1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Партиските препукувања врват - ѓубрето во Скопје стои

ДТЗ
22 октомври 2025

Среде избори, една од најжешките теми стана токму хигиената во главниот град. Актуелната градоначалничка, Данела Арсовска, повторно се врати во фокусот на јавноста, со жестоки препирки со премиерот Христијан Мицкоски.

Скопје се дави во ѓубре
Партиските препукнувања врват - ѓубрето во Скопје стоиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Обвинителството ќе врши проверки во работењето на ЈП „Комунална хигиена“, а вонредни инспекции на терен ќе треба да преземат низа активности поради алармантната ситуација со отпадот во Скопје. Во меѓувреме, скопските општини и понатаму се затрупуваат во купишта ѓубре, а жителите на главниот град стравуваат од болести и зарази. 

Среде избори, една од најжешките теми стана токму хигиената во главниот град.Актуелната градоначалничка, Данела Арсовска, која изминатиот период беше во сенка, по инцидентите и нападот во скопската населба Чаир, повторно се врати во фокусот на јавноста, со жестоки препирки со премиерот Христијан Мицкоски. И овојпат, како и многупати досега, кавгата е околу надлежностите - кој треба да го исчисти градот од купиштата отпад коишто се жариште за потенцијална зараза?

Добро утро во Скопје затрупано во отпад

„Добро утро господине Мицкоски. Проблемот со ѓубрето е апсолвирана тема, здружено со твоите кадри вие го креирате и континуирано правите хаос, кој бидејќи сте ’способни’ ќе го ’решите’ за 72 часа. Да заклучиме - штом се средува за 72 часа ептен било лесно да се реши, не знам што чекавте досега, многупати те повикав во интерес на граѓаните да соработуваш“, вели Арсовска во објава на социјалните мрежи. 

Реакцијата следи откако Владата им наложи на неколку институции да преземат итни мерки за решавање на проблемот со собирање и транспортирање на комуналниот отпад на територијата на Град Скопје.

Вонредни надзори и контроли 

Државниот комунален инспекторат, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Институтот за јавно здравје, во соработка со Министерството за внатрешни работи, треба да спроведат вонреден инспекциски надзор на територија на Град Скопје, со цел утврдување на состојбата со комуналниот и друг вид на отпад и преземање соодветни мерки и активности.

МВР, пак, во соработка со надлежните институции, треба да го испитаат работењето на ЈП Комунална хигиена-Скопје и градоначалникот на Градот Скопје во врска со несобирањето на комуналниот отпад, кој предизвикува опасност по здравјето на луѓето.

„Ајде ајде, финансова полиција и МВР по твоја нарачка експресно упаѓаат по институции два дена откако ќе пријави твој партиски другар. Значи се можело. А, јас повеќе од 6 месеци пријавувам и чекам во Чаир со тебе и твоиве институции заедно да одиме да ти го покажам лично криминалот“, коментира Арсовска со порака упатена на адреса на премиерот. 

Некои од граѓаните на објавата на Фејсбук коментираат дека градоначалничката 24/7 е посветена само на случувањата во Чаир, и од удобноста на нејзината топла канцеларија пишува статуси, додека цело Скопје се гуши во нечистотија. „На терен нѐ тепаат, а од МВРО ВМРО не нѐ бранат“, одговара Арсовска.

Треба ли да се прогласи вонредна состојба поради состојбата со сметот во главниот град?Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Се вклучува и Обвинителството

Основното јавно обвинителство Скопје веќе постапува и презема дејствија за обезбедување докази за евентуално кривично дело. Тие информираа дека јавен обвинител издал наредби до Министерството за внатрешни работи и до другите надлежни органи итно да постапат и да извршат проверки за работењето на ЈП „Комунална хигиена“

„Доставени се барања до комуналните инспекциски служби да извршат вонреден инспекциски надзор и да ја констатираат моменталната состојба“, велат од Обвинителството.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, побара од Владата да прогласи вонредна состојба поради состојбата со сметот во главниот град. Јавното комунално претпријатие изминатите пет дена воопшто не се појавило на улиците во Центар за да го собере ѓубрето, поради што состојбата е алармантна.

Од ЈП „Комунална хигиена – Скопје“ преку соопштение тврдеа дека нивните вработени испорачуваат основни услуги за градот, но како претпријатие се постојано саботирани од „луѓе од власта“. Тие изразија загриженост, затоа што наводно се подготвувале протести поради доцнењето на платите на вработените.

Платите на вработените доцнат пет дена, од кога затрупувањето на градот во отпад, доживеа кулминација. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми