1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаДанска

Повторно дронови над аеродромите во Данска

ЖА
25 септември 2025

Во Данска повторно се забележани дронови над аеродромите, овој пат беа погодени и воени бази. Воздушниот простор во Алборг беше привремено затворен, а полицијата пријави случаи на вкупно четири аеродроми.

Авион на сакндинавската компанија САС на аеродромска писта
Воздушниот простор во Алборг беше привремено затворен, а полицијата пријави случаи на вкупно четири аеродромиФотографија: Mads Claus Rasmussen/Ritzau Scanpix/picture alliance

Во Данска повторно се случи инцидент со дронови, поради што воздушниот простор над аеродромот Алборг ноќеска беше привремено затворен, како што објави полицијата. Дронови се видени и над аеродромите Есбјерг и Сендерборг, како и воздухопловната база Скридструп, каде што се стационирани борбени авиони Ф-16 и Ф-35.

Аеродромот Алборг го користи и војската, затоа од затворањето беа засегнати и вооружените сили. Шефот на полициските операции, Јеспер Бојгард, според данските радиодифузери ДР и ТВ 2, изјави дека неколку дронови биле забележани во 21:44 часот. Дури неколку часа подоцна е укинато затворањето, откако дроновите го напуштиле воздушниот простор над аеродромот.

Локалната полиција ноќеска започна истрага, поддржана од националната разузнавачка служба и армијата. Бејгард во меѓувреме објави дека ќе соборат беспилотни летала доколку се појави можност и доколку е безбедно да се стори тоа.

Точниот број на беспилотни летала сè уште не е познат - ниту пак има информации за нивната големина. „Сè уште е прерано да се каже која е целта на беспилотните летала и кој стои зад нив“,изјави полициски службеник. Сепак, шефот на Федералната полиција, Торкилд Фогде, на прес-конференција доцна ноќта изјави дека активноста на беспилотните летала во Алборг била приближно слична на онаа во Копенхаген пред неколку дена. Бил забележан сличен модел, беспилотните летала биле јасно видливи и имале вклучени светла.

Според полицијата, за патниците на аеродромот Алборг не постоела опасност. Три лета биле пренасочени кон други аеродроми, а еден дојдовен лет и две појдовни конекции биле откажани.

Фогде додаде дека многу луѓе низ целата земја пријавиле видувања на беспилотни летала од понеделникот. Некои од нив биле од интерес за полицијата и војската.

Аеродромот во Копенхаген пред два дена беше затворен неколку часа поради видени дроновиФотографија: Steven Knap/Ritzau Scanpix/AFP/Getty Images

Два дена претходно,  во Копенхаген главниот аеродром во земјата  беше затворен четири часа поради видувања на беспилотни летала. Околу 100 летови беа откажани, а десетици илјади патници беа погодени.

Премиерката Мете Фредериксен инцидентот го нарече „најсериозниот напад врз данската критична инфраструктура досега“. Идентитетот на оние што стојат зад него останува нејасен. И аеродромот во норвешката престолнина Осло мораше да биде затворен поради беспилотни летала.

Фредериксен не сакаше да ја исклучи можноста  Русија да е вмешана во инцидентот. Данска ја поддржува Украина финансиски, воено и политички во нејзината  одбранбена борба.

Пред неколку дена, украинската војска објави видео на кое наводно се прикажани борбени авиони Ф-16 во акција против Русија. Данска, меѓу другите, ги обезбеди авионите, кои се драгоцени за Украина.

Претходниот викенд,  сајбер напад врз давател на ИТ услуги  доведе до прекини на работата на неколку европски аеродроми. Кон средината на септември,  беспилотни летала се појавија во полскиот воздушен простор, а неколку дена подоцна, борбени авиони влегоа во естонскиот воздушен простор.  НАТО ја обвинува Русија за овие повреди на воздушниот простор.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми