1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИран

Време е за револуција на жените во Иран

7 октомври 2022

Протестот на жените во Иран, нивната желба за самоопределување, ги повлекува сите останати во едно народно движење за одбрана на животот и на слободата. Пишува Ивор Мицковски.

Фотографија: Privat

Во Иран не запираат антивладините протести поради смртта во затвор на 22-годишната Махса Амини, откако ја уапси полицијата за морал. Амини почина на 16 септември во притвор во Техеран, откако беше уапсена поради неправилно носење на хиџабот.

Во многу градови и низ универзитетите одекнува преубавиот слоган: „Жени, Живот, Слобода“, додека владината репресија станува се посилна, досега убивајќи 133 лица низ целата земја, додека само 40 беа убиени изминатата недела во судирите во Захедан, главниот град на провинцијата Систан и Белуџистан.

Додека мачоистичкиот режим на Путин се заканува со нуклеарни оружја и иживување врз машката популација која бега од присилната мобилизација, додека мизогиниот и фемициден теократски режим на ајотоласите ги масакрира своите ќерки, жените од Иран и светот се спротивставуваат и покажуваат отпор, кој може да доведе до пад на режимот.

Слоганот „Жени, Живот, Слобода“ е исполнет со многу значење и почнува да се извикува и од мажите, татковците и браќата низ Иран и светот, во поддршка на женските права, слободи и идентитет. Протестот на жените, нивната желба за самоопределување ги повлекува сите останати во едно народно движење за одбрана на животот и слободата.

Повеќе од авторот: Момент на вистината за Мелони и Италија

Водечкиот фактор е женскиот, но за разлика од 1979 година и Исламската револуција, која покрај религиозната имаше и силна марксистичка и антизападна компонента (затоа и многу жени тогаш одбираа самоволно да носат хиџаб), денес жените не се осамени во својата борба. Мажите почнуваат да го препознаваат водството на жените и ги поддржуваат во борбата. Актуелните протести креираат еден колективен идентитет против режимот, спротивставувајќи се на системската мизогинија и бескрајниот фемицид во една демонстрација на еднаквост каква што не е видена со децении во културно богатата, хетерогена и мултиетничка историја на некогашната Персија.

Ирански весник со текст на насловната страница за смртта на Махса Амини во полициски притвор (18.09.2022)Фотографија: Majid Asgaripour/REUTERS

Тоа што иранскиот режим слабо го разбира е дека кога наметнуваш диктатура врз личните аспекти на поединецот, почнувајќи од тоа како луѓето да се облекуваат, тоа со себе носи огромни ризици. Тоа ја приморува државата да ги контролира сите, или барем цела една категорија како жените. Тоа пак го зголемува бројот на луѓе кои имаат лични причини да го мразат системот и да му се спротивстават. Штом секоја жена во Иран е приморена да носи исламска шамија и хиџаб, тогаш тие жени имаат инструмент како да започнат сопствена револуција. А би требало добро да знаеме, дека женските движења се непоколебливи и незапирливи, дека поаѓајќи од себе, поставуваат прашања и проблеми кои се од витално значење за целата заедница и општество - прашања кои ги тангираат сите подеднакво.

Затоа овој пат „чуварите на религијата“ или „полицијата за морал“ не наидуваат на апатични или инертни погледни од страна на мажите, туку налетуваат на нивниот бес и камења. Затоа што голем број на Иранци, особено од младите генерации кои денес се апсолутно мнозинство, сфатија дека само доколку напредува слободата на жените, тогаш сите ќе бидат слободни. Да не заборавиме, борбата на Иранките е глобална борба, која само ќе расте. Жените се секогаш последните кои се изборуваат за своите права, но и првите чии права се ускратуваат, доволно е да видиме што се случува денес во Америка.

Ова е прв пат да бидеме сведоци на народен бунт во Иран кој нема чисто политички мотивации, како што беше во 2009-та, против изборните измами за победата на Ахмадинеџад, или пак економски, како во 2019-та коа се протестираше против поспакувањата на лебот и горивата. Овој пат, слоганот „Жени, Живот, Слобода“ се раѓа од барањето на жените да не бидат и понатаму потчинувани и опресирани од еден средновековен режим кој им ги негира правата и идентитетот. Оттука и симболот кој го инкарнира бунтот: сечењето на косата е имитирање на гестот кој во иранското општество означува жалење, тага и загуба. Потекнува од погребите во античка Персија и е споменато во епската поема „Шахнаме“ или „Книгата на кралевите“, напишана од Абдул Касим Фердоси помеѓу 977. и 1010. година. Иранките и се спротивставуваат на теократијата преку идентификација со 22-годишната Курдијка и гордоста на персиските корени кои ајатоласите ги избришаа од книгите на историја со цел да ја наметнат идеологијата на шиитскиот Џихад.

Потстрижувањето на косата стана симбол на протестот на Иранките поради смртта на Махса Амини

Повеќе од авторот: Ќе преживее ли монархијата и Обединетото Кралство по Елизабетанската ера?

Младинските протести, кои не се ограничени само на младата популација, носат со себе одредени важни новини, како и одреден континуитет со протестите од минатото. Како што реков, главната новина е што протестите не се стриктно политички мотивирани, туку се израз и на длабоко вкореното незадоволство со економската ситуација и недостатокот на работа и перспективи за младите, како и поради бескрајната меѓународна изолација на земјата.

Убиството на Махса Амини од страна на полицијата не е централниот фактор за протестите, колку што е искрата која го запали длабоко раширеното незадоволства кај голем дел од популацијата која пак е погодена од серија на проблеми кои се перпетуираат со децении во иранското општество.

Невработеноста, корупцијата, бесперспективноста, инфлацијата и економската криза, лошото владеење и се помалата толеранција кон ригорозноста на автократијата и теократијата, го составуваат збирот од незадоволства кои продираат и се шират низ сите генерации. Иако протестот почнува како борба на жените против наметнувањето на хиџабот, всушност станува збор за општествен феномен кој ја инволвира целата држава.

Овој пат бунтот навистина може да ги растресе институциите на Исламската Република. За разлика од протестите пред една деценија или две-три години, кога врховниот лидер Али Хосеини Хамнеи беше неограничено моќен и имаше тотална контрола над општеството, денес тој е слаб и според повеќе извори, тешко болен. Пред неколку години Иран извезуваше преку 2,3 милиони барели нафта дневно, додека денес благодарение и на санкциите, извезува не повеќе од 800 илјади. Тогаш протестите беа политички и воглавно сконцентрирани во Техеран. Денес тие се однесуваат на човековите права, имаат силна етничка компонента и се расфрлани и до најдалечните провинции на земјата.

Дополнителен проблем за режимот е тешката политичка транзиција помеѓу првата генерација или „татковците на Исламската Република“, како Хамнеи и втората генерација која ја водеше војната против Ирак, и која ја преставува економската, воената и административната срж на актуелната Исламска Република.

Овие две генерации се во акутен судир со третата генерација Иранчани, која е најбројна и се состои од 75% од општеството, вклучувајќи ги сите кои имаат помалку од 35 години, и кои се уште се политички незастапени, нечуени од елитата и исклучени од одлучувачките процеси. Како главни жртви на непопуларните мерки и норми и најпогодени од економската криза, токму оваа генерациска група понесена од индигнацијата за убиството на Амини, собра храброст да излезе на улиците и го сочинува мнозинството од толпата која протестира со недели.

За жал, овие протести покажуваат и еден елемент на континуитет со протестите од минатото и тоа е главниот фактор на слабост кај младинските напори во барањата за промени и реформи. Тоа е отсуството на вистински политички лидершип кој би можел да му даде перманентен и структуриран карактер на протестното движење. Отсуството на тој критичен фактор, може да доведе до тоа, како и во минатото, после една акутна фаза на широка народна партиципација во протестите, таа енергија да се истроши, да се намали во интензитет и потоа самостојно и спонтано да се изгасне. Дали тоа ќе биде под притисок на репресијата на параноичниот ирански режим или поради некоја минимална концесија, останува да видиме.

Врховниот лидер Хамнеи, после денови молк, се огласи во јавноста на 3-ти септември, кога ја коментираше еволуција на протестите, повикувајќи се на неизбежниот, но и веќе „офуцан" наратив за странска вмешаност, особено на САД, во динамиките на протестот. Тоа само ја потврдува сериозната ограниченост на актуелниот ирански естаблишмент, чиј лидершип е параноичен, изолиран, фокусиран на самоодржување и смртно уплашен од соборување.

Иранските средношколци се придружуваат кон анти-владините протести кои избувнаа во земјата по смртта на Махса АминиФотографија: SalamPix/abaca/picture alliance

Хамнеи сепак направи и нешто неочекувано и сосема ново во неговиот говор кога порача дека меѓу жените кои се ослободуваат од шамијата во знак на протест има и голем број кои ја поддржуваат и бранат Исламската Република. Признанието дека жените кои не носат хиџаб можат и понатаму да бидат поддржувачки на врховниот лидер, делува како спасителна формула за режимот, но нема гаранции дека таквата концесија е дефинитивна или пак дека ќе добие поддршка од најекстремните елементи во општеството. Сепак, додека се подава некаков вид на рака кон демострантите, полицијата не престанува да ги тепа и убива студентите на универзитети, така уништувајќи ја енергијата и развојот на најдобрите таленти од земјата, нешто што само кажува за степенот на самоуништување на иранскиот режим.

Повеќе од авторот: Со страв и нуклеарни закани Путин се спасува од воен пораз

Останува да се види како домашните немири ќе влијааат на надворешно политичкото однесување на Иран, како на пример, преговорите за враќање на нуклеарниот договор. Неколку европски Влади го предупредија Техеран да ја среди ситуацијата и да не претерува во репресијата. Најверојатно нештата ќе се држат одделени и нема да има прекин на преговорите, од проста причина што не постои друга алтернатива.

Ситуацијата е безизлезна, режимот се повеќе се затвора во себе, уплашен од крајот, додека обогатувањето на ураниумот за воени цели забрзано продолжува. Ако не испреговара некаков договор околу нуклеарното прашање тогаш Иран никогаш нема да добие отварање на своите пазари, што поради американските санкции, што поради можните нови европски санкции. Оттука, заробен во еден маѓепсан круг, Иран никогаш нема да излезе од економската криза, која е една од причините за протестите. Прашање е дали Западот не треба самиот да излезе од преговорите, затоа што режим кој ја задушува слободата преку крвопролевање, реално не заслужува ослободување од санкциите.

Како и да е, во Иран е време за револуција на жените, но за таа револуција да успее неопходно е движењето да обезбеди стабилно политичко водство, кое засега не постои. За граѓаните на Западот морален и политички императив е да бидат на страната и да дадат поддршка кон оние кои ги жртвуваат своите животи за слободата. Секој тиранин е закана за сите нас!

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми