1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вратени 20 украдени македонски икони

МИА | ДТЗ
16 декември 2023

Незаконски изнесените икони, кои вчера беа предадени на македонската делегација во Тирана, се изложени во Музејот на Северна Македонија.

Северна Македонија икони
Дваесет икони украдени од македонските цркви, претежно од струшкиот регион, се вратени во Северна Македонија од страна на АлбанијаФотографија: Government of North Macedonia

Вкупно 20 икони украдени од македонските цркви, претежно од струшкиот регион, се вратени во Северна Македонија од страна на Албанија во рамките на договорот за соработка меѓу двете држави потпишан минатата година. Македонскиот премиер Димитар Ковачевски изјави дека „за првпат во нашата држава, успешно заврши реституција на културно наследство“:

„Се работи за навистина една голема и сеопфатна акција на МВР на Албанија, во која се откри голем канал на крадење, шверцување и уништување на едно историско културно наследство и оттука мора да изразам благодарност и до МВР на Албанија, посебно до премиерот Рама, кој откако се откри што има фатено полицијата на Албанија, веднаш кажа дека штом се завршат процедурите од страна на министерствата, ќе биде вратено во нашата држава“, рече Ковачевски.

Иконите беа изложени во Музејот на Северна МакедонијаФотографија: Government of North Macedonia

Постапката за враќање на украдените икони почна во 2013 година, со интензивни активности последните две години.

Во периодот од 2009 до 2013 година имаше силен бран на насилно влегување во црквите, особено во Западна и Југозападна Македонија, при што се однесоа стотици икони. Само на подрачјето на Одделението за внатрешни работи Струга, како што информира за МИА портпаролот Стефан Димоски, имало 22 пријави за „кражба“ и „тешка кражба“ на икони од цркви. Три пријави за кривични дела „тешка кражба“ во цркви во струшко, според него, имало и во 2017 година.

„Кривичните дела се извршени во цркви лоцирани во Струга, Вевчани како и во селата Мали Влај, Радожда, Ташмаруништа, Долна Белица, Безево, Јабланица, Луково, Селци, Буринец, Модрич, Дренок... Во останатите години, пријавени се кражби од цркви со одземање пари и друг црковен прибор“, изјави Димоски.

За првпат во регионот се случува да биде вратено украдено заштитено културно добро, изјави македонската министерка за култура Бисера Костадиновска СтојчевскаФотографија: Government of North Macedonia

Незаконски одземените икони од македонските цркви случајно ги забележале македонски експерти вo 2013 година, на прилог со премиерот Еди Рама на албанска телевизија.

Една од иконите албанскиот премиер Рама, симболично во знак на соработка му предаде на македонскиот колега Димитар Ковачевски при потпишувањето на договорот за враќање на иконите минатата година во Скопје.

Министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, вчера во Музејот на Северна Македонија истакна дека за првпат во регионот се случува да биде вратено украдено заштитено културно добро: 

„Според расположливите податоци во светот воопшто исклучително ретко се случува да бидат вратени незаконски културни добра онаму од каде што се земени“, нагласи министерката.

Таа информираше дека дваесетте икони ќе останат во Музејот на Северна Македонија, каде што ќе им биде извршен конзерваторски третман во зависност од потребите на секоја икона одделно, а по целосното завршување на конзервацијата, иконите ќе бидат изложени за јавноста во овој музеј за после извесен период да се вратат по храмовите.

На вратените икони ќе им биде извршен конзерваторски третманФотографија: Government of North Macedonia

По завршувањето на процесот за враќање на 20-те украдени икони во земјата, предвидено е отворање на нов процес за враќање на уште еден контингент идентификувани икони во Албанија.

„Сакам да ве информирам дека се идентификувани уште икони кои се во текот на изминатите децении украдени од Македонија и во моментов се работи на соодветни анализи кои ги прават стручните лица и во текот на наредниот период повторно ќе биде спроведена постапка за нивно враќање во нашата држава“, информираше премиерот Ковачевски. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми