1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Враќање на џихадот и лагите на Путин

29 март 2024

Насочувајќи го прстот кон Украина, САД и Велика Британија, Путин сака да ја демантира реалноста која е неприфатлива за него, а тоа е дека џихадот не бира мети и дека Западот или Русија се едно исто за исламскиот терор.

„Крокус Сити Хол“ во Москва по терористочкиот напад на 23 мартФотографија: AFP7Getty Images

Движејќи се како надвор од времето и логиката, игнорирајќи ја западната реалполитика и неоимперијалниот консензус кон деспотизмот на Путин, исламскиот џихад излезе од својата сенка, разобличувајќи ги нашите заблуди дека е мртов и дека историјата и светот се моделираат според нашите замисли и желби.

Уште џихад ни фалеше! Сега, заедно со војната во Украина, бескрајниот конфликт во Светата земја, поделбите Север-Југ и демократии против автократии, во услови на предизвикан светски поредок, се придодава и тероризмот, кој токму во поделбите на светот и закрвеноста меѓу силите, го пронаоѓа својот простор и своето погонско гориво. Во време на војна, парафразирајќи го Мао Це Тунг, тероризмот е како риба во вода.

Сега сите аспекти на хаосот се подредени во иста линија, како пред почетокот на Големата војна, во едно сценарио каде и најмалото жарче може да го разгори светското буре барут, морбидно потсетувајќи на Сараево и на чекорите на Принцип. Големите сили полузаспани, раскарани, оддалечени едни од други, без повеќе заеднички инструменти за регулирање на конфликтите, секоја засебно ќе одлучува за своите стравови и реакции, без идеја за заедничка одбрана од злото кое сите нѐ загрозува. Само злото на тероризмот останува универзално во својата закана кон поделениот свет.

Неочекуван удар

Пред точно 2 години Владимир Путин се нафати со редизајнирање на светскиот поредок,  одбирајќи го патот на агресор со цел да ѝ го поврати империјалниот статус на Русија, изгубен по распадот на СССР. Путин се побуни против историјата во која Русија ја загуби Студената војна, поставувајќи се како лидер на една поинаква модерност, спротивна на глобализацијата, отвореното општество и либералните принципи, а во заштита на традицијата, конзервативизмот и наводно универзалната мисија на Моска како лидер на еден нов мултиполарен свет. Путин се кладеше на опортунизмот на сите непријатели на Западот, на противниците на демократијата, на лидерите заведени од авторитаризмот, нудејќи им еден нов антидемократски манифест - во убедување дека западниот либерален поредок е во залез и осуден на нихилизам. Путин ќе се сврти кон Истокот, измислувајќи го геополитичкиот концепт на Евроазија, нов континент за обединување со Моска во центарот како хегемон над постсоветскиот простор, спремен да го претвори во политички субјект. Со тоа Путин отиде и против историјата на Русија и Петар Велики, кој основајќи го Санкт Петербург ѝ отвори прозорец на Русија кон Европа, прозорец кој Путин го затвори, за да ја отвори вратата кон Кина.

Ивор МицковскиФотографија: Privat

Но, историјата и светот не се моделираат според желбите и атентатот на џихадистите ни покажа како сите проекти и концепти, биле империјални или демократски, лесно можат да излезат од својата шина или траекторија. Токму кога рефендумските и неслободни избори требаше на Путин да му ја обезбедат легитимацијата за неговата апсолутна моќ и за војната во Украина, неговата национал-империјалистичка стратегија доживеа сосема неочекуван удар. Масакрот на концертот во Крокус претставува драматичен историски контрапункт, каде човекот којшто се обложи на дестабилизација на светскиот поредок и геополитичката рамнотежа, всушност излезе како жртва на своите постапки. Хибрисот сакаше тоа да се случи во моментот кога сите сили на Русија се фокусирани кон Украина, кога Западот е претворен во непријател, кога светот е најподелен, и кога соработката веќе не постои против еден заеднички непријател. Денес е незамислива големата коалиција против исламскиот тероризам  од 2015-та, која воено ја збриша ИСИС, оставајќи го сепак да преживее како колективна закана.

Факти кои Путин не ги признава

Иронично, но токму и учеството во таа коалиција, каде Путин повеќе го штитеше својот сојузник во Сирија, Башар ал-Асад, и потоа цинично ја напушти во 2019-та, но и успесите во Сахел, од каде со Вагнер ги истера Французите, ја направија Русија идеална мета за џихадистите. Напуштениот Авганистан од НАТО ги отвори вратите за ИСИС-К, која е и против самите талибанци. Јануарскиот атентат во Иран, како и оној во Москва, ни потврдува дека џихадизмот не е поразен, туку само го променил своето крзно. Чеченија сѐ уште е отворена рана за џихадистите и улогата на касапот Кадиров само ја одржа во живот жедта за одмазда. Интересно е да се забележи дека џихадистите во преземањето на одговорноста за масакрот во Крокус, се обратија повикувајќи се на напади врз „сите христијани“, така всушност и предизвикувајќи го Путин на неговото омилено поле: „одбраната на христијанските вредности“. Токму успесите или фактот дека Русија денес е највлијателна од Северна Африка до Авганистан, ги натера џихадистите својот терор да го насочат против неа.

Тоа е еден од фактите кои Путин не ги признава - дека глобалниот џихад е жив и дека е насочен против „сите“ христијани, не правејќи дистинкции дали се работи за православни или католици. Подеднакво, Путин упорно продолжува да тврди дека Украина можеби имала улога во нападот во Москва, во кој загинаа над 140 луѓе, иако некои од внатрешниот круг на рускиот претседател не се согласуваат со него. Наспроти сите факти и очигледности, Путин ја одбира верзијата која највеќе му одговара, дека директната одговорност, како нарачатели, па дури и како организатори, им припаѓа на Украина, САД, Велика Британија или „колективниот Запад“ и нејзината вооружена рака, нацистичкиот режим од Киев, кој, според царот, е одредениот непријател број 1.

А за волја на вистината, токму Американците, уште на 7 март, ја предупредија Русија од неминовен терористички напад на ИСИС, нешто што Москва го отфрли како непријателска пропаганда. Дури и неговиот најблизок сојузник, белорускиот претседател Александар Лукашенко, се чинеше дека го поткопува тврдењето на Путин дека осомничените се обидувале да побегнат во Украина.

Се разбира, токму со овој лажен наратив, Путин, кој веруваше дека ИСИС не е закана за Русија, и дека џихадистичките групи од Сахел, Газа, до Црвеното Море може да станат алатка во неговата стратешка игра против Западот, еднаш брутално демантиран, сега си зададе сосема нови цели.

Лагите на Путин се на штета на Русија

Првата цел му е да ја оправда воената ескалација против Украина, која започна веднаш после атентатот, преку бомбардирање на Киев, Лвов и Одеса. Втората цел му е да си го поврати кредибилитетот пред сонародниците, кои само една недела претходно го крунисаа по петти пат. На денот на изброите Путин ветуваше воена сила, внатрешна безбедност и економска сигурност, ветувања кои паднаа во вода на 22 март и кои ги вратија Русите во првите денови од неговото владеење, одбележени од терористички атентати во театрите, училиштата и домовите.

Поместувајќи ја одговорноста за атентатот на воената состојба е само уште еден начин на Путин како да го смири немирот кај Русите од терористичките напади и да ја избегне одговорноста за пропустите на безбедносните сили и некомпетентноста на службите. Конечно, насочувајќи го прстот кон Украина, САД и Велика Британија, Путин сака да ја демантира реалноста која е неприфатлива за него, а тоа е дека џихадот не бира мети и дека Западот или Русија се едно исто за исламскиот терор.

Големите лаги на Путин одат директно на штета на Русија и наредните недели и месеци ќе ни кажат дали Царот ја разбрал пораката - дека само со прекин на неговата деструктивна улога кон светскиот поредок и колективната одбрана и безбедност, односно, дека само преку соработка со Западот, може да се надева на некаква заштита од исламскиот тероризам. Досегашната тактика на воена победа во Украина можеби и ќе даде краткорочни плодови, но нема да ја реши долгорочната руска ранливост од тероризмот на своите граници и во своето соседство.

А можеби и доволно е во ушите на Путин да одекнат предупредувачките зборови искажани од ајатолахот Хомеини кон Горбачов во 1989-та: „Кристално јасно е дека исламот ќе ја наследи Русија“.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми