1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Слобода на медиумитеСоединети Американски Држави

Враќање на Џими Кимел полно со емоции - и со пледоаје

Тагесшау | ЕМФ
24 септември 2025

Џими Кимел се врати во етер. Во својата прва емисија по паузата поради неговиот коментар за атентатот на Чарли Кирк, тој даде изјава за тоа, но зазеде и јасен став за слободата на изразување.

САД Лос Анџелес | Шоуто „Џими Кимел во живо!“
Шоуто на Џими Кимел е вратено на програмаФотографија: Randy Holmes/Disney via AP/picture alliance

Во првата емисија по запирањето на шоуто, американскиот водител Џими Кимел одржа пледоаје за слобода на изразување. Неговото шоу не е важно, рече Кимел: „Важно е што живееме во земја каде што е дозволено да се има емисија како оваа“.

„Несоодветно или нејасно, или можеби и двете“

Со растреперен глас, тој рече дека никогаш не сакал да го тривијализира убиството на еден млад човек. Насилството никогаш не е решение, нагласи Кимел, осврнувајќи се со тоа на причината за привременото стопирање на „Џими Кимел во живо!“ минатата недела: неговиот коментар за смртоносниот напад врз ултрадесничарскиот активист Чарли Кирк.

Телевизијата Еј-Би-Си го суспендираше шоуто на Кимел откако тој во својата емисија рече дека многу поддржувачи на Трамп ја инструментализираат смртта на Кирк и „очајно се обидуваат да го прикажат ова дете кое го уби Чарли Кирк како некој друг, а не како еден од нив“.

Во својата емисија Кимел сега рече дека не му било намера да обвини некоја посебна група за постапките на „ова очигледно длабоко вознемирено лице“. „Тоа беше токму спротивното од она што сакав да го кажам“, рече Кимел, додавајќи дека разбира оти неговите забелешки за некои можеби биле „или несоодветни или нејасни, или можеби и двете“.

Компанијата „Волт Дизни“, која е сопственик на Еј-Би-Си и емисијата „Џими Кимел во живо!“, објави дека продукцијата на емисијата пред една недела била прекината за да се избегне натамошно ескалирање на напнатата ситуација во земјата. Тие сметаат дека некои од коментарите на Кимел биле несоодветни. Во последните денови имало интензивни дискусии со Кимел, што довело до одлуката за продолжување на емисијата.

Со растреперен глас, Кимел рече дека никогаш не сакал да го тривијализира убиството на еден млад човекФотографија: Raoul Gatchalian/STAR MAX/IPx/picture alliance

Трамп го критикува враќањето

Портпаролот на организацијата „Пресвртна точка САД“ на Кирк, Ендру Колвет, на платформата X напиша дека не е изненаден од крајот на суспензијата на шоуто. Тој смета дека таквата одлука е грешка.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, исто така го критикуваше враќањето на Кимел. Во објава на неговата платформа Трут соушал, тој ја обвини Еј-Би-Си дека во однос на Демократската партија игра „99 проценти позитивно демократско ѓубре“. Трамп, исто така, го обвини Кимел дека е „уште една рака“ на централата на Демократската партија. Трамп навести и дека може да покрене правни чекори против Еј-Би-Си.

Тој напиша дека не може да поверува дека Кимел ја добил работата назад. Тој веќе еднаш ја тужел Еј-Би-Си, објасни Трамп, и „ова изгледа уште попрофитабилно“. Еј-Би-Си минатата година му плати на Трамп 16 милиони долари за да реши тужба. Притоа се работеше за известување во врска со граѓанска тужба против Трамп.

Кимел, од своја страна, го обвини Трамп дека не е во состојба да издржи критика - и дека ги уништува луѓето за свои интереси. „Претседателот на Соединетите Американски Држави јасно стави до знаење дека сака јас и стотици луѓе кои работат тука да ги изгубат своите работни места“. Трамп е среќен што Американците ги губат своите средства за живот „затоа што тој не прифаќа шеги“, критикуваше Кимел.

Протести од Хенкс, Стрип, Де Ниро...

Организацијата Американска унија за граѓански слободи ја поздрави најавата за продолжување на шоуто на Кимел: „Еј-Би-Си донесе правилна одлука“.

Минатата недела, Трамп го поздрави откажувањето на шоуто на Кимел како „одлична вест“. Претседателот, исто така, им се закани на другите критички телевизии со одземање на нивните лиценци и со откажување на емисиите на други добро познати водители. Ова на многу места беше дочекано со огорченост. Синдикатот на актери и медиуми САГ-АФТРА ги осуди мерките против Кимел.

Демонстрации во Холивуд за слобода на медиумитеФотографија: Brian Cahn/ZUMA/picture alliance

Многу холивудски ѕвезди ја изразија својата солидарност со Кимел и потпишаа протестни писма, вклучувајќи ги Том Хенкс, Мерил Стрип и Роберт де Ниро. Водители на шоуа како Стивен Колберт го обвинија медиумскиот надзорен орган, под раководство на, од Трамп назначениот, Брендан Кар, за „цензура“. Дури и во рамките на таборот на Трамп, имаше предупредувачки гласови да не се оди предалеку во ограничувањето на слободата на медиумите.

Кимел ги критикува Синклер и Некстар

Две големи медиумски компании - Синклер и Некстар - не го продолжија емитувањето на „Џими Кимел во живо!“ на нивните Еј-Би-Си партнерски станици и наместо тоа емитуваа други програми. Станицата на Еј-Би-Си во Вашингтон исто така беше засегната. Медиумската компанија Синклер објави дека ќе емитува вести наместо емисијата на Кимел. Сепак, како што додаде компанијата, разговорите со Еј-Би-Си се во тек и се разгледува евентуално враќање на емисијата.

Кимел ги критикуваше телевизиските станици кои ја откажаа неговата емисија. „Ова не е легално. Ова не е американско. Ова е неамериканско.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми