Дронови над аеродромите во Копенхаген и Осло
23 септември 2025
По забележување на неколку дронови, воздушниот сообраќај на аеродромот во данската престолнина Копенхаген беше привремено прекинат. По околу четири часа, властите го укинаа затворањето, но одложувањата и откажувањата на летови ќе продолжат, објави аеродромот на платформата X. Полицијата претходно објави дека два или три големи дронови се забележани во близина на аеродромот.
„Полицијата започна интензивна истрага за да се утврди видот на дронови", изјави заменик-шефот на полицијата во Копенхаген, Јакоб Хансен. „Дроновите исчезнаа, а ние не сме пронашле ниту еден од нив“. Според службата за следење на летови FlightRadar, биле пренасочени околу 50 летови.
Аеродромот Копенхаген-Каструп е еден од најголемите аеродроми во Скандинавија. Патнички авиони летаат оттаму секојдневно и до германските градови. Како што објави новинската агенција ДПА, два лета до Хамбург и Берлин, и еден од Франкфурт, кои доцнеа, се откажани во понеделник вечерта, но дали ова е поврзано со забележаните дронови првично беше нејасно.
Според данскиот радиодифузер ДР, други летови бележат големи доцнења, а некои на пат кон Копенхаген се пренасочени и кон малиот град Билунд.
Дронови беа забележани и на аеродромот во Осло во текот на ноќта, како што објави норвешкиот радиодифузер НРК. Цитирајќи го операторот, Авинор, во извештајот се наведува дека и аеродромот и воздушниот простор над Осло биле затворени, дојдовните летови се пренасочувани, според портпаролката на аеродромот. Воздушниот простор и во Осло оттогаш е повторно отворен.
Според властите во Данска и Норвешка, во тек е истрага за тоа дали постои врска помеѓу двата инцидента.
Минатиот викенд, сајбер напад врз давател на ИТ услуги доведе до прекини на неколку европски аеродроми, вклучувајќи ги Берлин, Брисел, Лондон Хитроу и Даблин. Некои од аеродромите се соочуваа со проблеми и во понеделникот.
Безбедносните загрижености во северна Европа се зголемија и поради неодамнешниот бран руски саботажни активности, како и повеќекратните упади на беспилотни летала и борбени авиони во воздушниот простор на НАТО во последните недели.