1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Возила пресретнувачи ќе ги „ловат“ сообраќајните прекршоци

ДТЗ
26 декември 2023

МВР доби две возила-пресретнувачи со кои ќе врши контрола на сообраќајот. Секој прекршок ќе биде снимен, видео снимката ќе се складира и во секое време може да се искористи како доказен материјал пред суд.

возила МВР
Возила пресретнувачи ќе ги „ловат“ сообраќајните прекршоци Фотографија: Inneministerium Nordmazedonien

Македонската полиција во возила пресретнувачи во иднина ќе ја зголемува безбедноста на патиштата. Станува збор за две возила опремени со системот PolCam, внатрешен уред дизајниран за контрола и мониторирање на сообраќај и прекршоци на возила во движење. Тие ќе ги „ловат“ и ќе ги документираат бројните сообраќајни прекршоци. Во иднина минувањето на црвено светло,возењето со поголема брзина од дозволената, непрописното престигнување и други прекршоци не ќе можат да поминат незабележано, а сторителите не ќе можат да куртулат и од казни. Секој прекршок ќе биде снимен, видео снимката ќе се складира и во секое време може да се искористи како доказен материјал пред суд. 

25 фотографии во секунда

„Уредот овозможува видео запис од 25 фотографии во секунда, мапа на која што се покажува локацијата каде е направено видеото, а има и опција за пронаоѓање и автоматско препознавање на регистарски таблички кои направиле прекршоци“, велат од МВР.

Интегрираните уреди се од полската компанија PolCam кои преку поставените камери со висока резолуција на предниот и задниот дел од возилото во денски и ноќни услови и во движење бележат видео записи од сторените прекршоци.Брзината на движење на возилата може да се мери на фиксна и променлива оддалеченост од возилата.

Секој прекршок ќе биде снимен, видео снимката ќе се складира и во секое време може да се искористи како доказен материјал пред суд. Фотографија: Inneministerium Nordmazedonien

Видео доказите ќе се складираат

Бележаните видео записи се складираат во хард диск кој е поставен во задниот дел од возилата и подоцна може да се употребат како веродостоен доказ за сторениот сообраќаен прекршок пред надлежните институции. Покрај документирањето на сообраќајните прекршоци со овој уред може автоматски да се детектираат и препознаат регистарски таблици, кои претходно биле евидентирани за сторен сообраќаен прекршок.

Двете возила денеска во кругот на Министерството за внатрешни работи претседателката на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Гордана Кожуваровска му ги предаде на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, РСБСП дел од своите средства ги наменува за модернизација на опремата на сообраќајната полиција.

„Сејф сити“

Полицијата планира да го надгради и системот со поставување камери во речиси сите градови во земјата, коишто ќе ги регистрираат и снимаат сите сообраќајни прекршоци. Со тоа се стега обрачот околу несовесните возачи, кои често знаат и да избегаат од местото на несреќата и да ја избегнат казната.

Полицијата планира да го надгради и системот со поставување камери во речиси сите градови во земјата, коишто ќе ги регистрираат и снимаат сите сообраќајни прекршоци.Фотографија: picture-alliance/ZB

Но, во иднина поминувањето на црвено, брзото возење, непрописното паркирање, користењето на мобилен телефон за време на возење ќе биде фатено од камерите, а прекршителите ќе мора да платат казни за секој прекршок. Цехот ќе им пристигне на домашна адреса.

Камери коишто ќе евидентираат сообраќајни прекршоци засега ќе има во Скопје, во Тетово и во Куманово, како и на автопатиштата. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, при неодамнешната посета на Штип, рече дека се размислува проектот да се прошири и надгради.  

„Во овој момент го имаме само во Скопје, Куманово и Тетово, а во тек е процес на надградба на целиот овој систем. Надградбата ќе ги вклучи и автопатиштата низ државата и овие три градови и тука ќе се вклучи и електронското утврдување на сообраќајните прекршоци. Идејата е да се прошири, пред сè, во големите градови каде што имаме поголема фреквенција на луѓе“, најави министерот. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми