животно и неговиот здравствен статус.

Животното што во вторникот (12.05) беше пронајдено во скопската населба Козле и пренесено во карантин во ЗОО Скопје и допрва ќе биде предмет на испитувања. На социјалните мрежи граѓаните поделуваат претпоставки дека станува збор за чипирано куче, чии сопственик веќе се обидува да го пронајде. Се спомнува дека животното се вика Сириус.

ЗОО Скопје: „Станува збор за волк чуван незаконски“

Од друга страна, Зоолошката градина во Скопје изнесува поинаква проценка. Според нивните информации, заловеното животно е волк кој бил чуван како домашен миленик, што е незаконски.

Животното било забележано како се движи слободно, со синџир и каивче околу вратот, по што загрижени граѓани го пријавиле случајот. По пријавата, на терен интервенирале припадници на МВР, заедно со екипи од ЗОО и претставници на градските служби. Животното било успешно заловено и безбедно транспортирано.

Животното во карантин

Од ЗОО Скопје информираат дека животното е згрижено и се наоѓа во карантин под постојан надзор.

„Во наредниот период ќе биде под здравствена опсервација и ќе се утврди неговата состојба. За среќа, станува збор за мирно и питомо животно“, соопштија од ЗОО.

Истовремено, тие упатија апел дека чувањето диви животни е забрането и опасно. „Волците не се миленици и не смеат да се чуваат во несоодветни услови“, нагласуваат од установата.

Ризик од нелегално чување диви животни

За случајот реагираше и градоначалникот Орце Ѓорѓиевски,кој остро ја осуди неодговорноста на поединци.

„Ова не е само неодговорност, туку сериозна опасност за јавната безбедност. Очекувам институциите целосно да го расчистат случајот“, напиша Ѓорѓиевски на Фејсбук.

Надлежните институции апелираат граѓаните веднаш да пријавуваат нелегално чување диви животни, со цел да се спречат ризици и инциденти.

Чехословачки волчји пес – можна причина за забуна?

Дополнителна дилема создава постоењето на расата „чехословачки волчји пес“ – куче кое по изглед многу наликува на волк. Оваа раса е создадена во 1955 година со вкрстување на германски овчар и карпатски волк и е позната по исклучителна издржливост, интелигенција и лојалност, но и изглед кој речиси не се разликува од волк. Иако изгледа диво, ова е домашно куче кое со соодветна грижа може да биде верен придружник.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми